Вести
Кремљ потврди дека руските сили во Сирија ќе се борат против тероризмот
Главната воена цел на Русија во Сирија е борбата против тероризмот и поддршка на силите на владата на претседателот Башар ал-Асад, изјави во средата портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, а парламентот одобри користење на руската армија во странство.
„Главната цел за нас е борбата против тероризмот и поддршката на легитимните сириски власти во борбата против тероризмот и екстремизмот“, одговори Песков на прашањето за тоа дали Русија може да гарантира ограничување на своите воздушни напади врз позициите на џихадистите на Исламската држава и Џебхат ан-Нусра.
Песков одбил да каже дали Русија веќе започнала со воздушни напади во Сирија, а рускиот функционер запознаен со оваа проблематика за Reuters во средата изјавил дека Русија испратила свои воени стручњаци во неодамна формираниот центар во Багдад од кој ќе се координираат воздушните напади и активностите на копнените сили во Сирија. Не открил притоа за колкав број експерти станува збор.
Претходно изминатиот викенд руското министерство за одбрана објави дека споменатиот центар ќе ги координира, анализира и препраќа информациите до штабовите на Русија, Сирија, Ирак и Иран во врска со екстремистичките закани.
Во меѓувреме во средата рускиот Совет на федерацијата, горниот дом на парламентот, едногласно изгласа руските војски да може да бидат користени надвор од границите на земјата.
„Советот на федерацијата едногласно го поддржаа обраќањето на претседателот. Со 162 ‘за’, без воздржани и гласови ‘против’“, изјави шефот на администрацијата на Кремљ, Сергеј Иванов, пренесува агенцијата РИА.
Појасни дека горниот дом на парламентот гласал за користењето на руските вооружени сили по барањето на претседателот Владимир Путин и оти тоа прашање се однесува на Сирија. Истакнал дека таквата помош од Путин ја побарал сирискиот претседател Башар ал-Асад.
„Во врска со ова, би сакал да ве информирам дека претседателот на Сириската Арапска Република се обрати со барање до раководството на нашата земја, со барање за воена помош. Можеме да констатираме дека во борбата против тероризмот неопходно е да се обединат напорите, но притоа мора да се придржува до нормите на меѓународното права“, им рекол Иванов на новинарите.
Тој нагласил дека станува збор за исклучиво операции на воздушните сили, а употреба на копнени сили е исклучено./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Вести
“Во основа е пекол на земјата”: Градот Газа оставен тотално без здравствената заштита
Во раните утрински часови во саботата, над купови бетон и урнатини, толпа лекари и пациенти пешачеа километри низ уништените улици на градот Газа, принудени да се евакуираат пеш од она што остана од болниците. Здравствените работници велат дека се плашат да ги оставаат критично болните пациенти зад себе во град кој сега во голема мера е сведен на урнатини, преземен израелските сили, со болници кои работат без струја, гориво, вода или храна, пишува британски „Гардијан“.
“Тоа е во основа пекол на земјата”, вели Вилијам Шомбург, шефот на Меѓународниот комитет на Црвениот крст во Газа, опишувајќи го она што остана од животот во градот.
Со недели, десетици илјади луѓе се надеваа дека во болниците во Газа ќе најдат засолниште кое е најблиску до безбедно бидејќи енклавата издржа интензивирачки бомбардирања.
Но, откако израелските сили се приближија до објектите и потоа ја нападнаа најголемата болница во Газа, Дар ал-Шифа минатата недела, илјадници луѓе беа раселени заедно со медицинскиот персонал, шетајќи низ уништените улици на југ од енклавата.
Палестинското министерство за здравство во Газа соопшти дека израелските сили побарале евакуација на болницата Ал Шифа вчераутро, три дена откога влегоа во објектот. Здравствените лица сведочат дека им им било кажано дека имаат еден час да ја евакуираат болницата која беше центар на здравствениот систем на Газа.
Најмалку 12.000 луѓе загинаа во израелскиот напад врз Газа по нападот на Хамас на 7-ми октомври, во кој загинаа 1.200 Израелци, а околу 240 луѓе беа заложници.
Вести
Борел: Целосно е невозможно да се евакуираат милиони луѓе од северот на Газа
Првиот човек на ЕУ-дипломатијата Жозеп Борел утринава на прес-конференција изјави дека евакуацијата на милиони луѓе од северниот дел на Газа е целосно невозможна.
Десетици илјади цивили почнаа да бегаат од јужниот дел на Газа вчера, откако Израел им порача на луѓето да ја напуштат областа пред очекуваната копнена офанзива.
„Да се замисли дека можеш да преселиш милион луѓе за 24 часа во ситуација во каква што е Газа, може да биде само хуманитарна криза“, рече Борел на последниот ден од тридневната дипломатска посета на Кина.
И покрај изјавата на ЕУ за поддршка на Израел, тој исто така предупреди дека и Израел е должен да го почитува меѓународното хуманитарно право во одбранбениот процес.
„Позицијата е јасна“, рече Борел. „Но, како и секое право, тоа има граница. А таа граница е меѓународното право“.
Вести
Проценки на ОН: Десетици илјади луѓе веќе ја напуштија Газа
Во текот на ноќта беа објавени најновите проценки на ОН за бројот на луѓе кои ги напуштиле своите домови во северниот дел на Газа.
Тие велат дека веруваат дека станува збор за десетици илјади кои се упатиле кон југ по предупредувањето за евакуација на Израел.
Пред наредбата за евакуација, повеќе од 400.000 Палестинци беа внатрешно раселени, според хуманитарната канцеларија на ОН OCHA.
Израелската војска им порача на околу 1,1 милион луѓе во северниот дел на Газа да заминат пред очекуваната копнена инвазија. Хамас, пак, ги повика луѓето да останат на место и да пркосат на израелската воена наредба.
Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш рече дека наредбата од Хамас е „исклучително опасна – и во некои случаи едноставно не е возможна“.