Вести
Медведев: Русија нема да учествува во копнена операција во Сирија
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2016/10/1348856823.jpg)
Руски воени советници се присутни на теренот во Сирија, меѓутоа вооружените сили на Руската Федерација нема да учествуваат во антитерористичка операција во ова земја, изјави рускиот премиер Дмитриј Медведев во интервју за германскиот дневен весник Handelsblatt од петокот.
„Ние не сакаме да учествуваме во копнена операција, таму има само наши советници“, вели рускиот премиер, кој беше на претседателската должност во периодот од 2008 до 2012 година, кога повторно го замени на чело на владата актуелниот шеф на државата Владимир Путин.
Притоа Медведев истакнува дека операциите на руските воздухопловни сили во Сирија „немаат неограничен карактер“. „Операцијата, секако е привремена, таа во прв ред е од локална природа, со користење на авиони и во некои случаи проектили (истрелани од подморници и бродови во Средоземното и Каспиското Море – з.р.). Инаку кажано, таму гледаме многу важна, но истовремено и локална задача“, појаснува.
Премиерот потсетува дека „Русија е инволвирана во сирискиот конфликт за обезбедување на своите национални интереси“. Притоа Медведев појаснува дека станува збор за борбата со верските екстремисти.
„Знаеме дека оние коишто заминале во Сирија, (а такви ги има барем неколку илјади луѓе, бројките се различни, затоа што секако не можеме да знаеме за сите кој кога замина), ќе се вратат како апсолутно зомби убијци коишто ќе го прават она што порано го правеа на Кавказ, во Москва и во други градови, она што го сторија во Париз, во САД, всушност по целиот свет“, вели Медведев..
„Затоа рускиот претседател одлучи да одговори на барањето на сирискиот претседател и беше донесена одлуката да се учествува во таа борбена операција“, ги појаснува рускиот премиер мотивите на Москва за преземање на воздушните удари врз позициите на екстремната сунитска група Исламска држава на сириското боиште.
Според процената на руското разузнавање, најмалку четири илјади лица од претежно муслиманските кавкаски републики и другите централно азиски земји од поранешниот Советски сојуз заминале на сириското боиште во редовите на Исламската држава.
Ткн Кавкаски емират е најозлогласената терористичка организација којашто дејствува на Северен Кавказ. Беше прогласен во 2007 година и ја презема одговорноста за повеќето големи терористички напади во Русија во којашто загинаа стотина луѓе, меѓу другите и експлозијата на меѓународниот терминал на московскиот аеродром Домододево во 2010 година.
Според руската Федерална служба за безбедност (ФСБ), повеќето од командантите на Емиратот Кавказ годинава ѝ изразиле лојалност на џихадистичката Исламска држава./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2022/08/makfax_logo_350px.jpg)
Вести
“Во основа е пекол на земјата”: Градот Газа оставен тотално без здравствената заштита
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2023/11/gaza32.jpg)
Во раните утрински часови во саботата, над купови бетон и урнатини, толпа лекари и пациенти пешачеа километри низ уништените улици на градот Газа, принудени да се евакуираат пеш од она што остана од болниците. Здравствените работници велат дека се плашат да ги оставаат критично болните пациенти зад себе во град кој сега во голема мера е сведен на урнатини, преземен израелските сили, со болници кои работат без струја, гориво, вода или храна, пишува британски „Гардијан“.
“Тоа е во основа пекол на земјата”, вели Вилијам Шомбург, шефот на Меѓународниот комитет на Црвениот крст во Газа, опишувајќи го она што остана од животот во градот.
Со недели, десетици илјади луѓе се надеваа дека во болниците во Газа ќе најдат засолниште кое е најблиску до безбедно бидејќи енклавата издржа интензивирачки бомбардирања.
Но, откако израелските сили се приближија до објектите и потоа ја нападнаа најголемата болница во Газа, Дар ал-Шифа минатата недела, илјадници луѓе беа раселени заедно со медицинскиот персонал, шетајќи низ уништените улици на југ од енклавата.
Палестинското министерство за здравство во Газа соопшти дека израелските сили побарале евакуација на болницата Ал Шифа вчераутро, три дена откога влегоа во објектот. Здравствените лица сведочат дека им им било кажано дека имаат еден час да ја евакуираат болницата која беше центар на здравствениот систем на Газа.
Најмалку 12.000 луѓе загинаа во израелскиот напад врз Газа по нападот на Хамас на 7-ми октомври, во кој загинаа 1.200 Израелци, а околу 240 луѓе беа заложници.
Вести
Борел: Целосно е невозможно да се евакуираат милиони луѓе од северот на Газа
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2022/09/борел-миа.jpg)
Првиот човек на ЕУ-дипломатијата Жозеп Борел утринава на прес-конференција изјави дека евакуацијата на милиони луѓе од северниот дел на Газа е целосно невозможна.
Десетици илјади цивили почнаа да бегаат од јужниот дел на Газа вчера, откако Израел им порача на луѓето да ја напуштат областа пред очекуваната копнена офанзива.
„Да се замисли дека можеш да преселиш милион луѓе за 24 часа во ситуација во каква што е Газа, може да биде само хуманитарна криза“, рече Борел на последниот ден од тридневната дипломатска посета на Кина.
И покрај изјавата на ЕУ за поддршка на Израел, тој исто така предупреди дека и Израел е должен да го почитува меѓународното хуманитарно право во одбранбениот процес.
„Позицијата е јасна“, рече Борел. „Но, како и секое право, тоа има граница. А таа граница е меѓународното право“.
Вести
Проценки на ОН: Десетици илјади луѓе веќе ја напуштија Газа
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2023/10/антонио-гутереш.jpg)
Во текот на ноќта беа објавени најновите проценки на ОН за бројот на луѓе кои ги напуштиле своите домови во северниот дел на Газа.
Тие велат дека веруваат дека станува збор за десетици илјади кои се упатиле кон југ по предупредувањето за евакуација на Израел.
Пред наредбата за евакуација, повеќе од 400.000 Палестинци беа внатрешно раселени, според хуманитарната канцеларија на ОН OCHA.
Израелската војска им порача на околу 1,1 милион луѓе во северниот дел на Газа да заминат пред очекуваната копнена инвазија. Хамас, пак, ги повика луѓето да останат на место и да пркосат на израелската воена наредба.
Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш рече дека наредбата од Хамас е „исклучително опасна – и во некои случаи едноставно не е возможна“.