Скопје
Доделени наградите 13 Ноември
Свеченоста по повод одбележување на Денот на ослободување на Скопје, 13 Ноември, се одржа во недела вечер во Македонската опера и балет.
Во рамки на свеченоста, градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски, на добитниците на признанието „13 Ноември“ на Град Скопје, за 2016 година, им ги врачи наградите.
„Наша должност да ги поттикнуваме и да им го вреднуваме несебичниот труд на сите оние наши сограѓани кои со својата работа и достигнувања вложувале и вложуваат во развој на Скопје, како град во кој се негува духот на традицијата, солидарноста и мултикултурниот соживот. Токму традиционалната годишна награда „13 Ноември на Град Скопје“, за особени достигнувања и остварувања во сите сегменти на животот, е знак на признание на Градот Скопје кон сите оние кои што со својот труд и достигнувања придонеле за неговиот развојот, но и за севкупниот напредок и афирмација на Република Македонија, во и надвор од нејзините граници“, рече скопскиот градоначалник Коце Трајановски.
Добитници на Наградата „ 13 Ноември“ на Град Скопје, за 2016 година се:
Од областа на науката:
1. МИХАИЛ ГАРЕВСКИ, универзитетски професор, за значајни остварувања во областа на науката, образованието и градежното конструктерство
2. АСЛАН ХАМИЛИ, професор на Филолошкиот факултет „Блаже Коневски“- Скопје, за значајни континуирани остварувања во науката и образованието.
Од областа на образованието и воспитанието
1.ТОМИСЛАВ ДИМИШКОВСКИ, професор во пензија, за значајни остварувања во областа на образованието и воспитанието.
Од областа на културата
1.АЛЕКСАНДАР КУЈУНЏИСКИ, писател за деца и млади, за значајни долгогодишни остварување во областа на културата и уметноста.
Од областа на уметноста:
1.МУШЕРЕФ ЛОЗАНА ПРЕКИЌ, актерка во пензија, за посебен придонес во популаризацијата на театарската уметност во град Скопје.
2.ЛЕТКА ПОЛИЗОВА ДИМОВСКА, хорски диригент, за 40-годишна професорска работа како диригент на женскиот камерен хор „Св.Злата Мегленска“
Од областа на публицистиката и архитектурата
1. ВАНГЕЛ БОЖИНОВСКИ, архитект, за долгогодишни истражувања, популаризирање и развој на град Скопје и за архитектонско креирање на повеќе значајни објекти.
Од областа на хуманитарната активност
1.АЛМИНА АЛИЛОВИЌ, студентка, за покажана хуманост и спасување човечки живот.
За ученици и студенти
1.ЕВА КАРАМАНОВСКА, ученик во ООУ „Рајко Жинзифов“, за континуирани успешни постигнувања во наставните и воннатавните активности.
2.МАРКО НАУМОВСКИ, ученик во СУГС„д-р Панче Караѓозов“, за континуирани успешни постигнувања во наставните и воннаставните активности.
Во рамки на свеченоста по повод Денот на ослободувањето на Скопје, во фоајето на МОБ, беше отворена и изложба на ликовните дела, што беа насликани на Меѓународната ликовна колонија „Скопје 2016“, а по доделувањето на наградите, во чест на добитниците и по повод празникот на Скопје, настап имаа хорот „Св. Злата Мегленска“, а потоа се одржа оперетата „Глорија“. /крај/со/ст
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Делови од Гази Баба и Ѓорче Петров денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во периодот од 09.00 до 12.00 часот, корисниците од ул. Товарник бр. 3, како и дел од корисниците од ул. Среќко Пужалка. (општина Гази Баба)
– во периодот од 09.00 до 16.00 часот, дел од корисниците од улиците Кичевска и Рафаел Батино. (општина Ѓорче Петров)
Скопје
Кисела Вода го модернизира осветлувањето: LED светилки со паметен систем за контрола
Општина Кисела Вода продолжува со проектот за замена на уличните светилки, со цел подобрување на осветленоста и енергетската ефикасност на јавните површини.
Се работи во населбата Пинтија, во рамките на втората фаза од проектот кој ги опфаќа и населбите Кисела Вода и Припор. Досега, се заменети над 2.400 светилки во населбите Пржино и Црниче. Со новите LED сијалици, осветлувањето ќе биде поекономично, со намалена потрошувачка на енергија во споредба со старите светилки, а нивниот век на траење е 4,2 пати подолг. Дополнително, светилките ќе се управуваат преку паметен систем, кој овозможува подобра контрола и ефективност.
Реализацијата на овој проектот кој се изведува во пет фази, обезбедува безбедни, современи и функционални улици, со пониска потрошувачка на енергија и долготрајни решенија за јавното осветлување во општина Кисела Вода.
Македонија
(Фото) Наставниците од Кисела Вода на подготвителни обуки за европски проекти
Во организација на Секторот за локален економски развој и Секторот за образование при општина Кисела Вода, денес се одржа обука за наставници од основните училишта на територија на општината, наменета за зајакнување на капацитетите за подготовка за европски проекти.

Обуката е дел од континуираните активности на општината, насочени кон унапредување на квалитетот на образованието и создавање современи услови за работа во училиштата, извести Општината.

Градоначалничката на Општина Кисела Вода, Бети Стаменкоска Трајкоска, истакна дека вложувањето во обуки за подготовка за европски проекти претставува значајна инвестиција во иднината на образованието.

– Со јакнење на знаењата и компетенциите на наставниците, создаваме основа за поквалитетна, иновативна и современа настава. Овие обуки им овозможуваат на училиштата да се развиваат, да разменуваат искуства и да бидат дел од пошироките европски образовни процеси, што на долг рок носи придобивки и за наставниците и за учениците, нагласи градоначалничката Стаменкоска Трајкоска.



