Регион
Ципрас: Кризата ќе биде решена, земјата ќе го врати растот и ќе остане во еврозоната
Грчкиот премиер Алексис Ципрас во петокот изјави дека грчката криза ќе се реши, земјата ќе го врати економскиот раст и ќе остане во еврозоната, пренесуваа грчките медиуми.
Ципрас, исто така, го поздрави вонредниот состанок на претседателите на државите и владите на 19-те земји членки на еврозоната, кој ќе биде одржан во понеделник во Брисел.
Самитот е „позитивен развој на настаните на патот кон договор“, и ќе се докаже дека не се во право „сите оние кои сметаат дека ќе дојде до криза и сценарио на страв“, се вели во соопштението од кабинетот на Ципрас.
„Ќе постигнеме решение кое ќе биде втемелено на европските правила и демократијата, што ќе и овозможи на Грција да се врати на патот на растот внатре во еврозоната“, рекол Ципрас во соопштението.
Претседателот на Европскот совет, Доналд Туск, во четвртокот најави дека свикал вонреден состанок на еврозоната во понеделник.
„Време е за состојбата во Грција да разговараме на највисоко политичко рамниште“ изјави Туск, додавајќи дека одлуката ја донел „по резултатите од состанокот на Еврогрупата“, на која во четвртокот во Луксембург присустваа министрите за финансии од еврозоната и грчките преставници.
Тој состанок заврши без договор и донесување на каква и да е одлука, со што земјата се повеќе се доближи до можноста да не го исплати својот долг до крајот на месецот.
Еврокомесарот за економски прашања, Пјер Московиси, по завршувањето на состанокот ги повика грчките власти да се согласат на „разумен договор“, за да ја спречат „катастрофалната судбина“, додека претседателот на Еврогрупата, Јероен Дијселблум посака Атина конечно да излезе со „веродостојни“ предлози./крај/мф/бс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Турција ќе приватизира два клучни моста во Истанбул
Турција ја ангажираше консултантската фирма Ernst & Young LLP да ја води приватизацијата на два клучни моста во Истанбул и серија автопати, според извори запознаени со планот.
Фирмата со седиште во Лондон ќе ја советува турската влада за продажбата на Мостот на мачениците 15 јули и Мостот „Фатих Султан Мехмед“, кои ги поврзуваат европската и азиската страна на Истанбул, како и најмалку девет автопати со наплата на патарина.
Изворите зборуваа под услов на анонимност бидејќи деталите од договорот не се јавни, објави Блумберг. Турција, исто така, ја назначи канадската фирма BTY Group за технички советник и планира да објави формален тендер подоцна оваа година, велат изворите.
Обидот за приватизација од 2012 година, кој вклучуваше и мостови и околу 2.000 километри автопат, привлече добитна понуда од 5,7 милијарди долари. Процесот пропадна откако Реџеп Таип Ердоган, тогашниот премиер, рече дека продажбата за помалку од 7 милијарди долари би била „предавство“. Владата сега очекува понуди што го надминуваат тој износ.
Според турскиот министер за транспорт, околу 430.000 возила секојдневно ги преминуваат двата моста, а стандардната патарина за патничко возило е 59 лири по правец, или околу 1,36 долари по тековни цени.
Ernst & Young претходно работеше како советник за проекти поврзани со мостови, автопати и болници во Турција.
Регион
Четиричлено семејство од Албанија почина во Тоскана од труење со јаглероден моноксид
Четиричлено семејство – родителите и нивните две деца, настрадало во својот дом во италијанската покраина Тоскана, поради труење со јаглероден моноксид, соопштија локалните власти.
Според првичните информации, жртвите се таткото Арти, мајката Јонида (43), синот Хајдар (22) и ќерката Џесика (15). Петтото лице од домаќинството е префрлено во болницата Чизанело во Пиза во тешка состојба, но според достапните податоци не е животно загрозено, пренесе Раи Уно.
На местото на настанот интервенирале припадници на противпожарната служба, карабинерите и екипи на итната медицинска помош, пренесе Итaлпрес.
При прегледот на објектот, тројца карабинери исто така добиле полесни симптоми на труење и им била укажана медицинска помош.
Прелиминарната истрага е насочена кон проверка на исправноста на котелот за централно греење, со цел да се утврди причината за трагедијата. Италијанските медиуми наведуваат дека семејството е со потекло од Албанија.
Регион
Словенија најавува забрана за социјални мрежи за деца под 15 години
Словенечката влада усвои насоки за измени на законот со кои би се ограничило користењето на социјалните мрежи за деца помлади од 15 години, пренесе словенечката агенција СТА.
Вицепремиерот Матеј Арчон изјави дека иницијативата е подготвена од Министерството за образование, а пред усвојување на законските измени ќе треба да се изјасни и Министерството за дигитална трансформација. Тој појасни дека мерките имаат цел да ги спречат негативните влијанија на социјалните мрежи врз децата и адолесцентите, по примерот на други држави.
Владата најавува регулирање и ограничување на користењето на мрежи како ТикТок и Снепчет, при што насоките дополнително ќе бидат доработени од стручната јавност и ќе се подготви соодветна законска рамка.
Ограничувањата се дел од поширок европски и светски тренд, откако Австралија воведе забрана за пристап до социјални мрежи за лица под 16 години, а слични чекори најавија и Франција, Данска, Грција, Шпанија и Португалија. Европскиот парламент претходно побара воведување старосна граница од 16 години, а претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, најави можност за воведување вакви ограничувања и на ниво на ЕУ.

