Регион
Потпретседателката на ЕП сака да го види Косово во ОН
Потпретседателката на Европскиот парламент (ЕП), Улрика Луначек, се надева дека Косово наскоро ќе биде примено во разните институции на Обединетите нации (ОН), како и во самата светска организација, истакнувајќи дека преостанатите земји членки на ЕУ треба да ја признаат независноста на Косово.
Таа, во видео порака прикажана на собирот „Мултилатерална дипломатија – можностите и предизвиците за членството на Косово во меѓународните организации“, во Виена, рекла дека за жал постојат проблеми внатре во Косово, наведувајќи дека би сакала веќе да биде формирана влада, бидејќи би било полесно за оние кои го поддржуваат Косово кон полноправно членство во меѓународните организации.
Луначек додала дека постојат и проблеми во врска со ЕУЛЕКС и дека обвинувањата поврзани со корупција се тема и на ЕП. Австриската политичарка се заложила за признавање на независноста на Косово од земјите членки на ЕУ кои досега не го направиле тоа, порачувајќи дека не постои статус на неутралност.
„Се надевам дека ќе дојде до промена на ставот, барем кај некои земји. На аргументот кои некои го користат дека независноста на Косово е против меѓународното право, потсетувам дека постои одлука на Меѓународниот суд според која прогласувањето на независноста не била против меѓународното право“, порачала таа.
Според Луначек, некои земји стравуваат дека нивните малцинства би можеле, исто така, да побараат независност, но дека не треба да се плашат бидејќи ниедна демократска влада во ЕУ не го правела тоа што режимот на Милошевиќ го правел кон косовските Албанци.
„Споредбата е невозможна“, потенцирала Луначек, изразувајќи надеж дека големата бројка земји членки на ОН кои го признале Косово ќе продолжи да расте и дека наскоро оваа „најмлада држава“ во Европа ќе биде примена во различни институции, агенции на ОН, како и во самата светска организација.
„На тоа највеќе работам со повеќе колеги во ЕП“, навела Луначек.
Директорот на Дипломатската академија на Косово, Скендер Дурмиши, истакнал дека Приштина на своите граѓани им нуди уставни гаранции, демократија, мир и толеранција, исто како и сите останати членки на меѓународните организации и дека мултилатералната дипломатија и членството во меѓународните организации е цел на Косово.
Генералниот директор на косовското министерство за надворешни работи, Алберт Пренкај, говорејќи за односите со Белград, оценил дека единственото одржливо решение е потпишување на мировен договор, во кој би се содржело и признавањето на независност од страна на Србија./крај/мф/бс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Снег падна и на Крит и островите во Егејот, дел од училиштата затворени
Снег падна во Грција, на полуостровот Халкидики и на островите во северниот Егеј – Лимнос, Лезбос, Хиос и Споради, како и на планините околу Атина, но и на Евија и Крит.
На Крит сообраќајот на места беше во прекин поради силен град.
Поради временските услови, работата на повеќе училишта е прекината, а наставата се одвива онлајн таму каде што е можно.
Иако температурите се над нулата, снегот и понатаму се задржува.
Фото: pexels
Регион
Србија прогласи вонредна состојба поради снегот: Илјадници домаќинства без електрична енергија
Србија утрово се разбуди под снег и мраз, а поради лошите временски услови, вонредна состојба е во сила во дури 11 општини и градови. Најголеми проблеми се прекините на електричната енергија, поради што повеќе од 6.000 домаќинства останаа без струја, пишува Н1 Србија.
Илјадници домаќинства без струја
Милорад Спасојевиќ од Секторот за вонредни ситуации потврди за РТС дека најголемиот проблем е прекинот на електричната енергија. „Околу 6.450 потрошувачи се без струја. Најлошо е во златиборската, колубараската, моравичката и мачванската област“, рече Спасојевиќ.
Цела Србија се разбуди со температури во минус. Најстудено беше на Копаоник, каде што беа измерени -17 степени, додека најниските температури меѓу градовите беа забележани во Кикинда и Сјеница, со -10 степени.
Според податоците од Републичкиот хидрометеоролошки завод (РХМЗ) од 6:09 часот наутро, во Белград, Ниш и Крагуевац се измерени -5 степени, а во Нови Сад -8 степени. На Црни Врх, каде што е регистрирана и снежна бура, температурата била -13 степени, а на Златибор -11 степени. По многу студеното утро, се очекува температурата да се зголеми на некои места во текот на денот.
Поради опасни временски феномени, утрово е во сила портокалова временска тревога за Белград, Бачка, Банат, Срем, Западна Србија, и Југозападна Србија.
Регион
Во Загреб падна замрзнат дожд
Поради најавените ниски температури и замрзнат дожд, за кои Државниот хидрометеоролошки завод издаде портокалово предупредување, постои ризик од формирање мраз на тротоарите и други површини во Загреб, објави Градот Загреб, пренесува Индекс.хр.
Градот известува дека возилата на Зимската служба на Загребските патишта превентивно ги посолуваат патиштата во областа на Загреб.
Градот Загреб апелира до сите учесници во сообраќајот, возачи и пешаци, да ги прилагодат своите движења на тешките и потенцијално опасни временски услови. На возачите им се препорачува да избегнуваат непотребно патување, да возат побавно со поголем растојание помеѓу возилата, да избегнуваат нагло сопирање и забрзување и да користат зимска опрема и соодветни гуми. Посебна претпазливост е потребна на мостовите, надвозниците и кривините.
Пешаците се повикуваат да бидат дополнително внимателни, да се движат побавно, да носат соодветни обувки и да избегнуваат замрзнати површини секогаш кога е можно.
фото/депозитфотос

