Економија
Усвоен предлог закон за Геолошки Завод на Република Македонија

Министерот за економија Ваљон Сараќини и министерот за животна средина и просторно планирање Абдилаќим Адеми го промовираа Предлог-законот за Геолошки Завод, која беше усвоен на последната владина седница.
Целта на законот е основање на Геолошки Завод на Република Македонија за потребите на вршење на основните геолошки истражувања од јавен интерес.
„Со оглед на фактот што бројот на инвеститори во делот на рударството се зголемува, а од друга страна потенцијалот на минерални суровини во Република Македонија е огромен, но недоволно искористен, по примерот на европските земји создадовме законска рамка за основање на нов орган – Геолошки завод. Основните геолошки истражувања од јавен интерес ќе бидат основата на активностите на овој завод, со цел обезбедување на Република Македонија со основни геолошки карти кои се битни како подлоги за понатамошни планирања за истражување на наоѓалишта на минерални суровини: за потребите на развој на рударството, за решавање на проблеми од областа на водоснабдевањето, хидротехниката, геотехниката како и за потребите на просторното планирање“, изјави Сараќини.
Покрај изработка на основните геолошки, хидрогеолошки, инженерско-геолошки, геохемиски и сеизмотектонски карти и други геолошки карти, како што објасни Сараќини, Геолошкиот Завод ќе врши истражувачки, стручно аналитички и други работи со цел утврдување на закономерноста на концентрацијата и разместувањето на природните минерални суровини во земјината кора и ќе учествува во изработката на националната програма за управување со минералните суровини.
Министерот Адеми ја истакна меѓусебната соработка на двете министерства во изготвување на овој закон.
„Геолошкиот завод предвидено е да работи према Годишна Програма за основни геолошки истражувања, а за која е должен до Владата да доставува Годишен извештај за реализација на Програмата за основни геолошки истражувања. Заводот ќе креира единствен геолошки информациски систем, како единствена електронска база на сите релевантни податоци од рударскиот сектор, но и учество во креирањето на меѓународниот геолошки информациски систем. Ќе соработува со сродните меѓународни институции, со што ќе се овозможи размена на геолошките информации, како и информации за геолошкиот состав и структура на земјината кора, но и ќе подготвува и реализира заеднички истражувачки проекти“, рече Адеми.
Со предлог Законот се уредуваат основањето, работата, надлежностите, организационата структура, управувањето и раководењето, финансирањето, надзорот над работата како и другите прашања кои се поврзани со работата на Геолошкиот Завод на Република Македонија, кој треба да почне со работа од 1 јануари 2013 година. /крај/со/ач
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Нови цени на горивата

Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ) донесе Одлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 1,29 % во однос на одлуката од 10.03.2025 година.
Од 18.3.2025 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 74,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 76,50 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 68,50 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 68,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 41,345 (денари/килограм)
Малопродажните цени на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) и на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се намалуваат за 1,50 ден/лит.
Малопродажната цена на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 не се менува.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се намалува за 0,916 ден/кг и сега ќе изнесува 41,345 ден/кг.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините за 2,592%, кај дизелот намалувањето е во просек за 1,513%, кај екстра лесното масло намалувањето е за 1,550% и кај мазутот зголемувањето е за 0,172%.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е понизок за 2,5506%.
Економија
Мицкоски: Се работи на проекти во образованието вредни две милијарди денари

