Топ
Автомобил излета од патот кај Галичица, возилото висело на карпа
На телефонскиот број 112 добиена е пријава за возило кое излетало од главниот пат кај националниот парк Галичица на 10 минуи возење по наплатниот пункт, кај м.в.Коритски Рид.
Патничкото возило е од марката „волксваген“, објави Центарот за управување со кризи.
Возилото висело на карпа, а лицата се неповредени.
„Известен е и Антонио Додевски од Планинската спасителна служба Охрид кој ќе искочи на лице место за да направи увид во состојбата, и потоа ќе известат што понатаму“, велат од ЦУК.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Договорите за корупција треба да бидат многу поскапи, потешки и по неисплатливи – антикорупционерите со обука за полицајците
Регионалната иницијатива против корупција (РАИ) денес во Скопје организираше обука за претставници на полицијата и Министерството за внатрешни работи за проценка на ризикот од корупција и проверка на законодавството за спречување на корупција. Претседателот на Државната комисија за спречување корупција(ДКСК), Адем Чучуљ вели дека ќе настојуваат да најдат системски решенија против корупција и во секторот животна средина.
„Исклучително ни е драго што со нашите партнери од РАИ сме дел од овој проект кој опфаќа значајна системска активност за детектирање ризици од корупција во две значајни области, тоа се внатрешни работи и животната средина и исто така антикорупциска проверка на легислативата во овие две области. Целта е системски во овие области да се детектираат соодветните проблеми и да се изнајдат механизми за нивно надминување односно преку системски решенија да ја спречиме корупцијата во овие две области“, рече претседателот на ДКСК, Чучуљ.
Директорот на РАИ, Алберт Хани вели дека по секторите култура и образование, на кои веќе работеле, сега на ред се безбедноста и животната средина кои се идентификувани како ранливи кај нас, а тие се тука да помогнат на државата да развие механизми за справување со корупцијата.
„ Механизми постојат, затоа и постоиме ние, да им помогнеме на државите да развијат механизми со кои ќе се справуваат со корупцијата, механизми кои ќе значат едноставно да се креира состојба во која договорите за корупција ќе бидат многу поскапи, многу потешки, многу понеисплатливи и секако ненаградувачки договори“, рече директорот Хани.
Претседателот на ДКСК, Чучуљ, кажа дека во завршна фаза е носењето на новата национална стратегија за спречување корупција во која се детектирани ризици во седум сектори меѓу кои е и животната средина. Од новата стратегија тој очекува да биде поприменлива, да го зголеми надзорот, но и да детектира одговорност за нејзина непримена. Стратегијата треба да боде донесена до крајот на овој месец.
Македонија
Трендафилов: Пробуваат на мала врата да ја усогласат минималната плата за 1.600 денари, излегуваме повторно на улица
Претседателот на Сојузот на синдикати на Македонија, Слободан Трендафилов, денеска ја напушти седницата на Економско – социјалниот совет, на која на дневен ред беше минималната плата. Тој обвини дека власта на мала врата пробува да утврди усогласување на минималната плата за околу 1.600 денари.
„Жалосно е тоа што Владата, работодавачите и другите синдикати се на истиот став, а тоа е минималната плата само законски да се усогласи и да не се зголеми“, вели Трендафилов.
Тој најави дека протестите ќе продолжат на средината на март. „За жал, борбата продолжува повторно на улица на средина на март“, објави Трендафилов.
Премиерот, Христијан Мицкоски, претходно информираше дека на денешната седница на Економско-социјалниот совет на дневен ред била Информација за висината на минималната плата.
„Денеска на дневен ред е информација за висината на минималната плата, која ќе биде во 2026 година согласно закон. Очекувам на следната владина седница да го поминеме ова и како Влада и потоа нормално согласно висината на минималната плата од април за март да почне истата да се исплатува“, истакна Мицкоски и додаде дека очекува бипартитниот дијалог меѓу работодавците и работниците да продолжи во иднина да се интензивира.
Македонија
Засега нема услови за евакуација на македонските државјани од ОАЕ и Катар, се разгледуваат алтернативи за државјаните во Израел
Повеќе од 400 македонски државјани се обратиле до дипломатско-конзуларните претставништва со барање за информации околу можноста за евакуација, додека околу 30 од нив изразиле подготвеност да заминат при првата можна прилика, соопшти Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, по ескалациите на Блискиот Исток.
Од Министерството информираат дека со сите пријавени лица се одржува редовна и континуирана комуникација, а во тек се подготвителни активности за евентуална асистенција и нивна безбедна евакуација, зависно од развојот на состојбата на терен.
Дипломатско-конзуларните претставништва, како што се наведува, ги преземаат сите неопходни мерки за подготовка и безбедна реализација на евакуацијата на граѓаните кои изразиле подготвеност за тоа. Министерството е во постојана комуникација со пријателски земји и меѓународни партнери со цел координирано спроведување на постапката.
Во однос на Обединетите Арапски Емирати и Државата Катар, во моментов не постојат безбедни услови за евакуација. За македонските државјани кои се наоѓаат во Израел, веќе активно се разгледуваат и координираат потенцијални алтернативи за нивно безбедно извлекување.
Министерството останува целосно на располагање на граѓаните преку дежурниот телефон и дипломатско-конзуларните претставништва, и ги повикува сите македонски државјани во регионот доследно да ги почитуваат упатствата на локалните безбедносни органи.
За дополнителни информации и помош, на располагање се:
СОС дежурен телефон (МНРНТ):
075/273-732
Амбасада на Република Северна Македонија во Доха
Тел: +974 50 173 111
Амбасада на Република Северна Македонија во Абу Даби
Тел: +971 56 441 7532
Амбасада на Република Северна Македонија во Тел Авив
Тел: +972 54 500 8566
Тел: +972 54 967 0546

