Македонија
Детските стоматолози ќе преминат во јавно здравство
Тимови од доктор стоматолог и медицинска сестра ќе работат со деца до 14 години во јавното здравство, одлучи Владата, со што ќе бидат остварени 142 нови вработувања
Владата донесе одлука за вработување 71 стоматолошки тим од стоматолог и медицинска сестра во јавното здравство, каде децата до 14 години ќе се лекуваат, наместо како до сега кај матични лекари кои работат како концесионери.“Се покажа дека додека децата беа под матичните стоматолози се потфрли во делот на превенцијата, па индексот на кариес се зголеми кај нив. Затоа Владата прави измени на Законот за здравствена заштита со што децата до 14 години ќе поминат во јавното здравство“, рече Бујар Османи, министер за здравство, по средбата со претставници на детските стоматолози. Затоа потребно е да се вработат нови 71 стоматолошки тим или 142 нови вработувања во јавното здравство. “Со ова се решава уште еден проблем, а тоа е оној кој се однесува на детските стоматолози кои беа жртва на процесот на приватизација, на трансформацијата во примарната стоматологија“, рече Османи.Како што информираше министерот услов е огласот за нивно вработување да почне на 1 декември со цел да се почитуваат антикризните мерки што ги донесе Владата во однос на забрана за вработување, за да може првата плата да ја земат во јануари 2010 година. Детските стоматолози ќе имаат приоритет при вработувањето.“Со ова се решаваат две крупни прашања – едното во однос на подобрување на грижата на децата, односно превенцијата на кариесот кај нив и решавање на проблемот со детските стоматолози“, вели Османи.Детските стоматолози кои работеа во основните училишта беа приватизирани во 2007 година, а седумдесет и два стоматолошки тима станаа концесионери. Поради малиот број пациенти тие бараа да бидат вратени во јавното здравство.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) ДКСК да ја повлече скандалозната одлука за Христовски и да ја преиспита, бара СДСМ
„СДСМ бара повлекување на скандалозна одлуката на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) во врска со директорот на АНБ, Бојан Христовски и неговата диплома. Фактите кои што ги објавија медиумите и се достапни за целата јавност се загрижувачки и отвораат низа прашања за основите врз кои е донесена одлуката, дури и за можен конфликт на интерес во самата ДКСК“, рече Богданка Кузеска – портпаролка на СДСМ.
„Ова мора да биде целосно расчистено затоа што е удар не само врз угледот на ДКСК туку е дамка и за нејзината работа.
Анонимната претставка во која беше оспорена факултетската диплома на Бојан Христовски, издадена од еден Универзитет во Скопје ДКСК ја отрфли повикувајќи се на анализа на Државниот просветен инспекторат.
Оваа диплома, која самиот Христовски ја пријавил, предизвика основани сомнежи поради експресното завршување на студиите за само 1 година. Замислете, наместо 4 за една успеал.
Вчера, една национална телевизија објави информација за конфликт на интерес во самата ДКСК. Членка на ДКСК, која беше задолжена за овој случај и ја реферираше одлуката дека „сè е во ред“ со дипломата на Христовски, истовремено е предавач на истиот универзитет од каде што е издадена спорната диплома.
Овие информации беа јавно достапни и на интеренет страната на Универзитетот и на страната на Државната комисија за спречување на корупција.
Но по објавата на прилозите во медиумите, Универзитетот за туризам и менаџмент ја “избриша” Цвета Ристовска од наставен на интернет страницата.
Оваа ситуација ја загрозува веродостојноста на одлуките на ДКСК и ги поткопува во целост.
Во Етичкиот кодекс на Антикорупциската комисија е наведено дека членот треба да се откаже од одлучување во предмети кои се поврзани со судир на интереси. (член 9).
Едноставно, е неприфатливо вакви нерегуларности да бидат премолчени или оправдани.
СДСМ бара итно:
1. Повлекување и преиспитување на одлуката од страна на ДКСК за случајот со дипломата на директорот на АНБ.
2. Расчистување на прашањето за конфликт на интереси во редовите на ДКСК.
3. Преуспитување на анализата направена од Државниот просветен инспекторат.
Мора да се обезбеди транспарентност и одговорност во процесот, со цел граѓаните да добијат јасни одговори и да имаат доверба“, изјави Богданка Кузеска – портпаролка на СДСМ.
Македонија
Пратениците на „Влен“ би ги гласале уставните измени и денес, но потребни се политички договор и предвидливост во процесот, вели Гаши
Уставните измени за внесување на Бугарите ќе се случат тогаш кога владејачката коалиција ќе биде сигурна дека ќе има парламентарно мнозинство и кога ќе има предвидливост во процесот, што нема да значи нова блокада на земјата за членство во Европската Унија. Ова е ставот на претседателот на Собранието, Африм Гаши, на неколку дена до Нова година, рок што многупати беше посочен како период во кој би се донеле уставните измени пред доаѓањето на власт на новата коалиција.
„Коалицијата ‘Влен’, сите пратеници, стојат зад тоа и ние, ако би дошле на дневен ред, уставните измени би ги гласале и денеска, но мислиме дека треба заеднички да се договориме кога тоа е најдобро за државата, за сите граѓани и затоа правиме максимални напори како парламентарно мнозинство да ги донесеме уставните измени кога ќе биде најдобро за нашата држава, кога ќе има политички договор за тоа и кога ќе бидеме убедени дека имаме предвидливост во процесот. Тоа значи дека нема да имаме повторно вето за три месеци, за шест месеци и така натаму“, рече претседателот на Собранието, Гаши.
Тој е подготвен уставните измени да ги стави на дневен ред веднаш штом некој тоа го побара иако ставот на владејачкото мнозинство е дека треба да се чека предвидливост на процесот.
„Процедурата за уставни измени е пропишана и во Уставот и во Деловникот. Секој што ги исполнува условите може да поднесе иницијатива, но ние како парламентарно мнозинство мислиме дека треба да има политичка волја и политички договор за кога ќе почне процедурата, да биде и спроведена. Знаете дека уставни измени се донесуваат кога за тоа гласаат две третини од нашето Собрание и ние кога ќе сме сигурни дека тоа ќе биде прифатено од мнозинството пратеници во нашето Собрание, тогаш ќе ја почнеме процедурата. Во друг случај, никому не можеме да му забраниме, но мислиме дека не е добро да се експериментира со такви постапки“, објасни Гаши.
Претседателот на Собранието нагласи дека уставните измени се комплексно прашање, кое не зависи од еден политички сегмент и елемент.
Скопје
(Фото) Герасимовски: Џез, вино и костени, предновогодишна вечер за скопјани
Градоначалникот Горан Герасимовски, синоќа присуствуваше на настанот „Џез под ламба“ кадешто беа изведени македонските евергрини во џез верзија на Искра Србиновска квартет.
„Синоќа, Скопје беше обвиено во звуците на македонските евергрини, мајсторски преработени во џез верзии од Искра Србиновска квартет. Во предновогодишна атмосфера, со убави разговори и многу позитивна енергија, заедно го одбележавме културниот настан Џез под ламба. Подиумот беше отворен за сите – од најмладите до највозрасните! Сите во еден глас и ритам се потсетивме на безвременските евергрини, песни што ги обележале животите на многу генерации, а и понатаму ги инспирираат новите“, истакна Герасимовски.
Општина Центар продолжува да ги поддржува македонските уметници со организирање на вакви слични културни настани во кои се оддава признание на македонската музика.