Регион
Србија ги следи мерките на земјите на мигрантската рута
На границата меѓу Србија и Македонија се спроведуваат мерки коишто ги применуваат и другите земји на ткн балканска рута, а Србија и натаму ќе се однесува одговорно и согласно со меѓународното јавно и хуманитарно право, истовремено штитејќи ги своите национални интереси, порачаа во средата од Белград.
Повеќе од 400 мигранти се заглавени на Табановце, на ничија територија, на македонско-српската граница. Мигрантите ниту се пропуштаат во Србија, ниту се враќаат назад во Македонија, а причината за македонските власти беше непозната, бидејќи македонската полиција нема одговор од српските власти. Од друга страна, илјадници мигранти чекаат од Грција да влезат во Македонија, и неизвесно е што ќе се случува имајќи предвид дека членките на ЕУ на самитот за мигрантската криза соопштија дека балканската рута веќе не постои.
Српскиот премиер Александар Вучиќ во средата вечерта истакна дека „Србија нема да биде паркинг или собирен центар за бегалците“, како и дека кон бегалците кои останале на нејзината територија по затворањето на балканската рута ќе се „однесува хумано и согласно законот“. Во врска со затворањето на ткн балканска мигрантска рута, Вучиќ истакна дека Србија се однесува согласно одлуките кои на теренот ги применуваат Германија, Австрија, Словенија и Хрватска, а „така ќе се однесува и во иднина“.
Претходно во текот на денот српскиот министер за труд и социјална грижа Александар Вулин рече дека Србија во примана на своите мерки ќе ги следи земјите на балканската рута, како и дека од полноќ веќе се применуваат мерки кои ги применуваат Словенија и Хрватска.
„Како што се однесуваат Словенија и Хрватска, така ќе се однесуваме и ние. Од полноќ нашата влада започна да ги применува одлуките кои ги применуваат другите земји на рутата. Тоа значи дека нашата граница кон Македонија и кон Бугарија ќе функционира согласно правилата кои за мигрантите ги воспоставија Хрватска и Словенија“, изјави Вулин за новинарите.
Србија внимателно го следи развојот на настаните по должината на мигрантската рута, а Вулин оцени дека „ситуацијата во Идомени во Грција и на грчко-македонската граница е многу загрижувачка, поради големиот број мигранти“.
Македонските власти, исто така, соопштија дека нема да ги пропуштаат мигрантите преку границата кон Грција, откако одлуката за заострување на пропуштањето започна да ја применува Словенија, како и Хрватска и Србија. Според процените, од грчката страна на македонско-грачката граница во моментов има повеќе од 13.000 лица.
Шефот на претставништвото на УНХЦР во Србија, Ханс Фридрих Шредер изјави за агенцијата Танјуг дека во Србија, по затворањето на балканската рута, останале меѓу 1.500 и 2.000 бегалци. „Бројот на бегалците во Србија од Сирија, Авганистан, Ирак е ограничен не зборуваме за илјадници луѓе“, рече Шредер.
Според него, една од можностите е тие да добијат бегалски статус во Србија, или, доколку го сакаат тоа, и доколку е можно, да се вратат во земјите на потеклото или да им се овозможи програмата за спојување на семејствата со кои се раздвоиле по патот./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Ја уби својата партнерка, па нејзиното тело го скри во замрзнувач: српската полиција го фати 43-годишниот убиец
Полицијата во Лесковац го уапси Д.Д. (43) од Печењевац, осомничен за тешко убиство на неговата 36-годишна партнерка. Тој е осомничен дека ја убил на 2 ноември во семејната куќа, по што избегал. Му е одреден притвор до 48 часа и ќе биде приведен во Вишото јавно обвинителство во Лесковац со кривична пријава, пишува српски Телеграф.
Злосторството што ја потресе Србија беше откриено кога полицијата го пронајде телото на Катарина Глигоријевиќ скриено во замрзнувач. Нејзиниот вонбрачен партнер, Далибор Демировиќ, веднаш беше осомничен за нејзиното убиство.
Во времето на неговото бегство, Демировиќ наводно бил во домашен притвор со електронски мониторинг за друго кривично дело.
Тој бил ставен во домашен притвор за напад врз службено лице, полицаец, врз кого наводно фрлил ограда од тераса. Сепак, локалните жители се сомневаат во оваа верзија.
фото: принтскрин
Регион
Прогласена е четиридневна жалост по трагедијата во Тузла
Тузла е обвиткана во тага по вчерашниот пожар во дом за стари лица во кој животот го загубија 11 лица. Поради оваа голема трагедија, една од најголемите во поновата историја на градот, градоначалникот Зијад Лугавиќ прогласи четиридневна жалост што започнува денес, пишува Кликс.ба.
Голем број луѓе се здобиле со полесни и тешки повреди во пожарот. Според последните информации, 15 пациенти се уште се во болница. Состојбата на четворица од повредените е исклучително сериозна и тие се поврзани на респиратори.
Со одлука на градоначалникот, денови на жалост во Тузла ќе бидат денес, утре, сабота и недела. Во овој период, јавноста треба да се придржува до пропишаните правила. Четврток е прогласен за Ден на жалост на ниво на Федерацијата на Босна и Херцеговина и округот Брчко.
фото: принтскрин
Регион
Бугарија се подготвува за продажба на рафинеријата на „Лукоил“
Партијата ГЕРБ во Бугарија планира да предложи закон што ќе му овозможи на специјален администратор да ја спроведе продажбата на рафинеријата на Лукоил во Бургас, најголемиот објект за преработка на нафта во земјата.
Иницијативата доаѓа во време кога САД и Велика Британија воведоа нови санкции против руските нафтени компании, вклучувајќи го и Лукоил, поради војната во Украина.
Законот, како што објави денес локалниот бугарски медиум Медиапул, ќе му овозможи на специјалниот администратор да го преземе надзорот врз рафинеријата во Бургас и да донесува одлуки за продажбата без право на рускиот сопственик да ја блокира одлуката, да ја оспори или да влијае на процесот, што би овозможило промена на сопственичката структура на рафинеријата и зачувување на нејзиното работење според новите услови на меѓународни санкции, пренесе „Б92“.
Лидерот на ГЕРБ и поранешен премиер Бојко Борисов изјави дека постои логика во ова решение и најави дека нацрт-законот ќе биде доставен до парламентот.
Целта е да се обезбеди непречено функционирање на клучната енергетска инфраструктура во земјата, почитувајќи го режимот на санкции од Западот, објавува Ројтерс.
Рафинеријата во Бургас, со капацитет од околу 190.000 барели дневно, е од стратешко значење за снабдувањето на Бугарија и делови од регионот.
Владата на Софија објави дека е во постојан контакт со американските институции за да може работењето на рафинеријата да продолжи и покрај санкциите.
Лукоил веќе се соочува со тешкотии во меѓународните операции поради ограничувања што влијаат на логистиката, трговијата и финансиските текови.
Компанијата, според изворите, имала проблеми со товарење во Ирак, пумпни станици во Финска и тргување во Швајцарија.
Министерството за финансии на САД издаде привремена дозвола што им овозможува на компаниите да ги прекинат постојните трансакции со Лукоил до 21 ноември.

