Општество
Десет граѓански претставки за полициска тортура поднесени до Хелсиншки за 12 месеци
Десет претставки од граѓани кои се пожалиле на малтретирање, психичка и физичка тортура од страна на полицијата пристигнале на адресата на Хелсиншкиот комитет во изминатите 12 месеци, соопштија од Комитетот во четврток на Меѓународниот ден за поддршка на жртвите од мачење и друго сурово, нечовечно или понижувачко постапување и казнување.
Десет претставки од граѓани кои се пожалиле на малтретирање, психичка и физичка тортура од страна на полицијата пристигнале на адресата на Хелсиншкиот комитет во изминатите 12 месеци, соопштија од Комитетот во четврток на Меѓународниот ден за поддршка на жртвите од мачење и друго сурово, нечовечно или понижувачко постапување и казнување.
Од таму велат дека последниот пример со глувото дете незаконски сместено во Заводот „Бања Банско“ за кое јавноста дозна по неколку месеци од неговото измачување е показател не само за негрижата на државата кон оваа ранлива група, туку и дека тортурата во затворените институции сé уште претставува реалност.
„Во изминатите 12 месеци до Комитетот беа поднесени десет претставки од граѓани кои се пожалиле на малтретирање, психичка и физичка тортура од страна на полицијата. Иако надлежните институции беа известени за сите кривично-правни настани, само еден случај заврши со судска разрешница. Случајот на Зухер Ибраимов, осудено лице кое по напад од полицаец во КПУ ’Идризово’ ја изгуби слезинката и еден бубрег, беше карактеризиран како ’тешка телесна повреда’, наместо како ’тортура’. Обвинетиот полицаец по поминати три месеца во домашен притвор беше вратен на работа до моментот кога неговата шест месечна затворска казна беше зголемена на една и пол година од страна на второстепениот суд. Во меѓувреме господин Ибраимов беше вратен на отслужување на затворската казна во услови за живот кои претставуваат опасност за дополнително влошување на неговата здравствена состојба“, велат од Хелсиншки.
Останатите инциденти, додаваат, завршиле без разрешница, со контра кривична пријава од страна на полицијата или со повлекување под притисок на жртвите во постапката.
„Меѓу овие инциденти се и полициското малтретирање на Роми во населбата Топанско поле кога неколку граѓани беа нападнати и приведени и покрај тоа што не сториле кривично дело. Припадници на специјалната единица ’Алфа’ оваа година без причина нападна помладо момче, а во друг инцидент без причина тепан и омаловажуван беше малолетник, припадник на ромската заедница. И покрај тоа што се работи за тортура над малолетник, ниту Јавното обвинителство, ниту МВР не поведе службена постапка. Овие примери укажуваат на опстојување на феноменот на неказнивост и солидаризирање на јавното обвинителство и судството со полицијата“, истакнуваат од Комитетот за заштита на човековите права.
Од таму упатија апел до властите „конечно да го препознаат постоењето на тортурата и да развијат политики за заштита од овој варварски чин“.
На денешен ден, 26-ти јуни, освен Меѓународниот ден за поддршка на жртвите од тортура се одбележуваат и 30 години од усвојувањето на Конвенцијата против тортура на Обединетите нации, како и 20 години од нејзиното спроведување во Република Македонија. Конвенцијата ги обврзува државите да спроведат нулта толеранција кон актите на тортура, да го сузбијат феноменот на неказнување на државните службеници и да обезбедат поддршка за жртвите од тортура. Правото на заштита од тортура е апсолутно и не може да биде одземено или ограничено под ниту една околност./крај/мф/сд
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Г.г. Стефан: Да ги зацврстиме единството и слогата, да ги надминеме разногласијата и меѓусебните поделби
Ариепископот Охридски и македонски заедно со Светиот архиерејски Синод, по повод велигденските празнувања, испраќа мир и благослов од Бога до свештенослужителите, монаштвото и до сите чеда на МПЦ-ОА.
