Регион
Словенија пред признавање на независна Палестина
Комисијата за надворешна политика на словенечкиот парламент наскоро ќе расправа за иницијатива Словенија да ја признае независната палестинска држава, за што засега се залагаат две парти од левицата.
Комисијата за надворешна политика на словенечкиот парламент наскоро ќе расправа за иницијатива Словенија да ја признае независната палестинска држава, за што засега се залагаат две парти од левицата.
Партијата на Здружената левица (ZL), којашто има пет пратеника, во вторникот побара свикување итна седница на комисијата за надворешни работи на парламентот на Словенија за признавање на Палестина.
„Словенија со години веќе се колеба во поглед на решавањето на кризата на Блискиот исток и каска зад меѓународната заедница. Вистински момент е да заземеме проактивен став, а за признавањето на Палестина како независна држава се исполнети сите услови“, изјави на прес-конференција во Љубљана пратеникот на ZL, Матеј Ватовец, објаснувајќи ја иницијативата на неговата партија.
Ватовец додаде дека независноста на Палестина веќе ја признале повеќе од сто држави, дека за таквото признавање постои основа во резолуцијата на Обединетите нации од 1947 година, како и дека поттикнувањето за изјава за признавање на Палестина неодамна при посетата на Израел, на Западниот брег и на Појасот Газа, даде и високата претставничка на Европската унија за надворешна и безбедносна политика, Федерика Могерини.
Дека сметаат оти дошло времето Словенија да ја признае независната палестинска држава потврдија во вторникот и Социјалните демократи (SD) кои учествуваат во коалициската влада на премиерот Миро Церар.
„Жалиме што тоа веќе претходно не беше остварено. Партијата за тоа дефинитивен став ќе заземе во четврток“, изјави за словенечката новинска агенција STA пратеникот Матјаж Немец од SD, додавајќи дека се покажало оти политиката кон решавањето на блискоисточниот судир последните децении била погрешна.
Последните седмици со јавни изјави за признавање на независноста на Палестина се изјаснија и двајца пратеници од Словенија во Европскиот парламент, пратеничка од Социјалните демократи (SD) Тања Фајон и европратеникот од Демократската партија на пензионерите (DESUS) и поранешен министер за надворешни работи, Иво Вајгл.
Според палестинските претставници, 134 земји ја признале Палестина, од кои седум се членки на Европската унија коишто го сторија тоа пред влегувањето во ЕУ – Чешка, Унгарија, Полска, Бугарија, Романија, Малта и Кипар. Кон нив пред околу две седмици се придружи Шведска како првата западна држава од ЕУ којашто ја призна Палестина./крај/мф/сн
Извор: STA
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Поплави во Драч: евакуирани 180 лица, поплавени околу 800 домови
Министерот за одбрана на Албанија Пиро Венгу го свика Комитетот за цивилни вонредни ситуации за регионот Драч поради поплавите, каде состојбата е најкритична. Според него, поплавени се околу 800 домови, а 180 лица се евакуирани.
Венгу информира дека сите надлежни структури се на терен и дека состојбата континуирано се следи, додека опасноста сè уште не е помината. Институтот за геолошки науки предупреди дека и денеска се очекуваат интензивни врнежи од дожд, со можност за дополнително зголемување на поплавите.
Фото: илустрација (ЕПА)
Регион
Обилните дождови ги затворија патиштата во Црна Гора, се заканува раст на Скадарското Езеро
Неколку патишта беа затворени низ Црна Гора денес поради обилни врнежи од дожд во изминатите 24 часа. Водата се заканува и на бројни домови, а се очекува нивото на водата на Скадарското Езеро да се зголеми во текот на ноќта кон среда.
Црногорското Министерство за внатрешни работи објави дека последиците од обилните врнежи од дожд се регистрирани во општините Никшиќ, Даниловград, Мојковац, Бијело Поље, Улцињ, Плевља, Подгорица, Колашин и Беране.
„Поради лизгање на земјиштето и излевање на реките, сообраќајот е прекинат на неколку патни правци“, се вели во соопштението на црногорското Министерство за внатрешни работи.
Според најновите информации од 15 часот, нивото на водата на сите реки се намалува, освен на реката Зета и Скадарското Езеро, кое Црна Гора го дели со Албанија. Околу две третини од ова езеро, најголемо на Балканот, ѝ припаѓа на Црна Гора, а една третина на Албанија.
Во текот на ноќта се очекува нивото на водата на Скадарското Езеро да се зголеми поради контролираното испуштање вода од хидроелектраните на реката Дрим, кое го спроведува албанската страна.
Албанскиот премиер Еди Рама претходно во вторник изјави дека, поради зголемениот проток на реката Дрим, започнале контролирани испуштања вода од хидроелектраните што би можело да доведе до ненадејно зголемување на нивото на Скадарското Езеро.
Регион
(Видео) Снегот уриваше дрвја и оштети автомобили во Белград
Обилниот снег што падна во Србија во неделата предизвика проблеми во сообраќајот, прекини во електричната енергија и го отежна секојдневниот живот на граѓаните, а новиот удар на зимата беше особено видлив во Нов Белград, каде што обилните снежни врнежи соборија дрвја, а гранки паднаа врз паркираните автомобили.
Во една белградска населба, снегот беше доволно силен за да собори неколку дрвја и дебели гранки од улиците и зелените површини, предизвикувајќи штета на некои автомобили.
Снежните врнежи во поголемиот дел од Србија беа пообилни од вообичаените за ова време од годината.
Во некои области наврнаа повеќе од 25 сантиметри снег за помалку од 24 часа, предизвикувајќи доцнења во сообраќајот и летовите од аеродромот во Белград, како и привремени проблеми со електричната мрежа во планинските области.

