Македонија
НБРМ:Економијата закрепнува солидно без ценовни притисоци

Економијата и понатаму закрепнува со солидно темпо, во еден дел поддржана и преку кредитната активност на домашните банки. Економското закрепнување се одвива без ценовни притисоци, констатира Комитетот за оперативна монетарна политика на НБРМ.
„Ваквите движења упатуваат на постоење соодветен амбиент за одржливо закрепнување на приватниот сектор, при што повторно беше оценето дека домашната економија е доволно поддржана преку преземените мерки на монетарната политика. Излегувањето од зоната на приспособлива монетарна политика во следниот период ќе зависи од промените во надворешната позиција на економијата и ефектите врз девизните резерви“, се вели во соопштението на Народната банка на Република Македонија (НБРМ).
Oцената на економските и финансиските услови покажа дека постојната монетарна поставеност е соодветна, и беше одлучено на аукцијата да се понудат благајнички записи на ниво на износот којшто достасува (25.500 милиони денари), со непроменета каматна стапка од 3,25%.
Најновите макроекономски показатели не упатуваат на поголеми промени во амбиентот за водење на монетарната политика. Во однос на економската активност, високофреквентните податоци за последниот квартал и понатаму упатуваат на раст на домашната економија, со веројатно, слично темпо како и во претходниот квартал.
Континуитетот на растот на економијата во последното тримесечје се согледува преку најголемиот дел од секторските показатели, со исклучок на градежните работи, коишто при висока споредбена основа и понатаму бележат годишен пад. Досегашните движења кај показателите за економската активност упатуваат на можност за нешто поголем раст во 2014 година од очекуваниот.
Во отсуство на нови податоци за инфлациските остварувања од почетокот на 2015 година, промените во надворешните претпоставки продолжуваат да упатуваат на надолни ризици поврзани со проекцијата на инфлацијата за 2015 година. Овие оцени ги одразуваат февруарските ревизии на светската цена на нафтата коишто предвидуваат значително подлабок пад на цената на нафтата во 2015 година споредено со октомвриската проекција. Сепак, треба да се има предвид големата неизвесност околу идното движења на светските цени на нафтата и можноста за нагли промени кај оваа категорија. Воедно, во меѓувреме се појавија фактори на ризик коишто делуваат во нагорна насока, односно неповолните временски прилики во домашната економија, но засега е тешко попрецизно да се оцени нивниот ефект, стои во соопштението.
Последните податоци за девизните резерви покажуваат раст од почетокот на годината, при поволни движења на девизниот пазар, каде што во континуитет на декемвриските остварувања и во јануари НБРМ реализира нето-откуп на девизни средства.
Во однос на кредитниот пазар, првичните декадни податоци за кредитниот пазар во јануари покажуваат мало намалување на кредитите на месечна основа, што доаѓа по силниот кредитен раст остварен во последниот квартал на 2014 година, особено во декември. Месечното намалување на кредитите резултира од намаленото кредитирање на корпоративниот сектор, што не е невообичаено за првиот месец од годината, и навестува можна привременост на ваквите поместувања. Кредитите на домаќинствата продолжија да растат на месечна основа со слична динамика како во претходниот месец.
Со оглед на силниот кредитен раст во последното тримесечје на 2014 година, годишната стапка на раст на вкупните кредити во јануари е околу 9% и е над проекцијата за првиот квартал на 2015 година. Во однос на депозитниот потенцијал, вкупните депозити продолжија да растат со солидно темпо и во текот на јануари, при што и нивната годинашна динамика на раст во јануари е над очекуваната за првото тримесечје во рамки на октомвриската проекција.
Во јануари, ликвидноста на банките под влијание на автономните фактори се зголеми, така што банките имаа зголемен интерес за пласирање на вишокот ликвидни средства во депозити кај НБРМ. Во такви услови, тргувањето на пазарите на пари беше релативно ниско. На девизниот пазар, беа регистрирани стабилни движења, а НБРМ интервенира со откуп на девизи од банките поддржувачи.
Во следниот период НБРМ главно ќе биде насочена на следење на остварувањето на проектираната патека на движење на девизните резерви и случувањата на девизниот пазар и ќе ја приспособува монетарната политика соодветно на тоа. Како и досега, ризиците за основното макроекономско сценарио главно се од надворешна природа и се поврзани со евентуалните промени во динамиката на заздравување на глобалниот економски раст и променливоста и неизвесноста околу динамиката на светските цени на енергијата и храната, којашто во последниот период е особено изразена. Дополнителен ризик се и лошите временски услови во земјата, што може неповолно да се одразат врз дел од домашното производство и цените, се вели во соопштението. /крај/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Дурмиши: Преку мерката за зелени инвестиции отворени се речиси 400 работни места во приватниот сектор

Министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, заедно со директорот на Агенцијата за вработување, Сељатин Бељули, и постојаниот претставник на УНДП, Армен Григорјан, денеска го посети ресторанот „Ксантика“, кој е еден од успешните примери на зелени инвестиции и создавање нови работни места.
За време на посетата министерот истакна дека преку Мерката 8 – „Создавање нови работни места преку зелени инвестиции“, досега се отворени речиси 400 нови работни места во приватниот сектор.
„Досега 228 компании инвестираа во зелени решенија – фотонапонски панели, енергетска ефикасност и модерна опрема. Компаниите вложија над 200 милиони денари сопствени средства, што е повеќе од државната поддршка. Тоа покажува дека политиката на Владата не е само субвенција, туку катализатор за приватен капитал и за зелена економија,“ рече министерот Дурмиши.
Економија
УЈП: Инкасирани 2,3 милијарди денари или 37,4 милиони евра повеќе во буџетот споредбено со јули лани

Во јули 2025 година, Управата за јавни приходи оствари значителен раст на наплатата по основ на даноци и социјални придонеси за речиси 37,4 милиони евра во споредба со јули 2024 година.
Вкупната наплата од даноци (Данок на додадена вредност (ДДВ), данок на личен доход (ДЛД) и данок на добивка ДД) изнесува 14.344 милиони денари, односно приближно 233 милиони евра, што претставува рекордна месечна наплата досега.
По тој основ остварен е раст од 922 милиони денари или околу 15 милиони евра, што е раст од 6,9% во однос на јули 2024 година. Раст од 13,4% се бележи и кај социјалните придонеси, и по тој основ наплатени се 11.823 милиони денари (192,2 милиони евра), што е за 1.400 милиони денари (околу 23 милиони евра) повеќе наплатени средства од придонеси во споредба со истиот месец минатата година.
„Растот на приходите не е случаен – тој е резултат на зголемена економска активност, како и посветена работа, партнерство и доверба која Управата за јавни приходи постојано ја гради со даночните обврзници. Во изминатиот период, а во согласнст со законските надлежности, УЈП презеде низа мерки и е во постојан контакт со даночните обврзници и нивните овластени сметководители кои имаат пријавен, но ненаплатен долг за соодветниот даночен период. Целта е навремено подмирување на обврските и избегнување на блокада на сметки и дополнителни трошоци за присилна наплата“, велат од УЈП.
Во рамки на превентивните мерки, доставени се персонализирани пораки и известувања до обврзниците, со јасна порака за доброволно усогласување. Придобивката од овој пристап е јасна: се овозможува финансиска стабилност кај обврзниците, се избегнуваат санкции и се гради одржлива даночна историја, што директно придонесува за стабилни јавни финансии и позитивна деловна клима.
Економија
Потпишани договори за 828 проекти со 225 милиони евра преку капитални инвестиции

Со склучувањето на договорите за вториот повик од инструментот за капитални инвестиции, денес започнува нова фаза на големи вложувања во општините ширум Македонија, соопшти премиерот, Христијан Мицкоски.
Вкупната вредност на проектите изнесува 13,8 милијарди денари, односно околу 225 милиони евра, а се опфатени 828 проекти во различни области. Најголем дел од средствата, над 8 милијарди денари, ќе бидат инвестирани во инфраструктурата – патишта, мостови и локални врски.
Покрај тоа, во областа на животната средина ќе се реализираат 143 проекти со вкупна вредност од над 2,4 милијарди денари, кои се однесуваат на чиста вода, канализациски системи, управување со отпад и создавање нови паркови.
Во секторот образование, преку 48 проекти, ќе се инвестираат 1,6 милијарди денари за изградба и обнова на училишта и градинки, додека има и проекти поврзани со култура, спорт и социјална политика.
„Ова е најголемата инвестициска офанзива некогаш направена за општините, без партиски филтри и фаворизирања. Секоја општина што има проект добива поддршка,“ истакна Мицкоски.
Тој нагласи дека со овие инвестиции се гради еднаквост и пристап до квалитетен живот за сите граѓани, без разлика на нивната локација, и најави дека нема да се дозволи запоставување на ниту еден регион.
Со склучените договори и веќе започнатите проекти, Мицкоски ја опиша оваа иницијатива како конкретен чекор кон подобрување на инфраструктурата и квалитетот на живот во Македонија, која според него од хартија преминува во реалност.