Македонија
Царинската управа започна со кампања „Пријавете пари“
Царинската управа во петокот започна кампања за информирање на патниците кои влегуваат, излегуваат или транзитираат низ Република Македонија за нивните права и обврски поврзани со внесувањето и изнесувањето на пари.
Кампањата „Пријавете пари“ стартуваше на аеродромот „Александар Велики“ – Скопје
Потребата од ваква кампања произлезе од чувството дека патниците се недоволно информирани за износот на пари кој е дозволен да се внесе, односно изнесе од државата. Затоа говори фактот дека од почетокот на годинава, заклучно со јули 2014 година откриени се 29 обиди за нелегално пренесување преку граница на готови пари и хартии од вредност во различни валути, во противвредност од околу 1,8 милиони евра, од кои 248.600 евра, 106.600 швајцарски франци и чекови во противвредност од 1.443.715 евра.
Во рамките на кампањата изработени се брошури на македонски, англиски, албански и турски јазик со информации за важечката царинска регулатива поврзана со пријавување пари. Покрај ова, изработено е и информативно решение кое во соработка со ТАВ е поставено на екраните на Аеродромите Александар Велики и Св. Апостол Павле во делот за чекирање каде патниците поминуваат пред да излезат од државата и во делот на зоната за пристигнување на мониторите кај лентите за багаж каде патниците го чекаат својот багаж при влез во државата. Изработени се и информативни табли за важечката царинска регулатива за патнички промет, односно за дозволените количини за внесување или изнесување на тутунски и алкохолни производи, парфеми, предмети за лична употреба, лекови, миленичиња итн. Таблите изработени на македонски, албански и англиски јазик се поставени на граничните премини.
Инаку, лимитот за внесување на пари изнесува 10.000 евра. Ефективни странски пари над 10.000 евра, задолжително се пријавуваат на царинските органи. Што се однесува до изнесувањето на пари од Македонија, резидентите мора да го пријават секој износ над 2.000 евра при што се приложува потврда од овластена банка или менувачница. Изнесување на ефективни странски пари над 10.000 евра и 120.000 денари е забрането. Нерезидентите можат слободно да изнесат ефективни странски пари во износ до 10.000 евра по лице. Доколку изнесуваат ефективни странски пари над 10.000 евра задолжително се приложува на увид писмената потврда во која е евидентиран износот при влез од страна на царинскиот орган.
Глобите за непријавување или погрешно пријавување на пари кои патниците ги носат со себе се сериозни. Казните се движат во износ од 1.500 до 3.000 евра за физички и од 6.000 до 10.000 евра за правни лица во денарска противвредност. Предвидени се и затворски казни за случаи поврзани со перење пари и финансирање тероризам. Пропишани се и мерки за одземање на целата сума или дел од привремено задржаните пари.
Од преземањето на надлежноста за решавање на царински прекршочни предмети (во 2008 година), царинската управа има одземено над 4,6 милиони евра вкупно, од кои 3.963.414 евра, 140.512 американски долари, 527.040 швајцарски франци и 5.175 британски фунти. Од овие, со правосилни решенија крајно се одземени 769.197 евра, 48.412 американски долари, 277.890 швајцарски франци и 5.175 британски фунти.
Ги потсетуваме патниците кои имаат намера да ја преминуваат македонската граница и за важечката царинска регулатива за патнички промет, со цел да се избегнат подолги задржувања на граничните премини и да се обезбеди брз и безбеден проток на патници и стока, се вели во соопштението.
Таканаречениот „зелен канал“, таму каде што постои, патниците можат да го користат само доколку не поседуваат стока која подлежи на плаќање увозни давачки. Во спротивно се користи „црвениот канал“, се пријавува сé што патникот носи со себе и во т.н. скратена царинска постапка се царини стока чијашто вредност не надминува 800 евра во денарска противвредност по единствена царинска стапка од 15% и ДДВ од 18%.
Во Македонија, покрај личниот багаж и лекови за лична употреба, слободно може да се внесат до 200 цигари (или 100 цигарилоси или 50 пури или 250 грама тутун за пушење) еден парфем од 50 мл или една тоалетна вода од 250 мл и литар алкохолен пијалок и 2 литри вино. Ослободувањата за преработки од тутун и алкохол и алкохолни пијалоци не важат за патници помлади од 18 години.
