Црна хроника
Љубе Бошкоски е осуден на десет ипол години затвор за случајот „Ровер“
Поранешниот министер за внатрешни работи Љубе Бошкоски е осуден на десет ипол години затвор за случајот „Ровер“, односно за помагање во убиството на Маријан Тушевски што се случи во 2001 година.
Кривичниот судски совет денеска ги соопшти пресудите за овој случај, при што на обвинетите кои беа претходно осудени и за помагање во убиството на Киро Јанев, им го скрати ова дело со тоа што ги ослободи од умисла во помагање при убиството на Јанев.
Обвинетите ја примија пресудата со громогласен аплауз, а обвинетиот Љубе Бошкоски ги слушаше пресудите со свртен грб кон судскиот совет.
„Не го признавам овој совет“, рече Бошкоски.
Првите тројца обвинети, извршители на убиството на Маријан Тушевски и Киро Јанев, Предраг Чубрило, Милан Илиќ и Милорад Ковачевиќ, се осудени на доживотна казна затвор, Вук Вукичевиќ е осуден на 15 години затвор за помагање, Сашо Јовановски на седум години затвор, Ивица Ристиќ исто на седум години затвор, Зоран Трајковски на осум и пол години затвор, Никола Нигриевски на пет и пол години затвор, колку што доби и Гоце Митровски.
Оваа пресуда на Основниот суд Скопје 1 следува откако Апелација ја оспори првостепената пресуда на овој суд во случајот „Ровер“.
Судијата Илија Трпков, во образложението на пресудата, рече дека судот достоинствено се однесувал кон заканите на еден од обвинетите, мислејќи на Љубе Бошкоски, кој според судијата, сакал да му даде друг тек на рочиштето. Судијата рече дека јавноста е сведок за тоа дали судот го водел експресно овој предмет, чие судење започна во 2012 година.
„Ниеден устав и закон не дозволуваат закани и навреди кон судиите. Јавните закани и навреди зборуваат за самата личност. Судот го задржа достоинството“, рече Трпков.
Со оваа пресуда практично им се намалија затворските казни на обвинетите за околу 1,5 до половина година од првата пресуда.
Осудените остануваат во притвор до правосилноста на пресудата, иако дел од обвинетите се во притвор две години од покренувањето на обвинението.
Пред судот се собраа членови на партијата Обединети за Македонија и побараа ослободување на Бошкоски, а околу судот имаше силно полициско обезбедување.
„Од денеска во државава важат законите на Северна Кореја: Ова е монтиран политички процес и фрапантно кршење на Законите“ рекоа членовите на Обединети за Македонија, чиј претседател е Бошкоски. Во рацете го држеа интервјуто на министерот за правда, Аднан Јашари во кое вели дека судиите носат пресуди под политички притисок./крај/ффс
Извор: Фото: Телеграф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Црна хроника
Нападнати деца на училиште, во автобус, градинка – во Скопје пријавени повеќе случаи на насилство со малолетници за еден ден
Во текот на вчерашниот ден во полицијата биле пријавени неколку случаи на физички напади, најголем дел врз малолетни лица, кои се случиле на различни локации во главниот град. Надлежните служби преземаат мерки за расчистување на сите случаи.
Напад во автобус на ЈСП
Татко пријавил дека вчера неговиот малолетен син бил физички нападнат од неколку малолетници од селото Батинци, додека се возел во автобус на Јавното сообраќајно претпријатие на подрачјето на Драчево.
Младо момче нападнато од малолетници
Дваесет и шест годишниот С.Т. Зелениково пријавил дека околу 23:10 часот, во паркот во село Пакошево бил физички нападнат од двајца малолетници, кои употребиле тврд предмет. Тој се здобил со тешки телесни повреди, констатирани во Комплексот клиники „Мајка Тереза“ во Скопје.
Инцидент во средно училиште во Центар
Во 21:15 часот, Ж.П. (47) од Скопје пријавил дека околу 12:00 часот, во двор на средно училиште на подрачјето на Центар, неговиот 16-годишен син бил нападнат од друг ученик.
Напад во градинка во Чаир
Во 13:00 часот, Н.Ќ. (49) од с. Страхојадица, општина Зелениково, пријавил дека околу 12:30 часот, во двор од градинка на подрачјето на Чаир, неговиот малолетен син бил физички нападнат од неколку други малолетници.
Напад во Кисела Вода
Во 22:30 часот, Н.Ц. (46) од Скопје пријавила дека околу 20:30 часот, нејзиниот 15-годишен син бил физички нападнат од женско лице на подрачјето на Кисела Вода.
Од Министерството за внатрешни работи информираат дека за сите случаи се преземаат мерки за расчистување.
Црна хроника
Возило удри во 7-годишно девојче во Куманово, со повреди донесено на Клиника
Во текот на вчерашниот ден на булеварот Октомвриска Револуција во Куманово, автомобил „фолксваген голф“ со кумановски регистарски ознаки удрил во седумгодишно девојче од Куманово.
Како што соопшти МВР, возилото го управувала 23-годишната С.В. од Куманово.
Во несреќата девојчето се здобило со тешки телесни повреди, кои биле констатирани во Комплексот клиники „Мајка Тереза“ во Скопје.
Увид на местото на несреќата извршила полициска екипа.
Црна хроника
(Фото) Експлозија во куќа во охридско, тешко повредено едно лице
Едно лице е повредено во експлозија што се случила денеска во охридското село Велгошти, информира територијалната противпожарна единица Охрид.
„Во текот на денешниот ден ТППЕ Охрид , интервенираше на санирање на последиците од разорна експлозија во куќа во Охрид,с.Велгошти. Експлозијата е предизвикана од зголемена концентрација на гасови ( плин ) и останати фактори, кои допринеле за високо ниво на експлозивност. Благодарение на брзата реакција на пожарникарите спречено е и опожарување на објектот. Повредена е и 1 жена која е преземена од екипите на брза помош“, соопшти противпожарната служба.
Од полицијата соопштија дека пожарот се случил околу 11 часот и дека тешко е повредена 44-годишна жена.
„На 06.02.2026 година во 10.58 часот, во СВР Охрид е пријавено дека избувнал пожар во куќа во охридското село Велгошти при што, Е.Т.Ѓ.(44) од истото село се здобила со тешки телесни повреди, констатирани во Општата болница во Охрид. Интервенирала Територијалната противпожарна единица од Охрид. Се преземаат мерки за утврдување на причините за пожарот“, соопшти СВР Охрид.

