Македонија
Економијата и културата да бидат главни приоритети на иселеничките организации
Економскиот развој на Македонија преку привлекување странски инвестиции и зачувување на македонската култура треба да се главни приоритети во работењето на иселеничките организации, сметаат учесниците на Втората годишна конференција на иселенички организации што денеска и утре се одржува во Скопје.
Економскиот развој на Македонија преку привлекување странски инвестиции и зачувување на македонската култура треба да се главни приоритети во работењето на иселеничките организации, сметаат учесниците на Втората годишна конференција на иселенички организации што денеска и утре се одржува во Скопје.„Има економски промотор кој што е испратен од Агенцијата за странски инвестиции. Запознаен сум дека амбасадата и конзулатот работи на воспоставување врски и контакти со бизниси и деловни организации со цел да се воспостави подобра слика за инвестиционите можности во Република Македонија, а со тоа, секако, да привлечеме повеќе инвестиции“, изјави Милорад Додевски, пратеник од Австралија и Азија.„Мојата цел е да помогнам во инвестициите во секој поглед, да помогнам во афирмација на јазикот и културата во целиот свет. Истото важи и за вас, ви стоиме на располагање да ги дискутираме сите ваши иницијативи, предлози и проекти коишто сметате дека може да и’ помогнат на Македонија и на иселениците кои живеат надвор од Македонија. Нашата врата е постојано отворена за вас и верувам дека ќе ни излезете в пресрет, а и ние вам и сите заедно ќе ги дискутираме сите отворени прашања коишто нé измачуваат и треба да се решат со цел помош на Македонците надвор од Македонија и ваша помош на Македонците внатре во Македонија, пред сé, на полето на економијата, постојаниот економски развој, намалување на невработеноста и зголемување на странските директни инвестиции“, рече Павле Саздов, пратеник од Северна и Јужна Америка. Зачувувањето на јазичниот и културниот идентитет, според дел од учесниците на дебата, се главните предизвици со кои се соочуваат македонските иселеници. Велат дека бројните организации треба да дејствуваат во еден глас, со цел поконкретно исполнување на нивните цели.„Австралиската влада дава многу на македонската нација во Австралија. Сите објави на австралиската влада се и на македонски јазик. Според мое лично мислење, австралиската влада дава најмногу на македонското малцинство споредено со другите држави во светот. Македонците треба да го чуваат македонскиот јазик, тоа е најважно“, вели Ананија Ананиевски, иселеник во Австралија. „Задоволни сме од односот на државата, затоа што ни овозможува институционално работење. Секако, сé уште не ни е јазикот во службена употреба. Се користи единствено во две населени места Јабука, општина Панчево и Дужине. Од септември и предвидено и образованието во овие места ќе биде на македонски“, изјави Васка Чергоска, претседател на здружението „св. Кирил и Методиј“ од Србија.„Повеќе од 40 илјади лица во Србија се чувствуваат како Македонци. Но, постојат политички сили кои сакаат таа популација да ги нарекуваат ‘наши’, односно да не се изјаснуваат како Македонци. Кои се тие, јас не знам. Јас сакам, поради добрите односи меѓу Македонија и Србија и меѓу македонскиот и српскиот народ да се искристализира таа ситуација и Македонците да се изјаснуваат како Македонци“, вели Зоран Мелев од Советот на македонското национално малцинство во Србија.За претставниците на црквата, пак, токму оваа организација има придонесено за обединување на македонските иселеници во светот. Очекуваат тоа да биде случај и во Австралија, каде постојат недоразбирања меѓу МПЦ-ОА и тамошните црковни општини. Порачуваат – малку сме и не треба да се делиме.„Оној духовен препород што се случи во 1990-тите години во Република Македонија даде одек и во европската дијаспора и на тој начин се вклучија генерациите иселеници. Сметам дека еден од најстабилните фактори на обединување на македонската дијаспора е токму црквата. Верувам дека истото ќе се случи и со дијаспората во другите краеви на светот. Се надевам дека со помош на црквата ќе се надминат тие недоразбирања и поделби што ги имавме, затоа што сепак сме малку за да се делиме“, изјави господин Пимен, Митрополит Европски.На дводневната конференција е планирано да се дискутира за теми поврзани со македонската култура, јазик, за значењето на македонското државјанство, значењето на пописите во земјите во кои живеат иселениците, како и унапредување на нивната комуникација. /крај/ач
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Се оддалечуваме од Европа поради политиките на власта, му рекол Филипче на известувачот Томас Вајц
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, денеска одржал состанок со постојаниот известувач на Европскиот парламент за Северна Македонија, Томас Вајц. На состанокот, како што информираа од партијата, станало збор за актуелната политичка состојба и за евроинтеграцискиот процес на државата.
