Црна хроника
Оправдана акцијата на полицијата во кумановско ‘Диво насеље’
Секторот за внатрешна контрола и професионални стандарди при Министерството за внатрешни работи, во врска со спроведената полициска акција на 9-ти и 10-ти мај во кумановската Дива населба, кога загинаа осум македонски полицајци во судирот со поголема терористичка група од која беа убиени десет лица а над дваесет беа уапсени, заклучи дека акцијата била основана, оправдана и правилно било употребено огнено оружје и средства за прислиба, како и по однос на задржување лица во полициска станица, вклучувајќи го и случајот на бегство на едно од лицата лишени од слобода.
„Акцијата е спроведена согласно детално изготвен план и анекси на планот, реализиран преку посебен штаб формиран за командување и координирање на акцијата на терен. Утврдено е дека на 09.05. околу 04,30 часот тимови од Одделот за посебни единици, заминале на терен со задача да влезат и да ги обезбедат претходно лоцираните објекти. Околу 05.10 часот, при приоѓање на објектите во населбата Диво насеље во Куманово имало непосреден напад – дејствување кон полициските службеници со огнено оружје од различен калибар и минско-експлозивни средства од повеќе правци со што бил загрозен животот на полициските службеници“, се вели во соопштението од МВР.
Бидејќи биле исполнети сите услови за употреба на средства за присилба согласно законската регулатива, со цел одбивање на директен и непосреден напад со огнено оружје и минско-експлозивни средства врз полициските службеници, како и поради извлекување на ранети и загинати полициски службеници, по наредба на штабот било употребено огнено оружје, како и посебни видови оружја, експлозивни средства и оклопни возила со кои располагаат единиците согласно формацијата.
По извршеното прегрупирање и прифаќање на тимовите од полициски службеници кои дополнително пристигнале од други две локации и од полициската база, започнало совладување на просторот и објектите во кои била сместена криминално-терористичката група која за цело време во континуитет дејствувала кон полициските сили.
Од страна на припадниците на специјалните единици етапно, систематски биле совладувани позициите на криминално-тероростичката група, сé до нивно конечно неутрализирање на 10.05.2015 година, се вели во извештајот на МВР.
„Секторот за внатрешна контрола и професионални стандарди врз основа на извршените проверки и разгледување на целокупната службена документација изготвена од полициските службеница и утврдената фактичка состојба констатира дека при преземените дејствија во акцијата употребата на средства за присилба-огнено оружје од страна на полициските службеници е основана, оправдана и правилна и е во согласност со одредбите од Законот за полиција“, се вели во соопштението.
При употребата на огненото оружје кон криминално-терористичката групација, од страна на полициските службеници селективно е делувано кон истата, со цел да се постигнат минимални жртви, а максимална цел односно одбивање на нападот од себе и неутрализирање на групацијата.
По однос на увидот во постапките за задржени лица во три полициски станици при СВР Скопје, констатирано е дека целокупната постапка на лишување од слобода и задржување на лицата е спроведена согласно законските норми. Ниту едно од лицата нема наведено никаква забелешка во однос на постапувањето на полициските службеници за време на задржувањето во полициска станица.
Од страна на СВКПС извршена е проверка и на околностите на бегството на еден од приведените припадници на криминално-терористичката група при што констатирано е дека полициските службеници кои биле задолжени за чување и обезбедување на лицето лишено од слобода за кривично дело „тероризам“ во конкретниот случај постапиле непрофесионално и спротивно на полициската процедура во вакви случаи, оставајќи го лицето без неопходен надзор, поради што тоа ја искористило оваа состојба и избегало од лице место.
Според тоа полициските службеници сториле потешко кршење на работниот ред и дисциплина за што e поднесен предлог за поведување постапка за утврдување на дисциплинска одговорност до надлежната Дисциплинска комисија./крај/мф/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Црна хроника
Три жени пријавиле семејно насилство за 12 часа – приведени осомничени во Кисела Вода, Центар и Чаир
Во текот на изминатото деноноќие, во три одделни случаи на семејно насилство, три жени пријавиле дека биле физички нападнати од нивните партнери на подрачјата на Кисела Вода, Центар и Чаир.
Во првиот случај, пријавен на 12 февруари во 17:50 часот, полициски службеници од СВР Скопје извршиле службен разговор со П.Л. (45) од Скопје, откако било пријавено дека во неговиот дом ја нападнал својата 48-годишна вонбрачна партнерка. Случајот се документира и ќе следува соодветна пријава.
Во вториот случај, на истиот ден во 22:00 часот, на подрачјето на Центар, полицијата го привела Н.Ј. (52) од Скопје, поради сомнение дека околу 17:00 часот физички ја нападнал својата 32-годишна партнерка. По комплетирање на доказите ќе биде поднесена пријава.
Во трет случај, на 13 февруари во 04:40 часот, 35-годишна жена пријавила дека околу 01:40 часот, на подрачјето на Чаир, била физички нападната од нејзиниот партнер Б.С. (24) од Скопје. И за овој настан ќе биде поднесена соодветна пријава по целосна документација.
Од МВР информираат дека сите случаи се обработуваат.
Црна хроника
Пронајдени коски и парче облека во Скопје, полицијата истражува
На локација викана „Сулејманови ливади“ во село Горно Количани, скопско, биле пронајдени коски слични на човечки, а во близина и парче облека.
Случајот бил пријавен во СВР Скопје во текот на вчерашниот ден, по што на местото излегла увидна екипа која извршила преглед.
Од МВР информираат дека се преземаат мерки за целосно расчистување на настанот.
Црна хроника
Пешак тешко повреден на Орце Николов, возило удри во 56-годишна жена
На улицата „Орце Николов“ во Скопје, 56-годишната Д.Д. од Скопје била тешко повредена откако во неа удрило патничко возило „опел“ со скопски регистарски ознаки, управувано од Д.Ѓ. (46) од Скопје.
Несреќата се случила околу 13:00 часот, а повредите на жената биле констатирани во Градската општа болница „Св. Наум Охридски“.
На местото на настанот извршен е увид од екипа на СВР Скопје.

