Македонија
Груевски: Во меѓународната финансиска зона нема да има валкан капитал
Во меѓународната финансиска зона како еден од проектите за привлекување странски инвестиции, нема да има капитал со сомнително потекло, а се планира да важат законите од сферата слични како и во земјите со најдобра практика во оваа област, рече премиерот на Република Македонија, Никола Груевски, во дневникот на телевизијата Канал 5 во саботата навечер одговарајќи на обвинувањата од страна на опозицијата и одредени аналитичари дека меѓународната финансиска зона ќе биде место за перење нечист капитал и порача дека неговата влада се бори за секое работно место.
Премиерот Никола Груевски истакна дека меѓународната финансиска зона ќе биде место во кое во ниеден случај нема да постојат какви и да се малверзации и валкани пари.„Не ни паѓа напамет да ја направиме државата место каде што ќе има валкани пари. Тоа ниту во сон не би го направиле. Ако ни беше таква тенденцијата, во овие осум години ќе направевме некоја таква глупост. Сакам да појаснам дека станува збор за доста добра идеја која беше дел од нашата изборна програма со која сакаме да формираме меѓународна финансиска зона и сакаме да привлечеме крупни финансиски компании кои ќе ги преселат своите главни центри и ќе бидат привлечени од добро проверено законодавство, а од друга страна многу низок данок или нулта данок“, рече Груевски.Додаде дека со овој проект, меѓу другото, целта е да се привлечат богати луѓе со огромен капитал кои ќе ги преселат во Македонија своите компании, ќе купуваат недвижнини, ќе изнајмуваат адвокатски и сметководителски канцеларии, кои ќе добијат дополнителен тренинг за меѓународни финансии, ќе вработат луѓе во објектите во финансиската зона и во Македонија ќе пренесуваат искуства и знаења.Груевски уште еднаш ги предочи придобивките за земјава добиени по последното владино роуд-шоу. Истакна дека пет големи компании веќе најавија дека ќе инвестираат во Македонија, а уште десетина речиси сигурно ќе им се приклучат. Истовремено, Државниот завод за статистика објавува позитивни податоци дека Македонија има најголем економски раст во Европа. „Владата ќе продолжи со напорна работа борејќи се за секое ново работно место“, порача Груевски во гостувањето во студиото на Канал 5. „За шест месеци невработеноста е намалена од 28,8 на 28,2 отсто и се надевам ќе продолжи да се намалува. На повидок се инвеститори од различна големина и различни сектори. Ние не ги потценуваме инвеститорите кои вработуваат по педесет до сто лица, насочени сме и кон нив и кон оние кои ќе вработат илјада граѓани. Се бориме за секое ново работно место. Само овие пет инвестиции одТурција значат 700 нови вработувања, тоа се 700 среќни семејства“, истакна Груевски.Премиерот како мошне успешна но и напорна ја оцени минатонеделната посета на владината делегација на Турција, бидејќи по секој бизнис-форум, турските бизнисмени барале директни средби при што детално се распрашале за условите и покажале силен интерес да инвестираат во Македонија.Груевски рече дека покрај петте фирми коишто веќе ги објавиле своите инвестирања во Македонија во висина од 23 милиони евра, уште десетина компании од Турција имаат сериозен интерес да инвестираат во земјава. „Имавме по секој состанок околу 15-20 средби, од кои најмалку половината оставаат добра надеж дека натаму ќе се случи нешто во однос на нивна инвестиција. Што е исто така важно, сега на ред се нашите промотори да работат, да останат во контакт со овие инвеститори, да ги хранат со информации, со анализи и со податоци кои дополнително ќе им помогнат да ја донесат конечната одлука“, рече Груевски за Канал 5.Според својата досегашна практика, премиерот Груевски не сакаше да открива за кои инвеститорите станува збор, сѐ додека тие самите не објават дека сигурно ќе инвестираат. Меѓутоа, укажа дека владини претставници и тројцата промотери во Турција, посветено работат со нив./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Македонските вина се продаваат во 40 држави во светот, Владата најавува зголемено производство и извоз
Македонија денес се претставува на „Винскa визија на Отворен Балкан“ во Белград.
Оваа година 80 винарски визби се претставуваат на овој саем од кои што 68 се мали семејни винарии и 12 винарски визби кои што се дел од здружението „Wines of Macedonia“, а за првпат имаме и изложувачи на квалитетна македонска традиционална храна.
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски, рече дека ова е одлична можност македонските квалитетни вина да бидат промовирани на саемот.