Потребни се посебни дозволи за живи животни, суровини од животинско потекло, домашни миленичиња и за растенија. Забрана постои и за оружје и муниција, недозволени супстанци, отрови и штетни материи како и за фалсификувана и пиратска стока.
Домашните патници се ослободени од увозни давачки за увоз на стока од некомерцијална природа во вредност до 350 евра. Во овие 350 евра не влегуваат алкохолни пијалоци, преработка од тутун, парфеми и тоалетна вода.
Преку информирање на патниците за нивните права и обврски, ефикасна организација и примена на современи царински постапки, на сите оние кои доаѓаат во Македонија, на оние кои патуваат во странство или транзитираат низ земјата, Царинската управа ќе им обезбеди брза, безбедна и лесна царинската контрола. /крај/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Средба Муцунски – Aзески: Фокус на извозот и економската дипломатија
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска оствари работна средба со претставници на Стопанската комора на Северна Македонија, предводени од претседателот Бранко Азески.
На средбата беа разгледани иницијативи и конкретни форми на поддршка за извозно ориентираните компании, вклучително и организација на тематски посети со активно учество на деловната заедница, унапредување на комуникацијата со дипломатско-конзуларните претставништва, како и промоција на извозните капацитети на домашните компании пред дипломатскиот кор во државата.
Министерот Муцунски нагласи дека целта на овие средби е директно да се слушнат ставовите и размислувањата на коморите, како и да се добијат конкретни иницијативи за поддршка на компаниите, зајакнување на економската дипломатија и унапредување на извозот, што директно придонесува кон зајакнување на економијата и забрзување на економскиот развој.
Беше потврдена одличната досегашна соработка и изразено заемно задоволство од постигнатите резултати, при што се разговараше и за нејзино натамошно продлабочување, со цел обезбедување конкретни придобивки за компаниите и позитивно влијание врз вкупниот економски развој на државата.
Нагласувајќи ја важноста на дипломатско-конзуларните претставништва и на дипломатската мрежа во целост, претседателот на Стопанската комора истакна дека иницијативите за зајакнување на економската дипломатија доаѓаат во вистински момент, во насока на поддршка на стопанството и економското закрепнување.
На средбата беа разгледани и конкретни иницијативи и настани планирани за наредниот период, како можности за понатамошна соработка помеѓу Министерството за надворешни работи и надворешна трговија и Стопанската комора.
Економија
До 15-ти јануари регистрација и дерегистрација на ДДВ Обврзници
Управата за јавни приходи (УЈП) ги потсетува сите правни и физички лица кои заклучно со декември 2025 година оствариле вкупен промет повисок од 2.000.000 денари од вршење на оданочив промет на добра и услуги, дека имаат обврска да поднесат Пријава за регистрација за целите на данокот на додадена вредност (образец ДДВ-01).
Доколку како физичко лице изнајмувате деловен простор во земјата, давате менаџерски, правни, економски, инженерски, занаетчиски услуги, давате приватни часови на ученици и студенти, остварувате приходи од продажба на земјоделски производи или вршите друг оданочив промет и во 2025 година сте оствариле промет над 2.000.000 денари треба да се регистрирате за целите на ДДВ.
Вкупен промет за целите на ДДВ е прометот што го направил обврзникот во текот на годината по основ на продажба на добра и извршени услуги. Во вкупен промет не влегува прометот кој е ослободен од ДДВ без право на одбивка на претходен данок, како на пример: изнајмување на станбени објекти и станови за живеење, услуги на осигурување и реосигурување, здравствени услуги, услуги за изучување на странски јазици, услуги на компјутерски центри, меѓународен превоз на патници и др. Исто така, во вкупен промет не влегува и прометот кој се врши кон странски даночни обврзници и кој не подлежи на оданочување со ДДВ, како на пример: вршење на консултантски, адвокатски, ИТ и други услуги кон странски даночни обврзници. Ако даночниот обврзник ја вршел својата дејност само во еден дел од календарската година, вкупниот годишен промет за цели за ДДВ се пресметува на тој начин што се зема вкупниот остварен промет за месеците кога ја вршел дејноста, истиот се дели со бројот на месеците на работење и се множи со дванаесет, при што се добива вкупен годишен промет.
