Македонија
Во Македонија за првпат извршена трансплантација на рожница

Три трансплантации на рожница за првпат во Македонија се извршени во Европската очна болница во Скопје. Министерот за здравство, Никола Тодоров изјави дека Македонија со ова се вбројува во една од ретките земји во поширокиот регион каде се изведуваат ваков вид интервенции.
„Едната интервенција која е направена е сложена, извршена е кај млад пациент кој имал тешка повреда на окото. Доколку ваква интервенција не се изведувала во Македонија она што требало да се преземе е отстранување на окото и ставање протеза, што значи комплетно слепило на едното око“, изјави министерот Тодоров.
До крајот на годинава, во договорот со Фондот за здравствено осигурување, е предвидено да се направат до десет такви интервенции. Пациентите ја плаќаат само партиципацијата, тоа е до 6.000 денари, а останатото го плаќа Фондот. Цената на интервенцијата е над 210.000 денари, онаа која е договорена од страна на Фондот, појаснил министерот, потенцирајќи дека трансплантацијата на рожница е најчеста трансплантација која се прави во светот, а годишно се прават околу 40.000 од донор.
Од Европската очна болница го информирале дека станува збор за рожници кои ги обезбедуваат од САД кои се квалитетни и по сите стандарди.
Директорот на Европската очна болница, офталмологот Фарук Семиз изјави дека после интервенциите тројцата пациенти прогледале и се во добра здравствена состојба.
„Постапката на операциите е една најретките во светот. Рожницата е провидниот дел на окото. Откако таа ја губи функцијата пациентот почнува да го губи видот. Ние ја вадиме рожницата која ја изгубила функцијата и ставаме нова рожница која може да гледа. Оваа операција трае 35 до 50 минути. Ова е резултат на најсовремената технологија што ја користи Европската очна болница, како и на големото знаење на нашите доктори“ посочил Семиз, потенцирајќи дека има голем број пациенти кои чекаат за трансплантација на рожница и дека тие ќе се обидат да им помогнат./крај/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Во тек е исплатата на правата од социјална и детска заштита

Министерството за социјална политика, демографија и млади информира дека денеска започна исплатата на правата од социјална, детска и цивилна заштита за месец август 2025 година.
Корисниците на парични права коишто поседуваат дебитна картичка ќе можат да подигнат готовина на банкоматите на банките, да ги користат средствата за безготовински плаќања во продажната мрежа или преку електронско и мобилно банкарство од денеска, 05 Септември 2025 година.
Со цел да се избегне метеж пред и во банките при исплата на правата, за корисниците кои не користат картички, исплатата ќе се спроведе во 2 групи во сите отворени филијали и експозитури на банките, согласно со утврдениот распоред по азбучен ред, според првата буква од презимето и тоа:
05.09.2025– А, Б, В, Г, Д, Ѓ, Е, Ж, З, Ѕ; И, Ј, К, Л, Љ
09.09.2025– М, Н, Њ, О; П, Р С, Т, Ќ, У, Ф, Х, Ц, Ч, Џ, Ш
Македонија
Движењето ЗНАМ: Магистерскиот труд на министерот Филков не претставува судир на интереси, туку е доказ за посветеност

СДСМ, партијата која ја претвори државата во партиска играчка и го урниса правосудството на најниско ниво, последна има право да зборува за етика, интегритет и судир на интереси. Наместо да одговараат за своите афери и за годините на корупција, тие денес држат лажни морални лекции за министерот за правда Игор Филков. Ова е очаен обид на политички банкротирана партија која измислува „скандали“ таму каде што ги нема, реагираат од Движењето ЗНАМ на обвинувањата од СДСМ.
„Да го наречеш академскиот развој и вложувањето во знаење – „злоупотреба“, е исто толку апсурдно колку што беше нивното владеење кое ја остави Македонија без правда и без доверба во институциите. Да бидеме јасни: магистерскиот труд на министерот Филков не претставува судир на интереси, туку е доказ за посветеност, за професионализам и за волја да се надградува знаењето во сферата во која што дава најголем придонес и во која делува. СДСМ зборува за „кражба на труд“, а токму тие со години ги крадеа институциите и иднината на повеќе генерации. Тие зборуваат за „етика“, а токму нивните министри беа симбол на корупција, непотизам и непрофесионалност. Токму за нивните професорски кадри се множеа кривични пријави,а за некои немаме ни разрешница. Тие зборуваат за „интегритет“, а целиот народ гледаше како со години ја злоупотребуваа државата за лични и партиски интереси“, се наведува во реакцијата.
Движењето ЗНАМ за Наша Македонија наведува дека стои цврсто зад министерот Игор Филков.
„Филков е симбол на тоа каков треба да биде еден јавен функционер – образован, професионален и подготвен да ја користи науката за доброто на државата. Она што СДСМ го нарекува „скандал“ е всушност пример кој треба да се следи. Граѓаните одамна ја препознаа ароганцијата и лицемерието на СДСМ. Ние, како Движење ЗНАМ за Наша Македонија, се залагаме за знаење како темел на секоја реформа, за интегритет како услов за вистинска правда и за работа во интерес на сите граѓани на Македонија“, велат од Движењето ЗНАМ.
Македонија
Реформите во администрацијата се клуч за европските интеграции, рече министерот Минчев

Министерот за јавна администрација, Горан Минчев, учествуваше на состанок предводен од страна на премиерот Христијан Мицкоски, на тема реформската агенда за придвижување на Европските интеграции, на кој присуствуваа и останатите министри од Владата.
На состанокот беа разгледани приоритетните мерки кои државата треба да ги спроведе во насока на исполнување на Копенхашките критериуми и унапредување на стандардот на граѓаните.
Минчев истакна дека реформите во јавната администрација се суштински дел од европската агенда и од целокупниот напредок на државата.
„Модерна, транспарентна и ефикасна администрација е темел за успешно исполнување на европските стандарди и за подобрување на услугите за граѓаните“ – соопшти тој.
Од Министерството заклучија дека Владата останува посветена на стабилна економија, владеење на правото и квалитетни јавни услуги, со јасна цел – обезбедување иднина и подобар живот за сите граѓани на Македонија.