Вести
Пет цивили убиени во најжестокиот израелски напад врз Сирија

Најмалку пет цивили се убиени а седум се ранети во израелскиот воздушен напад изведен ноќта кон петокот врз стратешката југоисточна покраина Кунеитра на сирискиот дел од Голанската висорамнина, чиј западен дел го има окупирано Израел во 1967 година, соопштија во петокот воени извори во сириската престолнина Дамаск.
Сириската државна телевизија јави дека нападот бил извршен врз „цивилно возило“, кај местото Ком, 60 километри јужно од главниот грд Дамаск, малку пред полноќ во четвртокот, и во близина на многу посетуван покриен пазар.
Гувернерот на покраината Кунеитреа, Ахмад Шеик Андул-Кадер за сириската државна агенција SANA изјавил дека воздушниот напад бил извршен на патот кој води кон селото Кан Арнабех, кое се наоѓа во близина на Ком.
Израел во четвртокот навечер гаѓал 14 позиции на сириската армија во правец на Куниетра на сириската страна од Голанската висорамнина како одмазда за ракетниот оган за кој се обвинуваат палестинската организација Исламски џихад и Иран, соопшти израелската армија. Израелските сили тие позиции ги гаѓале со артилерија и воздушни средства, рекле за Reuters израелски воени извори.
Ескалацијата на израелско-сириската граница дојде откако ден претходно израелските борбени авиони бомбардираа област во сириска Кунеитра, откако Тел Авив тврдеше за ракетен напад изведен од сириска територија. Во првиот налет на израелските авиони било убиено едно лице а седум биле ранети, според сириската државна телевизија.
Израелската армија претходно во четвртокот соопшти дека „четири ракети истрелани од Голанската висорамнина паднале во Горна Галилеја“, планинска област на границата со Либан и делот од Голанската висорамнина која е под контрола на Израел. Притоа, во соопштението се истакнува дека немало настрадани.
Израелската армија, исто така, порача дека „тоа е дело на (палестинскиот) Исламски џихад … и сметаме оти владата на Сирија е одговорна за ракетирањето и ќе ги понесе последиците“.
Израелските медиуми наведуваат дека станува збор за првото официјално признавање дека е гранатирана територија на Сирија од војната во 1973 година, како и дека ова биле најжестоките израелски напади врз Сирија од тогаш.
Израелските напади во изминатите години откако во март 2011 година започна граѓанската војна во Сирија никогаш не беа официјално признаени. Но сириски воени извори тврдеа дека се биле гаѓани складишта и конвои со муниција за либанското шиитско движење Хезболах, кое е сојузник на алавитскиот претседател Башар ал-Асад и се борат против сирсиката вооружена опозиција и против сунитските џихдистички групи како Исламсакта држава и Џебхат ан-Нусра, која е сириско крило на Ал Каеда.
Израелскиот министер за одбрана Моше Јалон наводните напади од Сирија ги поврза со „агресивната иранска политика“ по постигнувањето на нуклеарниот договор со шесте светски сили на што Израел се противи и преку своите лоби групи во САД се обидува да го урне во американскиот Конгрес. Јалон порача дека „ова е само најава за она што допрва ќе следува, бидејќи по укинувањето на санкциите Иран ќе може да насочи повеќе средства во финансирањето на терористичките организации кои делуваат против Израел“./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Вести
“Во основа е пекол на земјата”: Градот Газа оставен тотално без здравствената заштита

Во раните утрински часови во саботата, над купови бетон и урнатини, толпа лекари и пациенти пешачеа километри низ уништените улици на градот Газа, принудени да се евакуираат пеш од она што остана од болниците. Здравствените работници велат дека се плашат да ги оставаат критично болните пациенти зад себе во град кој сега во голема мера е сведен на урнатини, преземен израелските сили, со болници кои работат без струја, гориво, вода или храна, пишува британски „Гардијан“.
“Тоа е во основа пекол на земјата”, вели Вилијам Шомбург, шефот на Меѓународниот комитет на Црвениот крст во Газа, опишувајќи го она што остана од животот во градот.
Со недели, десетици илјади луѓе се надеваа дека во болниците во Газа ќе најдат засолниште кое е најблиску до безбедно бидејќи енклавата издржа интензивирачки бомбардирања.
Но, откако израелските сили се приближија до објектите и потоа ја нападнаа најголемата болница во Газа, Дар ал-Шифа минатата недела, илјадници луѓе беа раселени заедно со медицинскиот персонал, шетајќи низ уништените улици на југ од енклавата.
Палестинското министерство за здравство во Газа соопшти дека израелските сили побарале евакуација на болницата Ал Шифа вчераутро, три дена откога влегоа во објектот. Здравствените лица сведочат дека им им било кажано дека имаат еден час да ја евакуираат болницата која беше центар на здравствениот систем на Газа.
Најмалку 12.000 луѓе загинаа во израелскиот напад врз Газа по нападот на Хамас на 7-ми октомври, во кој загинаа 1.200 Израелци, а околу 240 луѓе беа заложници.
Вести
Борел: Целосно е невозможно да се евакуираат милиони луѓе од северот на Газа

Првиот човек на ЕУ-дипломатијата Жозеп Борел утринава на прес-конференција изјави дека евакуацијата на милиони луѓе од северниот дел на Газа е целосно невозможна.
Десетици илјади цивили почнаа да бегаат од јужниот дел на Газа вчера, откако Израел им порача на луѓето да ја напуштат областа пред очекуваната копнена офанзива.
„Да се замисли дека можеш да преселиш милион луѓе за 24 часа во ситуација во каква што е Газа, може да биде само хуманитарна криза“, рече Борел на последниот ден од тридневната дипломатска посета на Кина.
И покрај изјавата на ЕУ за поддршка на Израел, тој исто така предупреди дека и Израел е должен да го почитува меѓународното хуманитарно право во одбранбениот процес.
„Позицијата е јасна“, рече Борел. „Но, како и секое право, тоа има граница. А таа граница е меѓународното право“.
Вести
Проценки на ОН: Десетици илјади луѓе веќе ја напуштија Газа

Во текот на ноќта беа објавени најновите проценки на ОН за бројот на луѓе кои ги напуштиле своите домови во северниот дел на Газа.
Тие велат дека веруваат дека станува збор за десетици илјади кои се упатиле кон југ по предупредувањето за евакуација на Израел.
Пред наредбата за евакуација, повеќе од 400.000 Палестинци беа внатрешно раселени, според хуманитарната канцеларија на ОН OCHA.
Израелската војска им порача на околу 1,1 милион луѓе во северниот дел на Газа да заминат пред очекуваната копнена инвазија. Хамас, пак, ги повика луѓето да останат на место и да пркосат на израелската воена наредба.
Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш рече дека наредбата од Хамас е „исклучително опасна – и во некои случаи едноставно не е возможна“.