Македонија
Првите решенија за отпис на долгови на граѓани од ранливи категории доделени во Велес
Mинистерoт за финансии, Зоран Ставрески и министерот за труд и социјална политика Диме Спасов во саботата во Меѓуопштинскиот Центар за социјални работи во Велес, ги доделија првите решенија за отпис на долгови на граѓани oд ранливи категории.
“Ова е еден значаен проект, едно ветување што им го дадовме на граѓаните пред изборите за отпис на долговите од денес станува реалност. Тоа покажува дека за Владата дадениот збор претставува обврска. И тогаш кога многу не веруваа, и тогаш кога некои политичари не напаѓаа дека ова само заради изборите го ветуваме, тоа се покажа кој е во право. Граѓаните кои спаѓаат во најранливите категории, најсиромашните граѓани, примателите на социјална помош, невработените денес имаа можност да ги добијат првите решенија за отпис на долговите”изјави министерот Ставрески.
Тој посочи дека станува збор за граѓани од многу градови во Македонија, денеска се доделуваат првите 200 решенија, а процесот ќе продолжи понатаму. Вклучени се одлуки за отпис на долгови, појасни Ставрески, во сите делови на Македонија, од Велес, Струмица, Радовиш, Кочани, Валандово, Македонски Брод, Охрид, Битола, Гостивар.
”Благодарен сум на Министерството за труд и социјална политика и на Министерството за финансии како носители на активноста што експедитивно работеа. Така како што им ветивме на граѓаните во период од 4-5 месеци ги изработивме сите одлуки што досега можеше да се завршат и така ќе продолжиме и во текот на ноември. Очекувам во текот на ноември да го заокружиме процесот и до крајот на ноември сите граѓани што ги исполнуваат законските услови, а тоа се најсиромашните категории на граѓани да добијат одлуки за отпис на долгот”додаде Ставрески.
Министерот за труд и социјална политика Диме Спасов изрази задоволство од почетокот на последната фаза од проектот за еднократен отпис на долговите.
“Oд вкупно 42.000 барања кои беа пристигнати денеска во повеќе градови во земјава се поделени првите околу 200 одлуки за еднократен отпис на долговите. Во фаза на работа се земени 31.350 барања, што е повеќе од две третини од вкупниот број на поднесени барања кои се доставени до институциите за обработка, а половина од тој број се вратени од институциите и се пратени во следната фаза до доверителите” потенцираше Спасов.
Тој воедно појасни дека процесот продолжува и во текот на ноември, а Комисијата за еднократен отпис на долговите интензивно работи во соработка со Министерството за финансии и Министерството за труд и социјална политика кои нудат логистичка подршка за Комисијата. Посочи дека очекуваат до крајот на ноември да се заокружи целокупниот процес.
Директорката на Центарот за социјални работи-Велес, Азиза Џини Кицара изрази задоволство што денеска двајцата министри во Велес ги врачуваат првите решенија за еднократен отпис на долговите. Таа појасни дека во Центарот за социјални работи во Велес биле примени 1.206 барања, а од кои позитивно се решени 53.
„Најголем дел од поднесените барања за отпис на долгови на граѓаните биле за струја и радиодифузна такса“, информира Кицара. /крај/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Министерството за економија: Законските измени ќе придонесат до поквалитетни инвестиции и повисоки плати
Со усвојувањето на измените на Законот за финансиска поддршка на инвестициите во август и со дополнителните измени што треба да се финализираат до крајот на годината, се создава стабилна и транспарентна рамка за стимулирање на поквалитетни инвестиции, соопшти Министерството за економија и труд.
Според Министерството, новите законски решенија ќе резултираат со забрзан економски раст, отворање на нови работни места и раст на продуктивноста, што ќе се одрази и врз повисоки плати и пониска инфлација.
„Нашата цел е преку новите мерки да поттикнеме инвестиции со поголема додадена вредност – инвестиции кои ќе ја развиваат производствената индустрија, ќе воведат нови технологии и иновации и ќе создаваат одржливи работни места“, наведуваат од ресорното министерство.
Законот прецизно ги дефинира субјектите кои можат да користат финансиска поддршка – компании што реализираат почетна инвестиција од најмалку 100.000 евра во преработувачката индустрија. Истовремено, се исклучуваат субјектите што работат во примарното земјоделство, шумарството и рибарството, како и фирмите што се занимаваат со изградба и продажба на станови и деловни објекти.
