Македонија
Стечајците одново се закануваат со штрајк со глад
Во понеделник точно напладне ќе започнеме штрајк со глад доколку надлежната законодавната комисија при Собранието не го изгласа новиот предлог-закон за стечајни работници
Во понеделник точно напладне ќе започнеме штрајк со глад доколку надлежната законодавната комисија при Собранието не го изгласа новиот предлог-закон за стечајни работници на седницата закажана за среда.
Со ова се заканија стечајните работници откако во понеделникот предлог-законот не помина на Комисијата за труд и социјална политика.
“За момент помисливме дека нашата голгота престана откако предлог-законот конечно влезе во Законодавниот дом, но испадна дека Владата уште еднаш сурово си поигра со нас”, рече Лила Ѓеорѓиевска, претседател на Унијата на стечајни работници.
Стечајците уште еднаш упатија апел до Владата да го разгледа Законот со кој би се згрижиле 13.000 стечајци кои сега не добиваат никаков надоместок од државата.
Според нив новиот закон би ги згрижил сите оние што имаат 15 години стаж, а ја опфаќа возрасната граница од 50 односно 53 години за жени и мажи соодветно.
На последната Комисија е направен преседан со кој е згазена преамбулата на Уставот, сметаат стечајците и запрашаа зошто пратениците на ВМРО-ДПМНЕ биле воздржани на гласањето.
Штрајкот е единствениот начин да го добиеме она што го заслужуваме-се заканија тие.
Стечајците го повикаа своето членство да им се придружат во штрајкот доколку предлогот не помине на утрешната Комисија./крај/вм
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Тренчевска: ВМРО-ЗНАМ ги одби сите амандмани на кривичниот законик, меѓу кои и членот за злоупотреба на службената положба
На денешната комисиска расправа, владејачката коалиција ВМРО-ЗНАМ ги одби сите амандмани на СДСМ за измените на Кривичниот законик, соопшти потпретседателката на СДСМ и пратеничка, Јованка Тренчевска.
Според неа, меѓу одбиените предлози било и враќањето на членот 353 – злоупотреба на службена положба и овластување – на формулацијата што важеше пред измените во 2023 година. „Без силен член 353, тендерската коалиција слободно ги дели државните пари на свои фирми, без одговорност“, рече Тренчевска.
СДСМ предложиле и бришење на рокот од пет години за конфискација на имот стекнат преку криминал, но и тоа било одбиено.
„Зошто имотот украден од граѓаните да не може да се конфискува без разлика кога е стекнат? Правда со рок на траење не е правда“, порача Тренчевска.
Дополнително, биле одбиени и амандмани за воведување строги правила за функционирањето на системот „Безбеден град“, односно автоматско бришење на дигитални снимки по 48 часа и пристап само со судски налог. Како што рече Тренчевска, со тоа останува простор за злоупотреби и притисоци од страна на МВР.
Одбиени биле и предлози за драстично зголемување на казните за организиран криминал, проширување на условите за конфискација на имот, како и засилена правна заштита на децата од најтешките форми на експлоатација.
„Ова е уште една потврда за грабежот на државни пари преку криминални тендери. Правда нема, има обид за спас од одговорност. Но одговорност ќе има – кога-тогаш“, изјави Тренчевска.
ВМРО-ДПМНЕ претходно денес реагираше на најавените амандмани на СДСМ за измена на Кривичниот законик, обвинувајќи ја опозициската партија за лицемерие и политичко глумење.
„Монти Пајтон на СДС. Кривичниот законик што го укинаа во 2023 година и со којшто се амнестираа нивни функционери, сега поднесуваат амандмани да го вратат“, стои во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата обвинуваат дека СДСМ ја поминала границата на, како што велат, лицемерие и играње со чувството на народот, глумејќи дека не била власт до пред една и пол година.
На 6 септември 2023 преку ноќ, за време на Владата на СДСМ, беа донесени измените на Кривичниот законик во ставот 3 од членот 353 за кривичното дело Злоупотреба на службената положба и овластувања, каде беше предвидена затворска казна од најмалку три години, ако сторителот прибави значителна имотна корист или нанесе значителна штета. Со измената, казната беше намалена на една до пет години затвор. Предметите за злоупотреба на функцијата сега застаруваат за само 10 години, бидејќи максималната казна за ова дело сега е само 5 години затвор.
Македонија
Тестирана подготвеноста на противпожарните авиони во Македонија
Денеска се извршија првите тренажни летови со противпожарните авиони „Ер Трактор“ на Дирекцијата за заштита и спасување.
Пилотите вежбале маневри и процедури за брзо реагирање при пожари на отворен простор, при што била потврдена нивната ефикасност и подготвеност, како и техничката исправност на трите авиони, соопшти директорот на Дирекцијата, Стојанче Ангелов.
Македонија
Системот „Безбеден град“ стартува од 1 февруари – Собранието ги усвои законските измени
Со 81 глас „за“ и 19 „против“ и воздржани, Собранието денеска го изгласа Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за прекршоците, по скратена постапка. Со ова се отвора патот за старт на системот за автоматско снимање и санкционирање на сообраќајни прекршоци „Безбеден град“ од 1 февруари.
Законот овозможува примена на технички средства и уреди за снимање при утврдување прекршоци, со цел зајакнување на безбедноста во сообраќајот и побрзо санкционирање.
Во првата фаза ќе се регистрираат прекршоци како брзо возење, минување на црвено, истечена сообраќајна дозвола и непрописно паркирање. Казните ќе се испраќаат електронски, а при навременото плаќање ќе нема дополнителни трошоци.
За Законот беше потребно двотретинско мнозинство.
СДСМ и ДУИ, како и двете Алијанси за Албанците на Арбен Таравари и на Зијадин Села гласаа против, а поддршка даде пратеничката група на Левица.

