Македонија
Петковски:Јанкулоска јавно да го соопшти одговорот за следењето на Бошкоски
Претседателот на Комисијата за надзор над спроведувањето на мерките за следење на комуникациите, Тито Петковски ја повика министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска јавно
Претседателот на Комисијата за надзор над спроведувањето на мерките за следење на комуникациите, Тито Петковски ја повика министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска јавно да го соопшти одговорот кој и го дала на Комисијата за следењето на лидерот на Обединети за Македонија, Љубе Бошкоски.
„Бидејќи министерката Јанкулоска вчера на телевизија „Сител“ изјави дека сум неписмен и не знам што барам, а таа дала исцрпен одговор дека Бошкоски не бил следен, еве јавно ја повикуваме да соопшти на јавноста каков одговор и дала на Собраниската комисија, па јавноста нека суди кој е неписмен, дали ние од Собраниската комисија или таа како министер“ изјави Петковски.
Петковски цитираше изјава и на портпаролот на МВР, Иво Котевски која ја пренела телевизија „Сител“ на 6 јуни, на денот кога Бошкоски беше уапсен.
Во изјавата Котевски вели дека врз основа на судска наредба изминатиот период неколку месеци се применети посебни истражни мерки поради сомнение дека ја злоупотребува службената положба и незаконски ја финансира кампањата.
Тој тврди дека во документот кој им го доставило Министерството нема ништо „строго доверливо“.
Во него немало никаков одговор на прашањата на комисијата, во кој период е следен и прислушуван Бошкоски, дали следењето продолжило и за време на предизборна кампања, дали МВР располага со налог од надлежен судски орган за примена на посебни истражни мерки и од кој датум е и кои се причините за барањето на посебни истражни мерки и каков вид истражни мерки се наредени.
Незадоволни од одговорот на министерката, Комисијата формираше Работна група која ќе појде во Министерството за внатрешни работи и ќе ја побара на увид целата документација за следењето на Бошковски.
До денеска партиите од парламентарното мнозинство треба да одлучат кој ќе партиципира во оваа работа група и од понеделник тие ќе испратат барање до МВР за увид во документацијата. Во работната група ќе има двајца членови од опозицијата и еден член од власта.
Лидерот на Обединети за Македонија беше уапсен на 6 јуни под сомнение за нелегално финансирање на кампањата. Иако претходно судот одлучи да го заврши судењето без да го испраша заштитениот сведок, вчера кога требаше да бидат завршните зборови, полицијата доставила известување до судот дека сведокот бил пронајден и дека сепак ќе сведочи.
На прашање зошто дури сега заштитениот сведок ќе се појави во судот, министерката вели дека полицијата дури сега успеала да го обезбеди.
Таа ги отфрли сите шпекулации дека некој друг ќе го замени заштитениот сведок, односно дека на негово место ќе седне некој друг, односно не правата личност.
„Никогаш не се случило ваков пропуст. Македонија има институции и законски решенија кои се почитуваат“ вели Јанкулоска.
Љубе Бошкоски и заштитениот сведок ќе се видат во вторник во 16 часот ./крај/фф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Домашни производи и специјалитети од сите региони на Македонија денес може да се пробаат во Градски парк
Уникатна можност да се вкусат домашни производи и специјалитети од сите региони на Македонија, претставува Саемот за храна што ќе се одржи денеска во Градскиот парк во Скопје.
Под мотото „Вкуси ја традицијата преку домашна здрава храна“, Саемот ќе ги промовира производите „Македонско најдобро“ кои, како што информира Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ), претставуваат синоним за квалитет.
-Саемот за храна ќе понуди богат избор на свежо овошје и зеленчук, млечни производи, мед, преработки од овошје и зеленчук и вино, подготвени со внимание и љубов кон традицијата. Ве поканувам да дојдете, секоја ваша поддршка е инвестиција во домашното производство, локалната економија и развојот на руралниот туризам. Заедно да ја негуваме традицијата и да градиме поуспешна иднина за македонското земјоделство, апелира министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски кој се очекува да се обрати пред присутните учесници и посетители.