Тој посочи дека е зголемена продажбата на македонското вино надвор од границите на државата.
„Република Македонија е на 22 место во светот по производство на вино, а се наоѓа на 29-то место по извоз на вино во светот“, заклучи министерот.
Трипуновски додаде дека Владата има за цел да се зголеми производството на вино во државата со што ќе се зголеми и извозот на истото во светот. Девизен прилив од извоз на вино за 2023-та година изнесуваше над 57 милиони евра.
„Нашите вина се продаваат во преку 40 држави во светот. А, најголем дел се пласира овде во регионот, односно на Балканот“, истакна тој.
„Како Влада продолжуваме посветено да работиме во делот на секторот винарство бидејќи е втора најзначајна гранка во Република Македонија по извоз и девизен прилив“, нагласи министерот Трипуновски.
Економија
Грин Машинс на БРАКО на клучен европски саем за зелена и циркуларна економија во Италија
Електричните и водородните возила на Грин Машинс на БРАКО учествуваа на еден од најзначајните европски настани, ECOMONDO во Римини, Италија, кој претставува еден од најзначајните саеми и конференции во Европа, и кој ги обединува и системизира клучните елементи кои ги дефинираат развојните стратегии на политиката за животна средина на Европската унија.
На овогодинешниот настан, Грин Машис го претстави 500H2, најсовремен чистач на улици со погон на водород, заедно со целосно електричните 500ze и 400ze.
Дилерот на Грин Машинс во Италија, Грин Форсес, известува за голема заинтересираност за македонските возила не само на саемот, туку и на италијанскиот пазар воопшто, во конкуренција со производители на возила за чистење од Европа, САД и други делови на светот.
Македонските возила имаат предност на светскиот пазар поради нивниот квалитет, ефикасност и современ дизајн, како и различите модели, кои се достапни на електричен, хидрогенски и класичен погон.
(ПР)
Економија
Доделени наградите по повод Конкурсот за Денот на штедењето
Финансиската писменост е основа за успешна иднина и клучен фактор за личен развој. Во светот во кој живееме, каде што економските услови постојано се менуваат, за младите генерации е особено важно да бидат добро подготвени и информирани. Кога поединците разбираат како функционираат финансиските инструменти и концепти, тие можат подобро да управуваат со своите ресурси. Ова се пораките коишто ги упатија гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска и министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, на доделувањето на наградите од Конкурсот за ликовни и литературни творби за основното и средното образование, по повод Меѓународниот ден на штедењето ‒ 31 октомври.
„Општо е познато дека без штедење нема инвестиции. Тоа значи вложување во подобро здравство, образование, патишта, безбедност, односно вложување во сето она што е важно за подобра иднина на поединецот, но и на целата економија. Задоволство е да се види дека младите кои учествуваа на Конкурсот веќе имаат свои согледувања за потребите од штедење, свесност за брзиот развој на финансиите, особено дигиталните услуги, како и за ризиците коишто ги носат тие. Новите генерации живеат во едно ново дигитално време, во кое имаат пристап до бројни информации, но и бројни можности за измами. Најдобар начин за да се заштитат од овие ризици е преку соодветна едукација“, порача гувернерката Ангеловска-Бежоска.
„Имаше навистина квалитетни творби. Пристигнаа околу 700 од целата земја. Настанот преминува во една прекрасна традиција и претставува инспирација за да се мотивираме себеси и другите како да ги ставиме финансиите во прв план, за да можеме заедно да изградиме подобра финансиска иднина за нас и за нашите идни генерации. Финансиската писменост е една од најсилните алатки што ги имаме на располагање за да ги обезбедиме нашите финансиски можности и за да ги постигнеме нашите финансиски цели, а притоа да се заштитиме од финансиските ризици. Затоа, важно е да го поставиме финансиското образование во центарот на нашите училишта, нашите заедници и нашите животи и уште од најрана возраст да овозможиме стекнување знаење и вештини за градење одговорно финансиско однесување во текот на секоја фаза од животот. Тоа е долготраен процес чии ефекти не се видливи веднаш, затоа, да бидеме свесни за нашиот финансиски потенцијал и да го искористиме со мудрост “, рече министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска.
На Конкурсот пристигнаа околу 700 труда коишто се одликуваат со квалитет, креативност и автентичен стил на изразување, како и познавање на темата за штедењето, значењето на финансиската писменост, предностите и ризиците кај дигиталните финансиски услуги.