Регион
Рама: Косово и Македонија во Јадранско-јонската стратегија

Албанскиот премиер Еди Рама предложил Косово и Македонија по забрзана процедура да се вклучат во регионалната Јадранско-јонска стратегија, пишува Koha ditore.
На собирот во Пескара, Рама повторил дека макрорегионаланта стратегија треба да ги следи и националните стратегии.
„Да бараме решение надвор од Европа, би било исто како да бараме решение надвор од историјата. Повторувам дека макростратешките стратегии треба да одат по основата на националните“, изјавил Рама.
Тој изразил надеж дека со активната фаза од макрорегионалната стратегија на Јадранско-јонското приморје ќе биде овозможен пристап и за четири земји кои не се членки на ЕУ, но се членки на регионалната стратегија.
„Се надевам дека во забрзана процедура во регионалната стратегија ќе бидат вклучени Косоово и Македонија, со што таа соработка би била комплетирана“, рекол Рама.
Макрорегионалната соработка е „еден нов пат кој би требало да ги зајакне односите меѓу соседите, но и мировната стратегија со посредство на економската и социјалната соработка“, додал Рама.
Европската комисија минатата година ја претстави европската стратегија наменета за развојот на Јадранско-јонскиот регион. Зајакнувањето на економијата и социјалниот развој, како и брзата интеграција на западен Балкан се цел на новата европска стратегија за Јадранско-јонскиот регион, а „работата на заедничките приоритети е пат за брз напредок на регионот“, е пораката на Брисел.
Станува збор за третата европска макрорегионална стратегија (по Дунавската и Балтичката), чија цел е земјите кои се дефинирани, на прво место, но не и ексклузивно, по басенот на Јадранското и Јонското море, подобро да се поврзат и да соработуваат во областите на транспортот, енергетиката, туризмот, заштитата на животната средина и промоцијата на поморската економија.
Јадранско-јонската иницијатива во моментов ја сочинуваат осум земји од регионот, од кои четири се членки на ЕУ (Грција, Италија, Словенија и Хрватска) и четири земји од западен Балкан (Албанија, БиХ, Црна Гора и Србија). Регионот опфаќа осум земји со население од 70 милиони жители./крај/мф/бс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
(Видео) На детско игралиште во Белград убиен маж

Едно лице беше убиено синоќа во пукотница на булеварот „Вудро Вилсон“ во Белград на вода, објави РТС.
Докторката Виолета Николиќ од Одделот за итни случаи потврди за РТС дека 35-годишен маж бил застрелан синоќа во 23:13 часот.
„Нашиот тим можеше само да заклучи дека 35-годишниот маж е мртов“, рече д-р Николиќ.
На социјалните мрежи се објавени снимки на кои се гледа телото на убиениот маж на детско игралиште и апсењето на друго лице.
фото: принтскрин
Регион
Пицула ја критикува ЕУ за пофалбите што ги дава на Србија: „Наместо тоа, барајте вистински реформи“

Известувачот на Европскиот парламент за Србија, Тонино Пицула, изјави дека претставниците на ЕУ треба да се воздржат од прекумерно фалење на реформите во Србија, која е потресена од месеци антивладини протести предизвикани од железничката несреќа во Нови Сад пред една година.
Тој се осврна на честите пофалби од Европската комисија, како онаа минатата година кога претседателката на Комисијата, Урсула фон дер Лајен, му се обрати на српскиот претседател Александар Вучиќ со „драг Александар, покажа дека делата ги следат твоите зборови“.
За време на посетата на Белград во среда, наративот малку се смени, при што фон дер Лајен му се обрати на Вучиќ со „Господине претседателе“.
„Апелираме до Комисијата наместо тоа јасно да ја артикулира потребата од вистински и сеопфатни реформи, вклучително и враќање на демократските институции, зајакнување на владеењето на правото и борба против корупцијата и организираниот криминал“, рече Пицула.
Потпретседателката на пратеничката група на С&Д, белгиската европратеничка Кетлин Ван Бремпт, која е задолжена за проширување на ЕУ во нејзината група, истакна дека секоја неоправдана пофалба од страна на Комисијата за властите во Србија води до тоа студентите и граѓаните што протестираат на улиците да се чувствуваат предадени.
Европскиот парламент следната недела во Стразбур ќе дебатира за резолуција за растечката репресија во Србија, една година откако се урна настрешница на железничката станица во Нови Сад, при што загинаа 16 лица. Трагедијата предизвика месеци протести што Вучиќ ги нарекува „обоена револуција“.
Во изјава за новинарите во Брисел, Пицула рече дека од февруари до септември оваа година имало повеќе од 10.700 протести низ цела Србија, кои биле обележани со репресија врз демонстрантите, произволни апсења и политички мотивирани притворања.
фото: принтскрин
Регион
Грција го усвои контроверзниот закон – отворен патот за 13-часовно работно време

Грчкиот парламент денес го усвои новиот закон за труд, кој предизвика бурни реакции и протести во целата земја. Со 158 гласа „за“ и 109 „против“ владиниот предлог беше изгласан, а левичарската опозициска партија СИРИЗА одби да учествува во гласањето.
Законот, кој според владата има цел да го направи пазарот на труд поприспособлив и поефикасен, им овозможува на работодавците во приватниот сектор да бараат од своите вработени да работат до 13 часа дневно наместо досегашните осум. Продолженото работно време може да се применува најмногу 37 дена годишно, а работниците се заштитени од отказ доколку одбијат да работат прекувремено.
Владата тврди дека со новите правила се зголемуваат флексибилноста и заштитата на работниците, особено оние со семејства, и дека законот дозволува четиридневна работна недела доколку има претходен договор меѓу работодавецот и вработениот.
Меѓутоа, синдикатите и опозицијата остро реагираа предупредувајќи дека реформата ја укинува суштината на осумчасовниот работен ден и ја легализира прекумерната експлоатација. Синдикатот на државните службеници ADEDY порача дека „флексибилното работно време во пракса значи уништување на семејниот и на општествениот живот и укинување на работничките права“.
Синдикатите потсетуваат и дека просечните плати во Грција се значително пониски од европскиот просек, а нерегистрираниот труд и натаму е голем проблем. Опозициските партии оценија дека законот е застарен и спротивен на европските тенденции за скратување на работното време и воведување пократка, но поквалитетна работна недела.
Новите одредби предвидуваат и поголема флексибилност при вработувања на определено време, со цел, како што наведува Министерството за труд, да се стимулираат продуктивноста и модернизацијата на пазарот на труд.
И покрај уверувањата на владата дека законот ќе ги заштити работниците и ќе овозможи подобра рамнотежа меѓу работа и приватен живот, јавноста останува поделена.