Македонија
Новинарот Зафировски пуштен од полициска станица

Новинарот на неделникот „Форум“, Емил Зафировски е пуштен од полициска станица откако ја платил паричната казна од 500 евра за која што бил осуден, потврди Зафировски за Макфакс.
Новинарот на неделникот „Форум“, Емил Зафировски е пуштен од полициска станица откако ја платил паричната казна од 500 евра за која што бил осуден, потврди Зафировски за Макфакс.
Утринава полицијата го уапси новинарот на Форум Емил Зафировски.
Според првичните сознанија на полицијата Зафировски бил осуден на парична казна од 500 евра или 25 дена затвор.
Новинарот е осуден без да му се даде можност да се брани. Зафировски ниту знае кој го тужел, ниту кога му е изречена пресудата. Покана за судски процес не добил.
Од полиција можеа да кажат само дека се работи за предмет од 2004 година. Никој не знае да појасни зошто на Зафировски му се изрекува затворска казна кога според новите измени на кривичниот законик делото клевета е декриминализирано.
Зафировски утринава добил повик од полицијата. На телефон му се претставил инспектор кој наводно требало да му даде некои документи. Во исто време во редакцијата на Форум полицајци дојдоа да го бараат Зафировски.
“Не знаејќи што се случува на инспекторот му кажав каде се наоѓам. Дојдоа неколкумина во кафе барот каде што пиев кафе ми покажаа потерница и ме приведоа”, вели Зафировски.
Министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска рече дека министерството постапувало по судска наредба.
„Од првичните информации кои ги имам се работи за приведување на лице кое се бара за издржување на казна затвор која е изречена како замена за парична казна. Се работи за спроведување на судска наредба, практично ефектуирање на една правосилна судска пресуда“ изјави Јанкулоска.
За апсењето на Зафировски, за неможноста да се брани за судските пропусти редакцијата Форум ќе ги извести сите надлежни домашни и меѓународни институции. /крај/км/фф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Сиљановска-Давкова се сретна со шпанскиот премиер Педро Санчез

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, во рамки на учеството на 4. Меѓународна конференција за финансирање на развојот во Севиља оствари средба со премиерот на Кралството Шпанија, Педро Санчез.
Осврнувајќи се на нашите евроинтеграции, Сиљановска-Давкова посочи на тешките македонски компромиси коишто треба да бидат соодветно вреднувани од Европската Унија и истакна дека влезот во ЕУ ќе биде корисен и за самата Унија, и за земјите кандидати коишто дополнително ќе ја стабилизираат.
Таа оцени дека Шпанија е важен партнер на земјава во рамки на НАТО, ООН, ОБСЕ и изрази благодарност до владата на Санчез и Шпанија за доследната поддршка на македонските аспирации за членство во Европската Унија.
Реафирмирајќи ја посветеноста на државава кон евроинтегративниот пат, Сиљановска-Давкова ја повтори позицијата дека билатералните прашања не треба да бидат пречка во пристапниот процес. Имајќи ги предвид турбулентните геополитички процеси во светот, таа укажа на потребата од одржување на кредибилитетот на политиката на проширување и нагласи дека регионов кој историски, географски и културно припаѓа на ЕУ, треба што поскоро да се интегрира во европското семејство.
Претседателката со задоволство ја прими информацијата од премиерот Санчез дека Шпанија е заинтересирана за зголемена економска соработка во делот на туризмот, инфраструктурата, земјоделието, енергетиката, соларната енергија и управувањето со водните ресурси.
Двајцата соговорници разговараа за соодветно одбележување на учеството на македонски борци во Шпанската граѓанска војна.
Македонија
Муртезани-Старовиќ: изразена подготвеност за заедничко делување кон целосна европска интеграција на двете земји

Министерот за европски прашања, Орхан Муртезани, денеска на маргините на Самитот посветен на Планот за раст на ЕУ што се одржува во Скопје, оствари билатерална средба со министерот за европски интеграции на Република Србија, Немања Старовиќ. Во оваа прилика, Муртезани му честиташе на министерот Старовиќ за неодамнешното именување на функцијата и изрази уверување дека заедничките напори ќе продолжат со нова динамика и проактивност во насока на унапредување на европската агенда на регионот.
Муртезани и Старовиќ разговараа за продлабочување на билатералната соработка, особено во контекст на спроведувањето на Планот за раст, кој претставува заедничка можност за засилување на регионалната економска поврзаност и приближување кон европските политики. Посебен акцент беше ставен на досегашната соработка врз основа на Меморандумот за разбирање меѓу двете министерства, како и на новите можности за иницијативи од заемен интерес, вклучително и прекуграничните програми за развој и инфраструктурно поврзување.
Министрите го нагласија значењето на доследна и координирана примена на европските реформи во регионот, како предуслов за реализација на економските и институционалните придобивки предвидени со новиот пристап на ЕУ. Во таа насока, беше изразена заедничка подготвеност за продолжување на блиската комуникација и заедничко делување кон целосна европска интеграција на двете земји.
Македонија
Мемов: СДСМ се во паника по конгресот на ЗНАМ, тие не знаат поинаку освен да служат на ДУИ, на бегалецот Груби и на двоецот Заев-Филипче

СДСМ денес, повторно и очајно, се обиде да ја маскира сопствената безидејност и внатрешна распаднатост со кукавички, плиток и патетичен напад врз претседателот на Движењето ЗНАМ, Максим Димитриевски, истакнува портпаролот на партијата Никола Мемов.
Според него, прес-конференцијата на нивниот гласноговорник, Мартин Костовски е неуспешен обид за дефокус по историскиот, силен и масовен Конгрес на Движењето ЗНАМ, кој испрати порака до сите: Македонија се буди, а народот веќе не се плаши!
„СДСМ не може ниту да замисли, а камо ли да организира Конгрес со над 420 делегати, со јасна национална визија и со масовна поддршка од народот. Нивниот “конгрес” би можел да се одржи во поширока канцеларија, затоа што вистинските социјалдемократи одамна ги нема, и народот ги напушта
засекогаш. Тие нè напаѓаат затоа што сме гласни, храбри и исправени. А тие не знаат поинаку освен да служат. На ДУИ. На бегалецот Артан Груби и Васко Ковачевски, на двоецот Заев-Филипче, дечките со златни визи, спремни за бегање“.
Никој нема право да преговара за македонскиот идентитет, вели тој.
Подвлече дека јазикот, историјата, културата и самобитноста на македонскиот народ не се предмет на преговори.
„Македонија ќе биде членка на ЕУ – но не како народ без име, туку како Македонци со гордост, идентитет и достоинство. Нашиот пат е европски, но нашата душа е македонска.
Човекот што денес зборува од име на СДСМ беше директор на Службен весник кога без потпис и спротивно на Уставот и законите го објави Законот за употреба на јазиците, со што изврши тешко кривично дело – Злосторничко здружување и уривање на уставниот поредок, потсетува Мемов.
Додава дека Костовски без потпис од Претседателот на државата, го објави законот за ратификација на конечната спогодба т.н. Преспански договор.
„Тоа е вистинското лице на овој “патриот” кој тивко, тајно, зад грбот на народот, ги распродаде националните интереси. И за тоа ќе одговара. Ние од Движењето ЗНАМ за Наша Македонија не бегаме од вистината, туку се бориме за неа“.
Им порача на СДСМ: „Колку и да бегате од предавничката аура, предавничката кожа не се
соблекува“.