Филипче изразил благодарност за ангажманот на ивестувачот на ЕП, Вајц, во следењето на процесот, како и за поддршката на Европската Унија и Европскиот Парламент за европската перспектива на нашата држава.
„На средбата, Филипче посочи дека статусот во кој се наоѓа евроинтеграцискиот процес на Македонија е сериозно загрижувачки, реформската агенда е закочена, реформите не се спроведуваат, а власта не покажува волја за продолжување на европскиот пат. Тој додаде дека наместо напредок кон европскиот пат, државата поради политиките на власта се соочува со стагнација, блокирани реформи и политики кои ја оддалечуваат државата од европските стандарди“, велат од СДСМ.
Филипче нагласил и дека европската интеграција за Македонија значи процес што го зајакнува владеењето на правото, гради функционални институции и обезбедува подобар живот за граѓаните, а Македонија заслужува да се движи напред, а не да губи време и да остане изолирана.
Воедно, Филипче порачал дека СДСМ останува цврсто посветена на европските вредности и реформи, бидејќи иднината на Македонија во Европската Унија, тоа е клучот за подобра, праведна, просперитетна и напредна држава, за подобра иднина за сите граѓани.
Македонија
За возачка дозвола доволно е завршено основно образование, рече Јаневска по протестите
Министерката за образование и наука Весна Јаневска изјави дека за полагање возачки испит е потребно најмалку завршено основно образование, нагласувајќи дека државата обезбедува можности.
„Образованието е бесплатно и за оние што ја надминале возраста, така што до 29 години тие преку Центарот за образование добиваат едукација. Сме имале и проекти со наши странски партнери преку кои Ромите што биле заинтересирани да го дополнат своето образование добиле некаква едукација соодветна на барањата на пазарот на трудот, нивните лични потреби итн“ рече Јаневска одговарајќи на новинарско прашање. Додаде и дека Министерството финансира околу 40 ромски медијатори со цел зголемување на опфатот и редовното присуство на ромските деца во училиштата.
Изјавата доаѓа по протестите на граѓани кои побараа ослободување од обврската за полагање возачки испит бидејќи немаат неопходен степен на образование, а автомобилите им се неопходни.
Македонија
Дожд и облаци утре, постудено на почетокот на следната седмица
Времето утре ќе биде променливо облачно. Во западните делови ќе има врнежи од дожд, а попладне услови за дожд ќе има и во источните делови. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 6, а максималната ќе достигне од 8 до 14 степени.
Во Скопје, облачно со услови за повремени врнежи од дожд. Ќе дува слаб ветер со променлив правец. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 11 степени, најавува УХМР.
Утре ќе се задржи променливо облачно време наместа со повремен слаб дожд освен во западните делови каде што ќе биде облачно со врнежи од дожд кои ќе бидат со пообилен интензитет (над 15 l/m²). Ќе дува умерен, повремено засилен ветер. Нови врнежи ќе има во недела и почетокот на следната седмица кога ќе настапи заладување со повремени врнежи од дожд, а на планините и во некои од повисоките места од снег.

