Свет
Асад подготвен да соработува со Трамп, ако тој стане сојузник на Сирија
Сирискиот претседател Башар ал-Асад изјави во вторникот дека не може да ги предвиди чекорите на новоизбраниот американски претседател, републиканецот Доналд Трамп, но доколку овој вистински се бори против тероризмот, тогаш ќе стане „природен сојузник“ на Сирија, Русија и Иран.
„Не можеме да кажеме ништо во однос на тоа што тој (Доналд Трамп) има намера да го прави, но… доколку тој навистина има намера да се бори со тероризмот, тогаш, се разбира, ние ќе станеме природни сојузници по тоа прашање, како и со Русија и Иран и со многу други земји“, изјави сирискиот претседател Башар ал-Асад во интервјуто за португалската телевизија RTP.
Сирискиот челник, на чиешто заминување од политичката сцена инсистира Западот, вклучително и САД со своите блискоисточни сојузници, вели дека е „скептичен“ во однос на тоа дека Трамп ќе може да ги исполни своите предизборни ветувања за бескомпромисна борба против тероризмот. Асад, имено, смета дека многу сили, меѓу кои и американската администрација и американските медиуми „му се противат“ на Трамп.
Во првото по изборната победа интервју за американскиот весник The Wall Street Journal, Доналд Трамп не го коментираше планот за дејствување на САД во Сирија по неговото доаѓање на власт, но сепак истакна дека нема да ја следи политиката на сегашната администрација на претседателот Барак Обама за поддршка на ткн „умерена сириска вооружена опозиција“.
„Моите ставови за Сирија се различни од ставовите на многу луѓе“, рече Трамп додавајќи дека „ќе се фокусира на борбата против Исламската држава во Сирија, а не на соборувањето на сирискиот претседател Башар ал-Асад“./крај/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Пожар зафати над 1.000 хектари шума во Нов Зеланд
Пожарникарите во Нов Зеланд повторно ја започнаа борбата со неконтролиран шумски пожар што зафати повеќе од 1.000 хектари во националниот парк „Тонгариро“ на Северниот остров, соопшти утринава противпожарната и спасувачка служба.
Пожарот започнал вчера попладне во популарната туристичка област „Тонгариро“, а околу 40 туристи биле евакуирани по воздушен пат. Акциите биле привремено прекинати преку ноќ поради безбедносни причини.
Заменик-командантот на противпожарната служба Ник Вест изјави дека пожарот се проширил во текот на ноќта, но засега нема информации за оштетени објекти или дополнителни евакуации.
Вест најави дека денеска преку воздушно извидување ќе се потврдат размерите на пожарот, а според првичните проценки, неговото ставање под контрола би можело да потрае уште најмалку еден ден.
Во акцијата се вклучени шест противпожарни возила и пет цистерни за вода, поддржани од шест хеликоптери и два авиони, соопшти службата.
Свет
Бајден со порака до Трамп: Ги посрами САД и ги издигна интересите на богатите над оние на обичните Американци
Поранешниот претседател на САД, Џо Бајден, упати остри критики кон актуелниот шеф на државата, Доналд Трамп, посочувајќи дека тој го уништува не само Источното крило на Белата куќа, туку и целата земја, јави ДПА.
– Знаев дека Трамп ќе преземе деструктивни дејствија против земјата, но морам да признаам дека немав претстава дека ќе стане вистински уништувач, рече Бајден на гала-вечера на Демократската партија во градот Омаха, Небраска.
Поранешниот претседател демократ, кој сега има 82 години, ова го кажа во врска со проектот на Трамп на местото на Источното крило на Белата куќа да се изгради сала за балови. Трамп претходно изјави дека неговите планови за таква сала „нема да влијаат на зградата во нејзиниот сегашен изглед“.
– Ова е совршен симбол на неговото претседателствување, посочи Бајден.
– Трамп презеде деструктивни дејствија не само против домот на народот, туку и против Уставот, владеењето на правото и самата наша демократија, додаде поранешниот претседател.
Бајден директно му се обрати на Трамп во својот говор, изјавувајќи дека со своето однесување актуелниот шеф на државата ги посрамил САД и ги издигнал интересите на богатите над оние на обичните Американци.
Свет
Се бараат оставки поради трагедијата во Домот за пензионери
Голем број граѓани на Тузла денеска излегоа на улиците на градот и одржаа протест, изразувајќи го своето незадоволство поради трагедиите и скандалите што го погодија Тузланскиот кантон.
Пожарот што избувна во вторникот во Домот за пензионери во Тузла однесе 13 животи, а 12 пациенти сè уште се наоѓаат во болница. Како што беше утврдено, жртвите починале од труење со јаглерод моноксид.
Една седмица претходно, Тузланскиот кантон го потресе случајот со подведување малолетнички, за што се осомничени полициски службеник и еден професор. Нивното подведување траело неколку месеци во текот на минатата и оваа година.
Присутните граѓани од Тузла, но и оние кои допатуваа од други градови на Босна и Херцеговина, денеска побараа оставки од надлежните.