– Христовото воскресение е смислата на нашето севкупно постоење. Тоа е стожерот околу којшто се одвива сиот наш живот и камен-темелникот врз којшто се гради сиот наш подвиг на верата, на надежта и на љубовта во Бога. Тајната на Христовото воскресение го преобразува и го вообличува севкупниот наш поглед кон светот и човекот, кон времето и вечноста. Зашто, токму ова спасоносно собитие е најголемата вистина којашто му беше објавена на човековиот род и токму оваа Тајна над тајните е најрадосното благовестие со коешто велегласно беше возвестена конечната победа на животот над смртта, на доброто над злото и на љубовта над омразата, вели г.г. Стефан меѓу другото во обраќањето.
Македонија
Православните верници го слават Велигден
Православните верници денеска го слават најголемиот христијански празник Велигден – Христовото воскресение, ден кога Исус Христос ја докажал својата божествена моќ и воскреснал од мртвите. Воскресението Христово на полноќ беше објавено во сите храмови на Македонската православна црква, а денеска се одржуваат воскресенски литургии.
Поглаварот на МПЦ-ОА г.г. Стефан богослужеше во Соборниот храм „Свети Климент Охридски“ во Скопје од каде го објави Христовото Воскресение и упати Велигденски пораки.
Македонија
Годишен извештај на Народниот правобранител: Помалку претставки од граѓаните за работата на јавните обвинителства
Во извештајната 2023 година, во областа која се однесува на работата и постапувањето на обвинителствата во Република Северна Македонија поднесени се 63 претставки што е за 24 помалку во однос на 2022 година, се констатира во Годишниот извештај за степенот на обезбедувањето почитување, унапредување и заштита на човековите слободи и права во 2023 година што го објавува Народниот правобранител на Република Северна Македонија.
Согласно објавените податоци, бројот на претставки на граѓаните на годишно ниво се намалил за повеќе од 38%, што претставува резултат на заложбите на Јавното обвинителство за зголемување на ефикасноста на постапките и континуираните напори за подобрување на довербата на граѓаните во работата на јавните обвинителства.
Во најголем број од претставките граѓаните бараа интервенција во врска со постапки пред основните јавни обвинителства (51), потоа пред Основното јавно обвинителството за организиран криминал и корупција (4), постапка пред Јавното обвинителство на РСМ (3), пред вишите јавни обвинителства (2), друго (2) и една претставка се однесуваше за постапка пред Совет на јавни обвинители. Ваквиот сооднос е очекуван со оглед на обемот на предметна работа и фактот што токму јавните обвинителства со основна надлежност го прават првиот директен контакт на граѓаните со институцијата.
Доколку се има предвид вкупниот обем на работа на јавните обвинителства кои активно постапуваат по поднесени кривични пријави за над 40.000 сторители на кривични дела во текот на годината, поднесените 63 претставки до Народниот правобранител претставуваат околу 0,1% од таа бројка. Притоа, граѓаните во посочените предмети изразувале незадоволство поради непостапување по поднесена пријава на кривично дело, одолжување на постапката или поради незадоволство од донесена одлука. Од тие причини Народниот правобранител, меѓу останатите препораки во извештајот, во делот на Јавното обвинителство препорачува основните јавни обвинителства да ги доставуваат јавнообвинителските одлуки до странките и да им се овозможи правото да ги обжалат до повисоките јавни обвинителства, да постапуваат поажурно и навремено да преземаат дејствија, да го почитуваат рокот од 3 месеци доколку не донесат јавнообвинителска одлука да го известуваат повисокиот јавен обвинител и пријавителот, за да нема сомневање и страв дека гонењето ќе застари.
Сите овие забелешки Јавното обвинителство ги зема предвид, детално ги анализира и ќе продолжи да презема активности за дополнително зголемување на ефикасноста, на транспарентноста и на отчетноста за постапките што ги води. Ваквите заложби на Јавното обвинителство се веќе воспоставен начин на работа при што уште во извештајот за 2022 година омбудсманот констатираше дека за разлика од претходните години, сега јавните обвинителства, особено издвојувајќи ги Основното јавно обвинителство Скопје и Основно јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, постапуваат по барањата на Народниот правобранител, даваат суштински и целосни одговори за бараните информации од постапките, се вели во соопштението од Јавното обвинителство.