Македонија
Нови предлог политики за подобрување на бизнис соработката со Албанија

Конкретни предлог политиките кои ќе придонесат за зајакнување на бизнис соработката и подобрување на трговската размена меѓу Македонија и Албанија беа изнесени на деловниот појадок одржав во понеделникот во Теттово.
На деловниот појадок на тема „Подобрување на бизнис соработката меѓу Македонија и Албанија“, во организација на Сојуз на стопански комори на Македонија (ССК), учествуваа над 150 бизнисмени од двете држави.
Претседателот на ССК, Данела Арсовска, истакна дека од анализите за реалните потреби на бизнис секторот произлегоа неколку мерки кои ќе влијаат на подобрување на деловната соработка.
„Мерките кои произлегоа од реалните потреби на бизнис секторот се :Подобрување на размена на информации за економските и трговските активности во двете земји, зајакнување на активностите за промоција на извозот на македонските производи на албанскиот пазар, заедничкa туристичка понуда на прекуграничната област, развој на униформирана методологија за класификација на објектите поврзани со туризмот меѓу
Македонија и Албанија, зајакнување на контролата на квалитетот и лабораториски испитувања, поддршка за подобрување на размената на информации меѓу националните статистички организации, како и поддршка за иновации во секторот на мали и средни претпријатија во Македонија и Албанија“, изјави Арсовска.
Министерот за економија, Беким Незири и градоначалникот на општина Тетово, Теута Арифи, истакнаа дека ќе се работи на интензивирање на комуникацијата помеѓу бизнис секторот со локалната и централна власт во насока на заедничко креирање и подобрување на условите за водење бизнис.
„Бизнис потенцијалот на Полошкиот регион е голем, што е уште еден импулс да поработиме заеднички на подобрување на бизнис соработката помеѓу Македонија и нашиот сосед Албанија, што претставува заеднички интерес на двете земји. Особено што основите за соработка се веќе воспоставени на ниво на држави и Влади, а она на што треба поактивно да се поработи во идниот период е токму комуникацијата меѓу деловните субјекти од нашите две држави“, истакна Незири.
Тој додаде дека од 1 декември оваа година двете држави имаат целосен безцарински режим, кој е дополнителен мотив за подобрување на трговската соработка, привлекување на инвестиции во регионот и за заеднички настап на трети пазари, а во делот на туризмот каде се забележува континуиран раст, посебен придонес дава и можноста за минување на границите меѓу двете земји само со лична карта, која се воведе како пракса од април 2012 година.
„Соработката помеѓу Полошкиот регион и Корча е од огромно значење за нас како општина, имајќи го предвид фактот дека во нашата општина имаме и слободна економска зона, која овозможува привилегии за инвеститорите, а тоа за нас подразбира промоција и нови вработувања. Инаку оваа програма е втора за нас, која произлегува од втората компонента, после соработаката која ја имаме и со градот Елбасан“, изјави градоначалникот на Тетово Арифи
Роберт Лидел, министер советник во Делегацијата на ЕУ подвлече дека прекуграничната соработка е еден од начините да се обезбеди подобра иднина за младите од Полошкиот регион.
„Јас сум убеден дека тоа ќе се постигне, затоа и финансираме и ќе продолжиме да поддржуваме вакви проекти. Искрено посакувам компаниите од двете држави да отвараат нови бизниси и нови работни места“, рече Лидел.
Активноста се реализира со поддршка на ИПА Програмата за прекугранична соработка со Албанија во рамки на проектот „Подобрување на бизнис соработката во прекуграничниот регион“ имплементиран од страна на Сојуз на стопански комори на Македонија. /крај/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Дурмиши: Преку мерката за зелени инвестиции отворени се речиси 400 работни места во приватниот сектор

Министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, заедно со директорот на Агенцијата за вработување, Сељатин Бељули, и постојаниот претставник на УНДП, Армен Григорјан, денеска го посети ресторанот „Ксантика“, кој е еден од успешните примери на зелени инвестиции и создавање нови работни места.
За време на посетата министерот истакна дека преку Мерката 8 – „Создавање нови работни места преку зелени инвестиции“, досега се отворени речиси 400 нови работни места во приватниот сектор.
„Досега 228 компании инвестираа во зелени решенија – фотонапонски панели, енергетска ефикасност и модерна опрема. Компаниите вложија над 200 милиони денари сопствени средства, што е повеќе од државната поддршка. Тоа покажува дека политиката на Владата не е само субвенција, туку катализатор за приватен капитал и за зелена економија,“ рече министерот Дурмиши.
Економија
УЈП: Инкасирани 2,3 милијарди денари или 37,4 милиони евра повеќе во буџетот споредбено со јули лани

Во јули 2025 година, Управата за јавни приходи оствари значителен раст на наплатата по основ на даноци и социјални придонеси за речиси 37,4 милиони евра во споредба со јули 2024 година.
Вкупната наплата од даноци (Данок на додадена вредност (ДДВ), данок на личен доход (ДЛД) и данок на добивка ДД) изнесува 14.344 милиони денари, односно приближно 233 милиони евра, што претставува рекордна месечна наплата досега.
По тој основ остварен е раст од 922 милиони денари или околу 15 милиони евра, што е раст од 6,9% во однос на јули 2024 година. Раст од 13,4% се бележи и кај социјалните придонеси, и по тој основ наплатени се 11.823 милиони денари (192,2 милиони евра), што е за 1.400 милиони денари (околу 23 милиони евра) повеќе наплатени средства од придонеси во споредба со истиот месец минатата година.
„Растот на приходите не е случаен – тој е резултат на зголемена економска активност, како и посветена работа, партнерство и доверба која Управата за јавни приходи постојано ја гради со даночните обврзници. Во изминатиот период, а во согласнст со законските надлежности, УЈП презеде низа мерки и е во постојан контакт со даночните обврзници и нивните овластени сметководители кои имаат пријавен, но ненаплатен долг за соодветниот даночен период. Целта е навремено подмирување на обврските и избегнување на блокада на сметки и дополнителни трошоци за присилна наплата“, велат од УЈП.
Во рамки на превентивните мерки, доставени се персонализирани пораки и известувања до обврзниците, со јасна порака за доброволно усогласување. Придобивката од овој пристап е јасна: се овозможува финансиска стабилност кај обврзниците, се избегнуваат санкции и се гради одржлива даночна историја, што директно придонесува за стабилни јавни финансии и позитивна деловна клима.
Економија
Потпишани договори за 828 проекти со 225 милиони евра преку капитални инвестиции

Со склучувањето на договорите за вториот повик од инструментот за капитални инвестиции, денес започнува нова фаза на големи вложувања во општините ширум Македонија, соопшти премиерот, Христијан Мицкоски.
Вкупната вредност на проектите изнесува 13,8 милијарди денари, односно околу 225 милиони евра, а се опфатени 828 проекти во различни области. Најголем дел од средствата, над 8 милијарди денари, ќе бидат инвестирани во инфраструктурата – патишта, мостови и локални врски.
Покрај тоа, во областа на животната средина ќе се реализираат 143 проекти со вкупна вредност од над 2,4 милијарди денари, кои се однесуваат на чиста вода, канализациски системи, управување со отпад и создавање нови паркови.
Во секторот образование, преку 48 проекти, ќе се инвестираат 1,6 милијарди денари за изградба и обнова на училишта и градинки, додека има и проекти поврзани со култура, спорт и социјална политика.
„Ова е најголемата инвестициска офанзива некогаш направена за општините, без партиски филтри и фаворизирања. Секоја општина што има проект добива поддршка,“ истакна Мицкоски.
Тој нагласи дека со овие инвестиции се гради еднаквост и пристап до квалитетен живот за сите граѓани, без разлика на нивната локација, и најави дека нема да се дозволи запоставување на ниту еден регион.
Со склучените договори и веќе започнатите проекти, Мицкоски ја опиша оваа иницијатива како конкретен чекор кон подобрување на инфраструктурата и квалитетот на живот во Македонија, која според него од хартија преминува во реалност.