Македонија
Беџети: Тешка клевета се зборовите на Фазлиу

Министерот за правда Блерим Беџети, во врска со прашањето на пратеникот Беким Фазлиу упатено до министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска дали е решен случајот во клубот „Шери“, при што обвини дека токму тој бил фатен со оружје и со дрога, вели дека се тешка клевета.
„Наводите на пратеникот на опозицискaта ДПА Беким Фазлиу од говорницата на парламентот се тешка клевета, заснована на лаги. Како секогаш, оваа личност инсистира да придобие политички поени и да го врати неговиот персонален рејтиг внатре во партијата по дебаклот на последните локални избори“, реагира Беџети.
Вели дека никогаш не се обидел да ги спречат полициските службеници во работата на институциите на системот, ниту, пак, ги злоупотребил истите.
„Акцијата во споменатиот локал се спроведе според сите правила, а шпекулаците во врска со инволвирањето на луѓето што беа со мене, овојпат им ги оставам на волјата за ексклузивност на веста во медиуми. Но, сакам да истакнам дека Беким Фазлиу оди уште подалеку со својата фантазија, велејќи нешто што ни на медиуми не беше кажано, дека кај мене е најдено нешто противзаконско. Единствената вистина што беше во медиумите за мене поврзано со случајот е дека – да јас бев во тој момент таму и на ниеден начин моето присутсво не ја попречи акцијата. Сите други информаци во оваа вест се само ‘разубавување’ на веста за атракција. Барам од пратеникот Беким Фазлиу да не се крие зад имунитетот во говорницата. Јас, како министер. ќе се обидам да го решам случајот во целост“, реагира Беџети./крај/мф/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Усје добива нова улица поплочена со павер-елементи место асфалт

Привршува изградбата на нова улица во населбата Усје, која се очекува да го унапреди квалитетот на живот на жителите во овој дел од општина Кисела Вода. Се работи за сосема нова улица со должина од 180 метри и површина од 900 квадратни метри, која е целосно поплочена со бехатон, односно павер – елементи. Оваа улица се гради во делот каде што никнуваат нови домаќинства, како директен одговор на потребите и барањата на жителите од оваа населба.
Покрај новата улица, во завршна фаза е и реконструкцијата на сите улици во населбата Усје, што се реализира како дел од стратегијата за инфраструктурна обнова на општина Кисела Вода. Пред почетокот на овие градежни активности, беше изградена и фекална канализација, со што се создадени подобри услови за урбан развој на оваа населба.
„Оваа нова улица во Усје е доказ дека кога жителите имаат јасни барања, а локалната самоуправа има слух и визија – резултатите се видливи. Градиме таму каде што досега немало ништо, создаваме услови за достоинствен живот и ја спроведуваме нашата стратегија за целосна инфраструктурна трансформација на Кисела Вода. Усје добива нов лик. Во завршна фаза е и комплетната реконструкција на останатите улици во населбата, која претходно доби и фекална канализација. Со оваа и многу други завршени или започнати интервенции, Општина Кисела Вода ја потврдува својата заложба за модерна, инфраструктурно уредена и функционална локална самоуправа. Преку планска работа, реализација на ветените проекти и одговорност кон секое населено место, како локална власт градиме подеднакво подобри услови за живот за сите свои граѓани“, вели градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.
Македонија
Петрушевски: Венко Филипче и СДС молчат за трет партиски активист фатен со дрога

Венко Филипче и СДС молчат за трет партиски активист фатен со дрога во последните неколку месеци, обвини Бране Петрушевски, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.
„Во што се претвори СДС? Здружение на наркодилери и конзументи? Или нивен заштитник? Имено пред 3 дена, Слаѓан Марковски од Гостивар, активист на СДС, е фатен со 12 пакувања кокаин и кеш. Ова е трет партијаш по Јон Фрчкоски и Андон Стојков кој за само неколку месеци е фатен со дрога“, рече тој.
Петрушевски прашува дали СДС и Венко Филипче ќе се откажат од Слаѓан Марковски или ќе се кријат како што се криеја за Андон Стојков?
„СДС е партија која се претвори во заштитник на криминалци. Венко Филипче има шанса и денес да се откаже од наркодилерите во неговите редови. Ако тоа не го стори, повеќе од јасно е дека нема интерес од тоа, и дека интересот се крие во нешто друго“, изјави Петрушевски.
Македонија
Според груби пресметки, ни требаат околу 300 нови училници за едносменско работење во сите училишта, вели Јаневска

Министерката за образование и наука, Весна Јаневска и градоначалникот на Штип, Иван Јорданов денеска го посетија подрачниот објект на основното училиште „Ванчо Прке“ во населеното место Ново Село.
„Инвестицијата ќе одговори на барањето на родителите на учениците од ова населено место, но и ќе ја реализира иницијативата на Владата за воведување на едносменска настава, од која придобивките многупати досега сум ги споменала. Првенствено ќе ги задржиме децата повеќе на училиште, со оглед на тоа што имаат 900 часови помалку во споредба со европските врсници, повеќе ќе се социјализираат и значително ќе го подобрат своето знаење. Со едносменско работење се решава и предизвикот со вишокот наставници, кои остануваат да работат со учениците преку додатни активности“, рече Јаневска.
Нагласи дека важна придобивка од едносменското работење е и намалувањето на тековните трошоци на училишните објекти, а заштедените средства можат да се алоцираат за други корисни цели. Во ова, како што рече Јаневска, треба да придонесуваат и училишните раководства, наместо да ги злоупотребуваат ресурсите, посочувајќи го случајот со училишниот директор во Струмица кој дозволувал организирање на партиски состаноци во училниците во доцните часови, мислејќи дека тоа ќе остане незабележано.
Информираше дека 150 училишта во земјата имаат настава во една смена, а интенцијата е тоа да го направат сите. Иако училиштата се под надлежност на општините, тие ќе ја имаат поддршката од Владата и од Министерството за образование и наука и во иднина.
„Во државата има уште 245 училишта со двосменска настава и во моментов правиме анализа на условите, за да видиме попрецизно со какви и колкави инвестиции можеме да создадеме услови за едносменска настава. Некаде треба да се доградуваат училници, некаде може само да се преадаптираат простории, а некаде треба да се градат и целосно нови објекти. Сумирано според груби пресметки, ни требаат околу 300 нови училници“, посочи Јаневска.
За да се оствари процесот, потенцираше дека се потребни средства и време, но изрази уверување дека во неколку календарски години целта ќе биде остварена.