Македонија
Бесими им најде место на „увозот“ и „извозот“ во Одбрана
Вие сте војници на мирот, горд сум што Македонија придонесува во одржување на светскиот мир, им порача новиот министер за одбрана, Фатмир Бесими на припадниците на армијата, при преземањето на министерството
Вие сте војници на мирот, горд сум што Македонија придонесува во одржување на светскиот мир, им порача новиот министер за одбрана, Фатмир Бесими на припадниците на армијата, при преземањето на министерството од досегашниот министер, Зоран Коњановски.
Досегашниот министер за економија, Бесими на „увозот“ и „извозот“ им најде место и во одбраната на земјава.
„Особено сум горд што Македонија од земја која се соочуваше со предизвикот во 2001 година, да биде увозник на мирот , денеска, по десет години е земја извозник на мирот. Вие сте војници кои директно придонесувате за тоа, жртвувајќи го вашето, најсвето вашиот живот“ рече Бесими.
Бесими вети дека ќе го продолжи ќе го зачува она што го направил неговиот претходник, но и дека ќе направи нешто повеќе. За него патот кон НАТО останува голем предизвик и изрази уверување дека Македонија ќе успее во членството во Алијансата.
Досегашниот министер за одбрана Коњановки му порача на Бесими дека позицијата министер за одбрана бара посветеност и искреност како при работењето на одбраната на земјата, така и во интеграциите кон НАТО.
Коњановски своето досегашно работење го окарактеризира како засилен и континуиран развој на Македонија.
„Ја подобривме меѓународната соработка и контактите со земјите од НАТО, како и со земјите од регионот. Водени од потребите за подобрување на стандардот на припадниците на АРМ ги зголемивме платите, а паралелно со тоа ги подобрувавме и условите за работа во гарнизоните. Со домаќинско работење инвестиравме во недвижностите како никогаш до сега, а отпочнавме проекти насочени кон припадниците на армијата и нивните семејства, како што е „АРМ мој вистински дом“, работејќи истовремено на имиџот на постојано доближување на армијата кон граѓаните“ рече Коњановски.
Досегашниот министер за одбрана сега заминува во сектор земјоделство. Според предлогот на владата Коњановски ќе биде заменик – министер за земјоделство./крај/фф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Коцевски: Ако градоначалникот Ѓорѓиевски има докази за злоупотреби во јавните претпријатија нека пријави
Републичкиот јавен обвинител Љупчо Коцевски изјави дека градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, доколку има докази за злоупотреби во јавните претпријатија, е надлежен тоа да го пријави во Министерството за внатрешни работи или во Јавното обвинителство.
„Во однос на изјавите на градоначалникот, ќе кажам дека тој како градоначалник, доколку има докази и е надлежен, тоа може да го пријави на надлежните органи – МВР, и да ги достави тие документи евентуално во Јавното обвинителство. И досега Обвинителството така постапувало, што значи дека ќе постапува и натаму. Ако има злоупотреби, стоиме на располагање“, изјави Коцевски.
Градоначалникот Ѓорѓиевски претходно на социјалните мрежи објави дека во скопските јавни претпријатија се отпуштени 500 лица кои со месеци или години не доаѓале на работа, и дека нема да има толеранција за такви случаи.
Дополнително во телевизиско гостување, Ѓорѓиевски објасни дека до него пристигнале документи кои укажуваат на можни незаконитости во работењето на повеќе претпријатија.
Македонија
Следната недела почнува судењето за пожарот во „Пулс“, обвинителството со тим од 15 обвинители
Судскиот процес за трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани, во кој животот го загубија 63 лица, а над 200 беа повредени, почнува следната недела, на 19 ноември.
Државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски најави дека обвинението ќе го застапува тим од околу 15 обвинители, со веќе утврден план за нивна координација.
„Во судница обвинението ќе го застапуваат истите обвинители што беа и досега, но најверојатно ќе ангажираме уште неколку, за да не се одолговлекува постапката. Од наша страна сме целосно подготвени и екипирани“, изјави Коцевски, додавајќи дека вчера се одржал координациски состанок во Јавното обвинителство.
Обвинението, поднесено во јуни годинава, опфаќа 34 физички и три правни лица, обвинети за тешки дела против општата сигурност. Меѓу нив се тројца поранешни градоначалници на Кочани, четворица директори на Дирекцијата за заштита и спасување, пет државни службеници, генерален секретар и двајца поранешни министри за економија. Првообвинети се тројцата одговорни лица и сопственици на фирмата чија подружница бил кабарето „Пулс“.
Покрај главниот предмет, се води и посебна истрага против 13 полицајци поврзани со случајот, која се одвива побавно поради одложени сослушувања на сведоци. Одлуката од Јавното обвинителство се очекува на почетокот на декември.
Во Основното јавно обвинителство Кочани се води и предистражна постапка против службеници на Управата за јавни приходи.
Македонија
Утре делови од Шуто Оризари без вода за пиење
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека утре ( среда ) поради промена на затворач ф-125мм на крстосницата Индира Ганди/Гвадалахара, прекинато водоснабдување ќе имаат следниве улици; Гвадалахара, Индира Ганди, Метохиска, Јован Хаџи Шишко и Гарсија Лорка.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со работните активности.(општина Шуто Оризари)

