Свет
Медведев им порача на олигарсите да бираат меѓу него или Путин
Рускиот претседател Дмитриј Медведев на состанокот со првите луѓе на 27 големи руски компании, одржан зад затворени врати, побарал да изберат кого би сакале за иден руски претседател, него или, пак, неговиот претходник и актуелен премиер Владимир Путин
Ова во средата го наведува рускиот дневен весник „Ведомости“ кој се повикува на неименуван учесник на состанокот одржан во понеделникот. Тогаш, според соговорникот на весникот, претседателот на Руската Федерација, Дмитриј Медведев, оценил дека големите стопанственици отсега треба да избираат меѓу политиката на модернизација за кој се залага Медведев и политиката на континуитетот што го застапува премиерот Владимир Путин. Притоа се потсетува дека Медведев неодамна на големиот стопански форум изјави дека руското стопанство мора да се модернизира доколку сака да ја избегне стаганцијата.„Претседателот ни даде на знаење, на деликатен но недвосмислен начин, дека дошол моментот деловниот свет да избере кого сака за претседател, Медведев или Путин. Тоа беше толку неочекувано, што останав запрепастен“, вели за весникот учесникот на состанокот. Состанокот бил посветен на недостигот од вложувања поради одливот на капитал од Русија забележен од почетокот на годинава, а Медведев одненадеж и неочекувано за сите присутни ја начнал темата на претстојните претседателски избори.Во написот на „Ведомости“ се сугерира дека Медведев ја посакува поддршката на бизнис заедницата во прикриената борба меѓу него и Путин за номинација за претседателски кандидат за изборите кои треба да се одржат следната годинаМедведев и Путин се’ уште не објавија кој од нив двајцата ќе се кандидира од заедничката партија Единствена Русија иако повеќепати годиниве изјавуваа дека за тоа ќе се договорат на., па медиумите честопати пишуваат за наводни тензии меѓу претседателот и премиерот, кои исто така постојано ги демантираат овие шпекулации.. Забележливо е дека претседателот Медведев во последно време во јавноста индиректно се претставува како реформатор и модернизатор, внимателно ескивирајќи какво и да е критикување на работата на Путин.Путин инаку е политичкиот ментор на Медведев и тој што го избра за свој наследник откако уставните одредби го спречија да се кандидира и за трет претседателски мандат.Аналитичарите сметаат дека во евентуален директен судир, Медведев би бил поразен, бидејќи нема формална изборна база, додека Путин и натаму останува најпопуларниот руски политичар и е лидер на владејачката партија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Орбан: Унгарија ќе ги зголеми трошоците за одбрана доколку војната во Украина продолжи
Унгарија ќе мора да ги зголеми трошоците за одбрана и следната година доколку војната во Украина продолжи до 2025 година, со што ќе се намали износот на расположливите средства за други трошоци, изјави денеска унгарскиот премиер Виктор Орбан.
Орбан изјави за државното радио дека доколку војната во Украина се пролонгира до 2025 година, нивоата на средства за одбрана на Унгарија за 2023 и 2024 година нема да бидат доволни и ќе мора да се зголемат, пренесува агенцијата МТИ. Орбан изјави дека е загрижен за иднината на Европа и дека унгарската влада нема да дозволи Унгарија да биде принудена да влезе во војна по трет пат, откако учествуваше во Првата и Втората светска војна.
Премиерот на Унгарија смета дека е потребно европско безбедносно решение во кое ќе биде вклучена Русија и дека американската воена индустрија најмногу профитирала од војната во Украина, откако САД испратија најголема воена помош во Киев.
„Нашето историско искуство со војната е дека можете само да изгубите. Колку сте поблиску до воената зона, толку е поголема цената што ја плаќате“, рече Орбан.
Унгарија значително ги зголеми одбранбените распределби минатата година на 2,43 отсто од БДП, што е над два отсто на кои се обврзаа членките на НАТО, наведува МТИ.
Европа
Шефот на британската дипломатија: Украина има право да го користи нашето оружје во Русија
Британскиот министер за надворешни работи Дејвид Камерон денеска вети три милијарди фунти (3,74 милијарди долари) годишна воена помош за Украина „колку што е потребно“ и додаде дека Лондон нема ништо против оружјето да се користи во Русија.
„Ќе даваме три милијарди фунти секоја година онолку колку што е потребно. Штотуку навистина исцрпивме се што можеме во однос на давање опрема“, изјави тој за Ројтерс во интервју за време на посетата на Киев, додавајќи дека пакетот помош е најголемиот од ОК до сега.
„Дел од таа (опрема) пристигнува во Украина денеска, додека јас сум тука“, рече тој.
Камерон рече дека Украина има право да користи оружје доставено од Лондон за да нападне цели во Русија и дека тоа зависи од Киев.
„Украина го има тоа право. Исто како што Русија напаѓа внатре во Украина, сосема е разбирливо зошто Украина чувствува потреба да се осигура дека е способна да се одбрани“, изјави Камерон за Ројтерс.
Камерон, кој го предводеше Обединетото Кралство од 2010 до 2016 година како премиер и се врати на политичкиот фронт пред само неколку месеци, се состана со украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулебa и претседателот Володимир Зеленски во неговата втора посета на Киев како министер за надворешни работи.
Свет
(Видео) Над 30 лица загинаа во поплавите во Бразил, 60 лица се водат како исчезнати
Повеќе од 30 лица загинаа во поплавите во јужен Бразил, 60 лица се водат како исчезнати, додека околу 15.000 жители се евакуирани.
Хидроелектрична брана во бразилската држава Рио Гранде до Сул се урна поради поплавите предизвикани од обилните дождови неколку дена, а најмалку 500.000 луѓе останаа без струја и чиста вода, јавува Би-би-си.
Во акцијата за пребарување и спасување беа вклучени и хеликоптери, а во некои населби жителите се качија на покривите на нивните поплавени домови.
Бразилскиот претседател Луис Инасио Лула да Силва го посети поплавениот регион и вети помош од Владата на Бразил.
Гувернерот на државата Рио Гранде до Сул, Едуардо Леите побара итна помош за луѓето во поплавените подрачја, а владата на таа држава прогласи вонредна состојба.
Метеоролозите најавија дека врнежите ќе продолжат во тој регион.
Повеќе од 30 луѓе загинаа минатата година во циклон во Рио Гранде до Сул.