На пример: Ако сте склучиле договор за закуп на деловен простор со почеток од 01.07.2025 година, а месечната закупнина изнесува 200.000 денари, пресметката за вкупен годишен промет за цели на регистрација за ДДВ е следна: Бруто приход за 6 месеци: 1.200.000 денари Месечен бруто приход: 1.200.000 / 6 месеци= 200.000 денари Вкупен годишен приход: 200.000 * 12 месеци= 2.400.000 денари Во овој случај даночниот обврзник има обврска да се регистрира за целите на ДДВ. Пријава за регистрација за целите на данокот на додадена вредност (образец ДДВ-01), може да се достави и од даночните обврзници кои сакаат доброволно да се регистрираат за ДДВ. Пријавите за регистрација за ДДВ се доставуваат најдоцна до 15-ти јануари 2026 година, електронски на http://etax.ujp.gov.mk/eTaxServices, лично во организациска единица на УЈП или по пошта. Истовремено укажуваме дека физичките лица – ДДВ обврзници, заради електронско потпишување и поднесување на ДДВ пријавите, треба да набават и дигитален сертификат на USB токен. Во однос на оние кои се регистрирани за ДДВ, а кои не оствариле промет над 2.000.000 денари во претходната календарска година и кај кои е истечен најмалку тригодишен период од регистрацијата за целите на ДДВ, можат да поднесат Пријава за отповикување на регистрација за данокот на додадена вредност. Исто така, и ДДВ обврзниците кои во секоја од двете претходни календарски години поднесувале даночни пријави со вкупен промет помал од 2.000.000 денари и кои во секоја од двете претходни календарски години не искажувале претходен данок за одбивање, можат да поднесат Пријава за отповикување на регистрација за данокот на додадена вредност (образец ДДВ-01Б).
Пријавата за отповикување на регистрација за ДДВ (образец ДДВ-01Б) се поднесува најдоцна до 15-ти јануари 2026 година по електронски пат на http://etax.ujp.gov.mk/eTaxServices , лично во најблиската организациска единица на УЈП или по пошта. Воедно, потсетуваме и дека Управата за јавни приходи може службено да изврши прекинување на регистрацијата за ДДВ доколку утврди дека: •во претходната календарска година, даночниот обврзник поднесувал даночни пријави без искажан данок за извршен промет и без искажан претходен данок за одбивање; •во двете претходни календарски години, даночниот обврзник поднесувал даночни пријави без искажување на данок за извршен промет, со исклучок кога во истите периоди во даночните пријави искажува само промет ослободен од данок со право на одбивка или претходен данок кој произлегува од промет на инвестициони добра извршен кон даночниот обврзник или увезени од него; •даночниот обврзник не може да се најде на пријавената адреса и на адресата за вршење на деловни активности; •даночниот обврзник не поднесувал даночна пријава за најмалку два даночни периоди кај месечните или тримесечните даночни обврзници; •кај даночниот обврзник претходно е идентификувано даночно затајување. За дополнителни информации, правните и физичките лица може да се обратат во Контакт Центарот на УЈП на: [email protected] или преку телефонските броеви: •Од фиксна линија: 0800 33 000 •Од мобилен телефон: 02 3253 200
Економија
Од полноќ поскап бензин
Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ) донесе Одлука со која се врши зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,03% во однос на одлуката од 5.1.2026 година.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините за 0,332%, кај дизелот има намалување за 0,317%, кај екстра лесното масло зголемувањето е за 0,391% и кај мазутот има намалување за 4,067%.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок за 0,7158%.
Од 13.1.2026 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 70,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 72,50 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 64,50 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 64,50 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 32,133 (денари/килограм)
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98, како и на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се зголемуваат за 0,50 ден/лит.
Малопродажната цена на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) не се менува.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се намалува за 0,668 ден/кг и сега ќе изнесува 32,133 ден/кг.
Фото: Depositphotos