Настанот ќе биде збогатен со репертоар на познати музички изведувачи.
Саемот за храна го организира здружението „Наша традиција, наша иднина“ со поддршка на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Македонија
Денес дожд, засилен ветер и грмежи
Денеска не очекува променливо облачно време со локални врнежи од дожд кои повремено ќе бидат пообилни, се наведува во прогнозата на УХМР.
Како што информира УХМР, процесите ќе бидат поинтензивни во форма на невреме со пообилен пороен дожд (над 30 l/m² за 24 часа), засилен ветер и појава на грмежи. Ќе дува умерен до засилен ветер од јужен, а долж Повардарието од југоисточен правец.
Во Скопје, променливо облачно со повремени врнежи од дожд. Ќе дува умерен до засилен југоисточен ветер.
Македонија
Детскиот џагор на игралиштата и смеата пред зградата, денес го замени тишината на екраните
Осаменоста веќе не е проблем само на возрасните. Таа сè почесто ги погодува и децата. Она што некогаш беше џагорот на игралиштата и смеата пред зградата, денес го замени тишината на екраните. Сè повеќе тинејџери се чувствуваат изолирани, а детските психијатри предупредуваат дека расте генерација која веќе не знае да се дружи.
Според податоците на истражувачкиот центар „Пју“, речиси една четвртина од младите на возраст меѓу 18 и 29 години се чувствуваат осамени поголемиот дел од времето, а кај момчињата од 11 до 17 години тој број се зголемува на повеќе од 26 проценти.
– Децата стануваат сè поосамени. Тоа го знаеме одамна – вели д-р Херман Велес, детски и адолесцентен психијатар од Универзитетот „Колумбија“.
Пред само десетина години децата играа фудбал во дворот, ги шетаа своите миленици и се дружeа до мрак. Денес, повеќето од нив поминуваат часови пред екрани. Истражувањата покажуваат дека секоe трето дете воопшто не игра надвор во школските денови, а едно од пет ниту во текот на викендот.
Родителите, често водени од страв и недоверба кон околината, сè поретко им дозволуваат на децата самостојно да си играат надвор. Како што пишува социјалниот психолог Џонатан Хејт, автор на книгата „Анксиозната генерација“, терминот „опасност од непознатите“ стана симбол на современото родителство.
Стравот, медиумите и претераната претпазливост ги затворија децата во безбедни, но осамени домови.
Социјалните мрежи и видеоигрите ги заменија дворовите, но не донесоа блискост. Напротив, создадоа лажна слика за светот и за себеси. Повеќе од 70 отсто од момчињата редовно гледаат содржини што ја глорифицираат „машкоста без емоции“: сила, надмоќ, пари.
– Тоа создава ѕид – вели психологот Мајкл Роб. Момчињата почнуваат да веруваат дека покажувањето чувства е слабост, а молчењето знак на сила. Со текот на времето, тоа ги оддалечува од другите и од сопствените емоции.
Што можат да направат родителите?
Најважното што родителите можат да направат не е контрола, туку присуство.
– Децата имаат потреба од подобра опција од интернетот. Тоа значи заедничко време, искрен разговор, заеднички оброк – објаснува д-р Велес.
Едноставните моменти како прошетка без телефони, вечера со разговор или заедничка смеа, ги враќаат децата во вистинскиот живот.
Психолозите советуваат родителите да воведат правило без екрани во спалната соба и да одредат време без телефони барем еден час дневно. Наместо лутина за тоа што децата гледаат, препораката е пристапот: „Биди љубопитен, не лут“.
Прашајте го детето што гледа, како се чувствува додека гледа и што му значи тоа. Можеби тогаш првпат ќе чуете нешто искрено.
Детските психолози се согласуваат за едно: играта без телефон и времето поминато со други се најбрзиот лек против осаменоста. Затоа е важно децата повторно да ја имаат можноста што ја имаа генерациите пред нив: да бидат надвор, да грешат, да се смеат и да имаат вистински пријатели, не виртуелни.

