Свет
Би-Би-Си се извини заради сексуално злоставување

Британски Би-Би-Си во понеделник се извини на жените кои тврдат дека една од главните ѕвезди на таа телевизија сексуално ги злоставувал пред повеќе децении.
Својот статус на ѕвезда и угледен хуманитарец го злоупотребил Џими Севил, ексцентричен спикер на Би-Би-Си кој почина лани на 84 годишна возраст.
Севил беше познат по долгата сина коса, посебниот карактер и особеноста „поголема од животот“. Сакаше да пуши цигари, да носи тренерки и да смислува нови зборови од кои некои влегле во речникот.
Тој некогашен ди-џеј се возеше низ Лондон со „ролс-ројс“, а кралицата Елизабета ја награди неговата хуманитарна работа во 1990 година со титулата витез. Кога лани умре, беше погребан во тренерка, а позлатеното тело беше изложено во еден хотел.
Но минатата недела неговиот углед беше доведен под знак прашалник, откако беше прикажан документарец за сексуалното напаствување на Севил на повеќе жени. Работата се прошири и Би-Би-Си почна да добива незгодни прашања за тоа дали некој нешто знаел околу ова.
Во понеделник новиот шеф на Би-Би-Си Џорџ Етвисл вети дека компанијата во целост ќе соработува со полицијата при истрагата.
„Тие жени доживеале нешто грозно и заради тоа навистина ми е жал…Би сакал во името на оваа организација на секоја од нив да им се извинам заради ова што тука го претрпеле“, рече Етвисл.
Некои жени тврдат дека Севил ги злоставувал уште додека имале 12 години. Според нивните зборови, на Би-Би-Си во 70-сетите и 80-сетите години, во времето на најголемата слава на Севил, владеела културата на сексуалното злоставување. Некои девојки биле нападнати дури и во просториите на Би-Би-Си. /крај/хн/ст
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Лавров: Распоредувањето европски војници во Украина е неприфатливо

Рускиот претседател Владимир Путин е подготвен да се сретне со украинскиот претседател Володимир Зеленски, но прво мора да се решат некои прашања, вклучувајќи го и тоа дали украинскиот лидер има легитимитет за потпишување договор, изјави денес рускиот шеф на дипломатијата Сергеј Лавров.
Путин и американскиот претседател Доналд Трамп се сретнаа минатата петок на Аљаска на првиот руско-американски самит во повеќе од четири години, и двајцата лидери разговараа за тоа како да се заврши војната во Украина.
На прашањето на новинарите дали Путин е подготвен да се сретне со Зеленски, Лавров рече дека рускиот претседател повеќепати изјавил дека е подготвен да се сретнат.
„Нашиот претседател повеќепати изјави дека е подготвен да се сретне, вклучително и со Зеленски. Но, сите прашања кои бараат разгледување на највисоко ниво мора да бидат добро разработени, а стручњаците и министрите ќе подготват соодветни препораки.“
Лавров рече дека пред потпишување на идните договори треба да се „реши прашањето за легитимитетот на лицето кое ги потпишува тие договори од украинската страна“.
Путин повеќепати го изразил сомнежот во легитимитетот на Зеленски затоа што неговиот мандат требаше да заврши во мај 2024 година, но поради војната не беа одржани нови претседателски избори. Киев тврди дека Зеленски и понатаму е легитимен претседател.
Руски официјални лица велат дека се загрижени дека евентуален иден претседател, ако Зеленски потпише договор, би можел да го оспори тој документ со образложение дека мандатот на Зеленски технички е завршен.
Лавров исто така ги обвини европските лидери дека се обидуваат да го поткопаат напредокот постигнат на минатонеделниот самит САД-Русија на Аљаска за можен мировен договор во Украина.
Европските сојузници на Киев, според Русија, се обидуваат да го свртат вниманието од решавањето „на основните причини“ за војната, рече тој.
Тој повтори дека Русија е загрижена за начинот на кој се води европската дискусија за безбедносните гаранции за Украина без учество на Москва.
Лавров рече дека распоредувањето европски воен контингент во Украина би било неприфатливо за Москва.
„Странска интервенција на дел од украинската територија (…) би била целосно неприфатлива за Русија“, рече Лавров по разговорот со индискиот колега во Москва.
Лавров ја обвини Украина дека не сака праведно и трајно решение на конфликтот.
Свет
Нетанјаху: Израел ќе ја освои Газа без разлика дали Хамас ќе ги ослободи заложниците

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави дека Израел ќе продолжи со плановите за воена акција и целосно освојување на Газа, без разлика на тоа дали Хамас ќе се согласи на примирје и на спогодба за ослободување на заложниците.
Во интервју за „Скај њуз Австралија“, Нетанјаху го критикуваше австралискиот премиер Ентони Албанез и Канбера, обвинувајќи го за „попуштање“ пред терористички групи и нивните поддржувачи на Запад.
„Сигурен сум дека има углед во јавната служба, но мислам дека неговиот углед е засекогаш нарушен поради слабоста што ја покажа пред овие терористички монструми од Хамас“, рече Нетанјаху за Албанез.
Премиерот го прикажа градот Газа како „последно упориште на Хамас“, споредувајќи ја потребата за освојување со напорите на сојузничките сили да го освојат Берлин за време на Втората светска војна.
Планот за освојување на градот Газа предизвика критики на меѓународно ниво, поради влошувањето на хуманитарната криза и предупредувањата дека може да се загрозат преостанатите заложници.
Свет
Зеленски: На Трамп му објаснив дека руските приказни за заземање на Донбас се само празни зборови

На Русији би ѝ требале уште најмалку четири години за целосно да го заземе регионот Донбас, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски, пренесува „Киев Индепендент“.
Тој потсети дека Русија уште во 2014 година изврши инвазија врз Донбас, а во 2022 ја започна целосната војна против Украина.
„По речиси четири години целосни воени операции, Русија зазеде околу една третина од Доњецката област и моментално контролира 67 до 69 проценти од тој простор. На американскиот претседател Доналд Трамп му објаснив дека приказните дека тие ќе го освојат Донбас до крајот на 2025 година се само празни зборови“, рече Зеленски.
Украинскиот лидер оцени дека Москва инсистира на целосно повлекување на украинските сили од Донбас за да може тоа да го прикаже како „победа“ пред својата јавност.
Зеленски ги отфрли шпекулациите дека на средбата со Трамп не ја исклучил можноста за територијална размена со Русија. Тој повтори дека е подготвен за директен разговор за територијални прашања само со рускиот претседател Владимир Путин.
Според украинските медиуми, Путин наводно се согласил на повлекување на руските сили од делови од Сумска и Харковска област, во замена за откажување на Украина од Доњецк и Луганск.
„Русија нема да може трајно да ги задржи тие мали делови од Сумска и Харковска област. Нивните сили на крај ќе бидат протерани. А што се однесува до сите наши привремено окупирани територии – уште еднаш нагласувам, ние правно не ја признаваме окупацијата“, истакна Зеленски.