Министерството за економија и труд ја води целата постапка – од евалуација и склучување договори до следење на нивната реализација, со што, како што се наведува, се обезбедува континуитет, контрола и отчетност при користење на јавните средства.
Примената на законот започнува на 1 јануари 2026 година, а Министерството очекува конкретни и мерливи резултати, додавајќи дека останува посветено на создавање предвидлива и поддржувачка бизнис-клима за домашните и странските инвеститори.
Економија
Димитриеска-Кочоска: Создаваме стабилно и транспарентно финансиско опкружување за развој на приватниот сектор
Создавање и одржување предвидливо, стабилно и транспаретно финансиско опкружување е еден од приоритетите на Владата со цел приватниот сектор да се развива, граѓаните и компаниите да имаат доверба во институциите. Ова беше пораката на министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска во обраќањето на Ерсте инвеститорискиот појадок што се одржува во Скопје во организација на Ерсте групацијата и Шпаркасе банка.
„Светската економија се наоѓа во период на прилагодување на новите монетарни политики, геополитички предизвици и брзи дигитални иновации. Во такви услови, како креатори на политики на национално ниво, внимателно ги следиме и анализираме глобалните текови и врз основа на тие сознанија носиме соодветни мерки. Нашата цел е да создадеме поволно бизнис-окружување и нови можности за економски раст“, рече Димитриеска-Кочоска
Таа потенцира дека и покрај предизвиците што ги носи глобалното економско окружување домашната еконмија од средината на минатата година до вториот квартал од 2025 година бележи раст од над 3% и дека тоа говори за стабилизација на економската активност, отпорност на економијата и ефективност на политиките.
Посочи дека растот на економијата за ова година е проектиран на 3,5% и дека се очекува таквиот тренд да продолжи и во наредната година со раст од 3,8%. Главен двигател се бруто инвестициите, но дека значаен придонес има и кредитната поддршка за инвестициите, која во септември забележа раст од 16,5% во корпоративниот сектор, како и кредитната линија на Владата за финансирање на инвестиции на приватните компании.
Таа пред присутните посочи дека Министерството за финансии континуирано работи на реформи во јавните финансии, поттикнување инвестиции и развој на нови финансиски инструменти што ќе ја поддржат иновацијата и конкурентноста.
Во таа насока, во изминатиот период во Министерството за финансии интензивно се работеше на анализа на финансискиот пазар и трендовите во регионот и Европа во насока на диверзификација на понудата на финансиски инструмени за инвестирање, како и нивно модернизирање и поедноставување. Нашата цел е да се допре до сите интересни групи и да се излезе во пресрет на интересот на граѓаните.
Оттука, имајќи го предвид интересот на граѓаните за државните хартии од вредност, во Министерството се подготвува нова емисија на Граѓанска обврзница, која ќе биде наменета за граѓаните што сакаат да инвестираат безбедно и директно. Со тоа го збогатуваме портфолиото на достапни инструменти и овозможуваме современ, едноставен, ефикасен и транспарентен систем за инвестирање.
Економија
Од полноќ повисока цената на бензинот и дизелот
Регулаторната комисија за енергетика донесе Одлука со која се врши зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,29% во однос на одлуката од 3.11.2025 година.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините за 0,613%, кај дизелот за 2,881%, кај екстра лесното масло има намалување за 0,251% и кај мазутот има исто така намалување за 2,898%.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок за 0,7827%
Од 11.11.2025 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 74,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 76,50 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 72,00 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 69,50 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 36,427 (денари/килограм)
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 се зголемуваат за 0,50 ден/лит.
Малопродажната цена на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) се зголемува за 1,00 ден/лит.
Малопродажната цена на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) не се менува.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се намалува за 0,486 ден/кг и сега ќе изнесува 36,427 ден/кг.
„Напоменуваме дека ова се максималните цени на нафтените деривати од 00:01 часот на 11.11.2025 година. Трговците на големо и трговците на мало со нафтени деривати и горива за транспорт можат да ги формираат цените на одделни нафтени деривати и горива за транспорт и пониско од највисоките утврдени цени“, велат од Регулаторна.

