Општество
ЗНМ реагира за потврдата на пресудата од страна на Апелација за новинарите на Фокус
Здружението на новинарите на Македонија(ЗНМ) со загриженост констатира дека одлуката на Апелацискиот суд, со која се потврдува осудителната пресуда од Основниот суд Скопје 2 во случајот на директорот на Управата за безбедност и контраразузнавање Сашо Мијалков против уредникот и новинарот на Фокус, Јадранка Костова и Владо Апостолов, е во спротивност со Законот за граѓанска одговорност за клевета и навреда и со праксата на Европскиот суд за човекови права.
„ЗНМ смета дека одлуката на судиите Лидија Димчевска, Станка Зафировска и Енвер Беџети сериозно ја прекршува слободата на изразувањето и ги одвраќа новинарите да пишуваат за евентуални злоупотреби на власта. Изречените надоместоци за нематеријална штета се превисоки и непропорционални на стандардот на македонските новинари“, се вели во реакцијата на ЗНМ.
Понатаму се додава дека Судот воведува неприфатлива пракса новинари да се осудат за клевета заради пренесена изјава.
„Ако новинарите ги проверуваат фактите на секоја изјава, како што бара судот, тогаш најголем дел од изјавите на јавни личности, не треба да се објавуваат. За нас е нејасно зошто судот кога одлучувал по предметот не го земал во предвид фактот дека тужителот Мијалков не ја искористил можноста да одговори на обвинувањата изнесени од поранешниот амбасадор во Чешка, Игор Илиевски. Апсурдно е тврдењето на судот дека изјавата на Илиевски против Мијалков не е прашање од јавен интерес затоа што не се однесувала на начинот на кој тој ја извршувал функцијата. Илиевски во објавениот текст го обвинува директорот на УБК за злоупотреба на службена должност, што е прашање од врвен јавен интерес“, пишува во реакцијата на ЗНМ.
За ЗНМ чудна е констатацијата на судот дека изјавата на поранешниот амбасадор не може да се третира како сериозен извор.
„Ако е тоа така, тогаш јавноста има право да знае како Илиевски воопшто станал амбасадор“, прашуваат од ЗНМ.
Од таму додаваат дека со овој судски процес директорот на УБК Сашо Мијалков ја игнорира препораката на Френк Ла Ру, специјален известувач за унапредување и заштита на правото на слобода на мислење и изразување на Обединетите нации, кој во последниот извештај за Македонија порачува државните функционери и политичкиот врв да се воздржат од поднесување судски тужби против новинари. /крај/со/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Г.г. Стефан: Да ги зацврстиме единството и слогата, да ги надминеме разногласијата и меѓусебните поделби
Ариепископот Охридски и македонски заедно со Светиот архиерејски Синод, по повод велигденските празнувања, испраќа мир и благослов од Бога до свештенослужителите, монаштвото и до сите чеда на МПЦ-ОА.
– Христовото воскресение е смислата на нашето севкупно постоење. Тоа е стожерот околу којшто се одвива сиот наш живот и камен-темелникот врз којшто се гради сиот наш подвиг на верата, на надежта и на љубовта во Бога. Тајната на Христовото воскресение го преобразува и го вообличува севкупниот наш поглед кон светот и човекот, кон времето и вечноста. Зашто, токму ова спасоносно собитие е најголемата вистина којашто му беше објавена на човековиот род и токму оваа Тајна над тајните е најрадосното благовестие со коешто велегласно беше возвестена конечната победа на животот над смртта, на доброто над злото и на љубовта над омразата, вели г.г. Стефан меѓу другото во обраќањето.
Македонија
Православните верници го слават Велигден
Православните верници денеска го слават најголемиот христијански празник Велигден – Христовото воскресение, ден кога Исус Христос ја докажал својата божествена моќ и воскреснал од мртвите. Воскресението Христово на полноќ беше објавено во сите храмови на Македонската православна црква, а денеска се одржуваат воскресенски литургии.
Поглаварот на МПЦ-ОА г.г. Стефан богослужеше во Соборниот храм „Свети Климент Охридски“ во Скопје од каде го објави Христовото Воскресение и упати Велигденски пораки.
Македонија
Годишен извештај на Народниот правобранител: Помалку претставки од граѓаните за работата на јавните обвинителства
Во извештајната 2023 година, во областа која се однесува на работата и постапувањето на обвинителствата во Република Северна Македонија поднесени се 63 претставки што е за 24 помалку во однос на 2022 година, се констатира во Годишниот извештај за степенот на обезбедувањето почитување, унапредување и заштита на човековите слободи и права во 2023 година што го објавува Народниот правобранител на Република Северна Македонија.
Согласно објавените податоци, бројот на претставки на граѓаните на годишно ниво се намалил за повеќе од 38%, што претставува резултат на заложбите на Јавното обвинителство за зголемување на ефикасноста на постапките и континуираните напори за подобрување на довербата на граѓаните во работата на јавните обвинителства.
Во најголем број од претставките граѓаните бараа интервенција во врска со постапки пред основните јавни обвинителства (51), потоа пред Основното јавно обвинителството за организиран криминал и корупција (4), постапка пред Јавното обвинителство на РСМ (3), пред вишите јавни обвинителства (2), друго (2) и една претставка се однесуваше за постапка пред Совет на јавни обвинители. Ваквиот сооднос е очекуван со оглед на обемот на предметна работа и фактот што токму јавните обвинителства со основна надлежност го прават првиот директен контакт на граѓаните со институцијата.
Доколку се има предвид вкупниот обем на работа на јавните обвинителства кои активно постапуваат по поднесени кривични пријави за над 40.000 сторители на кривични дела во текот на годината, поднесените 63 претставки до Народниот правобранител претставуваат околу 0,1% од таа бројка. Притоа, граѓаните во посочените предмети изразувале незадоволство поради непостапување по поднесена пријава на кривично дело, одолжување на постапката или поради незадоволство од донесена одлука. Од тие причини Народниот правобранител, меѓу останатите препораки во извештајот, во делот на Јавното обвинителство препорачува основните јавни обвинителства да ги доставуваат јавнообвинителските одлуки до странките и да им се овозможи правото да ги обжалат до повисоките јавни обвинителства, да постапуваат поажурно и навремено да преземаат дејствија, да го почитуваат рокот од 3 месеци доколку не донесат јавнообвинителска одлука да го известуваат повисокиот јавен обвинител и пријавителот, за да нема сомневање и страв дека гонењето ќе застари.
Сите овие забелешки Јавното обвинителство ги зема предвид, детално ги анализира и ќе продолжи да презема активности за дополнително зголемување на ефикасноста, на транспарентноста и на отчетноста за постапките што ги води. Ваквите заложби на Јавното обвинителство се веќе воспоставен начин на работа при што уште во извештајот за 2022 година омбудсманот констатираше дека за разлика од претходните години, сега јавните обвинителства, особено издвојувајќи ги Основното јавно обвинителство Скопје и Основно јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, постапуваат по барањата на Народниот правобранител, даваат суштински и целосни одговори за бараните информации од постапките, се вели во соопштението од Јавното обвинителство.