Македонија
Ташевска-Ременски: Не вршиме притисок врз Сојузот за слепи, туку законска контрола
Министерот за труд и социјална политика Фросина Ташевска-Ременски во целост ги отфрли континуираните обвинувања од страна на Националниот сојузот на слепите лица на Република Македонија (НССРМ) дека им се врши притисок и уште еднаш пред јавноста објасни дека она што Националниот сојуз го смета за притисок е всушност само барање за постапување доставено од страна на Државната комисија за спречување на корупцијата.
„Министерството за труд и социјална политика согласно со своите надлежности кои произлегуваат од Законот за инвалидски организации и согласно со обврската и правото за надзор над финансиското работење на Националниот сојузот на слепите лица на Република Македонија (НССРМ), постапува по неколку иницијативи на општинските здруженија на НССРМ и по 4 ургенции на Државната комисија за спречување на корупција, заради отворен предмет за злоупотреба на финансиски средства, нестатутарно работење и други неправилности”, рече министерката Ташевска-Ременски.
Таа појасни дека МТСП секој месец на сметката на Националниот сојуз на слепи префрлува 1.021.166 денари, односно заклучно со 7.11.2016 година МТСП на Националниот сојуз на слепи префрлило вкупно 10.711.660 денари, односно 9.135.000 денари на Националниот сојуз на глуви и наглуви лица.
„Поради горенаведените укажувања за злоупотреба на финансиските средства и други незаконитости, Комисија формирана од министерот во неколку наврати се обиде да изврши надзор при што беше сериозно попречувана од раководството на Националниот сојуз на слепи да изврши надзор и да одговори на барањето на ДКСК и на самото министерство, без релевантни аргументи, а со груби навреди кон министерството и надлежните органи. Последниот ваков обид беше токму денеска по што потоа излегоа со прес-конференција обвинувајќи не дека вршиме притисок”, информираше министерката.
Министерството за труд и социјална политика и покрај сите невистини и клевети изнесени од страна на раководството на НССРМ, како и покрај сите попречување за извршување на надзорот ќе најде начин да го изврши надзорот согласно со Закон и ќе ги преземе сите неопходни чекори за утврдување на одговорност и заштита на правата на општинските членки на НССРМ и на сите слепи лица во РМ.
„НССРМ до Министерството за труд и социјална политика не доставило никакви документи кои се барани во неколкуте надзори од страна на Mинистерството кои беа спречени лично од претседателот на НССРМ. Во неможност да се потврдат уверувањата за законско работење или да се потврдат пријавите за незаконско финансиско работење на НССРМ, поради спречување на надзорите, реакциите на претседателот не можат да претставуваат аргументи за некаков измислен притисок, ниту пак за лагите дека биле барани информации коиште не се предмет на надзорот. Повторно напоменуваме дека, хендикепот не смее да биде злоупотребуван од никого”, рече министерката за труд и социјална политика Ташевска-Ременски./крај/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Договорено покачување на платите за околу 11.000 административци до 2028 година
Околу 11.000 вработени во јавната администрација, судовите и обвинителствата ќе добијат покачување на платите од речиси 40 отсто до 2028 година, објави денеска премиерот Христијан Мицкоски.
Станува збор за нов договор меѓу Владата и синдикатите УПОЗ и САДУ, за кој Мицкоски оцени дека претставува историски момент, бидејќи, како што рече, никогаш досега немало толку јасен и временски прецизиран план за усогласување на платите и нивно достоинствено ниво.
„Ова е поширок пакет кој ќе ги опфати вработените во администрацијата, судовите и обвинителствата – вкупно околу 11.000 луѓе. Договорот има рок до 2028 година и претставува целосна регулација на односите меѓу Владата и вработените во овие институции“, изјави Мицкоски.
Тој потсети дека Владата веќе има постигнато слични договори со вработените во образованието и здравството.
Мицкоски најави дека паралелно ќе се работи и на нов општ колективен договор, во соработка со репрезентативните синдикати ССМ и КСС.
Македонија
Нелегален објект на аеродромот Стенковец, Николоски соопшти дека ќе бара конфискација
Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски соопшти дека ќе почне постапка за конфискација на нелегално изграден објект на спортскиот аеродром Стенковец во Скопје.
„Во координација со повеќе институции – Министерството за транспорт, Агенцијата за цивилно воздухопловство, Државниот градежен инспекторат и Аероклубот на аеродромот Стенковец – ќе се започне постапка за конфискација на објектот кој е целосно нелегално изграден на државно земјиште“, објави Николоски на својот фејсбук профил.
Тој информира дека ќе биде побарано од Обвинителството и Судот објектот да се одземе во корист на државата, со намера да се стави во функција на Агенцијата за цивилно воздухопловство – за обука на пилоти и други потреби поврзани со воздухопловниот сектор.
Николоски нагласи дека Министерството за транспорт, како институција надлежна за објекти од прва категорија како аеродроми, болници, универзитети, спортски сали и стадиони, „сериозно пристапува кон решавање на проблемот со нелегално изградени објекти“.
„Ова е јасна порака дека нема да се толерира нелегална градба на места каде што Министерството и Државниот градежен инспекторат имаат надлежност“, заклучи вицепремиерот.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: За тоа како се шверцуваат 5 тони марихуана Димитријевиќ нека го праша Филипче кој панично ја напушта државата на 2 февруари кон јужниот сосед
Еве прецизен одговор за малиот Димитријевиќ за марихуаната. Одговорите за тоа како се шверцуваат 5 тони марихуана нека ги постави на Венко Филипче кој е во отворена комуникација и на команда од Зоран Заев, реагира ВМРО-ДПМНЕ на прес-конференцијата на генералниот секретар на СДСМ, Александар Саша Димитријевиќ.
„Зошто Венко Филипче ја напушта панично државата на втори февруари и се упатува кон јужниот сосед. Дали и каков состанок имал со Зоран Заев? Јавна тајна е дека семејството Заеви е вклучено во бизнисот со марихуана. Сосема случајно или не, во Струмица се конфискувани над 30 тони марихуана кај лице советник на Заев и СДС“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Димитријевиќ претдходно денес, на прес-конференција нагласи дека одговорноста за картелскиот скандал со 5 тони дрога која од Македонија завршила во Србија води директно до врвот на власта.