Во моментот имаме инвестициска активност од околу две милијарди денари за проекти во образованието, повеќе од 30 капитални инвестиции, седум комплетно нови училишни згради, дваесетина се реновираат, спортски сали во Струга и во Битола, отпочнуваме со спортските сали – Кисела Вода и Аеродром, во план е продолжување на проектот за реконструкција на универзитетите, односно зградите на факултетите ФИНКИ и ФФК, отпочнуваме со кампусот „Мајка Тереза“, изјави попладнево премиерот Христијан Мицкоски.
„Истовремено, ќе продолжи и инспекцискиот надзор на оние високообразовни институции, но и оние други образовни институции, што не ги исполнуваат стандардите. Ќе бидат опоменати. Доколку не преземат ништо во насока на исполнување на стандардите, ќе мора да бидат затворени“, рече премиерот.
Тој кажа дека децата треба да добијат европско знаење, а „тоа може да го даваат институции што ги почитуваат законите и што нудат таков тип на пренос на знаење“.
„Реформата во образованието е навистина опсежна. Оваа година, нешто што не е за фалење, учениците ги добија книгите на 1 септември. Исто ќе биде и во следната година. Ние пред 10 – 15 години зборувавме за компјутер за секое дете, денеска сме среќни ако секое дете има учебник. Но, за жал, имавме цунами седум години што и тоа не можеше да го направи онаа влада на СДСМ и ДУИ, па оваа влада мора буквално сите тие елементарни работи да ги прави“, додаде премиерот.
Економија
Перински во Студеничани: Инвестираме и во руралните средини – тие се еднакви по својата важност како и останатите

Во скопската општина Студеничани денеска започна реконструкцијата на 6,5 км долгиот локален пат Драчево – Мотел Китка, проект финансиран од првиот владин повик за финансиска поддршка на инфраструктурни општински проекти. На официјалниот почеток на градежните активности присуствуваа министерот за локална самоуправа, Златко Перински, претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, министерот за транспорт, Александар Николоски, првиот вицепремиер и министер за животна средина, Изет Меџити, заменик министерот за локална самоуправа, Ерџан Селими и Калтрина Зеколи Шаќири, заменик министер за транспорт.
Градоначалникот Азем Садики, појасни дека станува збор за пат долг 6,42 км, кој се протега од селото Црвена Вода до мотел Китка, а проектот предвидува негова целосна реконструкција и обнова со неопходната инфраструктура.
„Многу сум среќен што Владата продолжува да ги помага општините, особено руралните. Овој пат е многу битен за нашата општина, затоа што не само што ќе придонесе за побрз, полесен и побезбеден транспорт за жителите во планинските села, туку ќе создаде услови за поттикнување и развој на туризмот и за инвестирање во скопската околина со оглед на близината и убавината на Китка“, истакна Садики.
Министерот Перински порача дека проектот е доказ за посветеноста на Владата да инвестира во подобрување на инфраструктурата во сите општини и региони.
„За оваа Влада не постојат заборавени општини, помагаме онаму каде што е најпотребно, а тоа се руралните средини со сите предизвици коишто ги имаат во дел на капиталните инвестиции. Радоста на мештаните којашто ја видовме денеска е доказ дека Владата трасира пат којшто се темели исклучиво на потребите на граѓаните и во таа насока ќе продолжиме за да го подигнеме квалитетот на живот на сите граѓани на цела територија на Македонија“, истакна Перински, кој како дел од теренските посети „Каде што срцето е дома“, претходно со неговиот заменик, Селими, одржаа работна средба со градоначалникот, членовите на општинскиот Совет и претставници на администрацијата на која разговараа за актуелните состојби во општината.
Поддршка на сите општини и во периодот што следи најави и премиерот Мицкоски, кој истакна дека Владата ќе продолжи да инвестира во проекти кои ќе значат поквалитетен, покомфорен и поубав живот, независно од политичката определба на градоначалниците.
„Немаме намера да заборавиме ниту едно место на целата територијата на Македонија, ќе инвестираме секаде. Тоа го правиме веќе девет месеци, покажуваме еден поинаков начин на функционирање на Влада. Ќе продолжиме така и во иднина, бидејќи граѓанинот, Македонецот, Албанецот, Турчинот, Србинот, Ромот, Бошњакот, Влавот и сите останати, се центарот на нашето внимание и сите ние заедно ќе работиме за нивно подобро утре“, порача премиерот Мицкоски.
„Евидентна е разликата од начинот на функционирање на оваа Влада“, оцени првиот вицепремиер и министер за животна средина, Меџити.
Министерот за транспорт, Николоски, информираше дека во моментов во село Студеничани привршува и реконструкција на локален пат долг 840 метри, а во тек е тендерска постапка за изградба на нов пат во Моране, проекти со кои дополнително се дава поддршка за подобрување на инфраструктурата во оваа општина.