Топ
(Видео) Вработени во фабрика за канабис во Кочанско ја продавале дрогата нелегално

Тројца вработени во фабриката за канабис за медицински цели во кочанското село Уларци одгледувале марихуана за продажба на нелегалниот пазар.
Полицијата вчера приведе три лица – Д.Б.(41) од село Другово, Кичевско, Г.П.(31) од Скопје и А.А.(31) од Кочани, поради основано сомнение за нивна инволвираност во неовластено производство и продажба на дрога, при што се запленети над шест килограми марихуана.
Според информациите на МВР, на почетокот на овој месец спроведена е истрага поради сомнение дека во фабрика за производство на канабис за медицински цели во село Уларци се одгледува марихуана со цел да биде продавана на илегалниот пазар. Од Министерството наведуваат дека биле обезбедени докази дека три лица вработени во фабриката се инволвирани во неовластено производство и продажба на марихуана.
Вчера во трговски центар во Скопје Д.Б. бил затекнат при продажба на шест килограми дрога и бил приведен. Во фабриката биле приведени и Г.П. и А.А.
Во текот на истрагата било утврдено дека Д.Б. заедно со Г.П. во периодот од ноември 2020 до февруари 2021 преземале низа дејствија со цел неовластено производство на марихуана во објектот, со намера неовластено да ја продадат и да се стекнат со противправна имотна корист, додека А.А., вработен како обезбедување во објектот, помогнал во извршување на кривичното дело.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Мицкоски до Филипче: Професионално ли е што судот на Марковски за стомилионски криминал му дава куќен притвор?

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, се обрати од народниот митинг одржан во општина Богданци, во рамки на изборната кампања 2025 која е под слоганот „Вистинскиот избор! Твојот човек! Твоето место! За твојата иднина!“, за претстојните локални избори закажани на 19 октомври. Мицкоски зборуваше на темата за судството и обвинителството во земјава. Според него, луѓето кои ги направија предавствата на државата, кои менуваа име и Устав, и кои изнесуваа милиони надовр од неа, повторно се обидуваат да го лажат народот, а нивната лагодност е во тоа што знаат дека имаат чувари во судството и обвинителството, и притоа лидерот на СДСМ се изјаснува во јавноста дека 2% доверба на граѓаните во судството за него е професионално. Тој додаде дека после локалните избори, потребен е ресет на системот.
„И кога ќе ме запрашаат од каде почнавте да работите овие 15 месеци како Влада, одговорот е тежок, затоа што велиме дека започнавме од самите темели. Толку тие беа разрушени, разјадени и ослабени што, по три децении независност и седум години катастрофално владеење, моравме повторно да почнеме од темелите на Македонија“, рече Мицкоски.
Мицкоски нагласи дека кај истите луѓе кои ја распродаваа историјата на државата, менуваа Устав и изнесуваа милиони надвор од неа, има отсуство на срам и според него, покажува дека го потценуваат народот, а и повторно се обидуваат да го излажат.
„Навистина гледам дека тие исти луѓе кои седум години уриваа, кои менуваа име, Устав, распродаваа историја, крадеа, купуваа трговски центри, изнесуваа милиони, правеа дилови на грбот на народот, истите тие ги има фатено една колективна амнезија и без мува да ги лази излегуваат и коментираат, обвинуваат и лажат. Кај сите до еден кај нив има огромно отсуство на срам, и тоа отсуство на срам, говори дека не само што не научиле ниту една лекција, туку ја потценуваат интелигенцијата на народот и повторно сакаат да го излажат со истите фрази, со истите зборови“, кажа Мицкоски и додаде:
„Заев ветуваше живот, а овој сега неговиов наследник, Филипче, ветува среќа. Првиот ветуваше дека ќе ја заштити македонската жица од гитарата, вториот имал црвени линии со Бугарија. Првиот му ја води кампањата, а пак овој вториов слепо го следи. И нивната комоција се должи, освен на отсуството на срам, и на нивната желба за моќ, пари и богатење на грбот на народот. Просто е прашањетом, како со државна, докторска или градоначалничка, па и премиерска плата се стигнува до згради и златна виза во Дубаи? Милионски имот кој вртоглаво расте во годините кога тие се влада. Одговорот е преку криминал и неказнета корупција“.
Според него, нивната лагодност се должи на тоа што тие знаат дека имаат чувари во правосудството, и за кое лидерот на опозициска СДСМ изјавува дека ова судство кое ужива само 2% доверба било професионално.
„Нивната лагодност се должи и на фактот што имаат чувар во обвинителството и судството, кои се пак последниот бастион на оваа наша длабока држава. Го слушав внимателно, вчера Венко Филипче како говори дека тоа судство и обвинителство е професионално. Замислете, ова судство и обвинителство со два процента рејтинг било професионално. Тоа што повеќе од 100 пријави ги држат во фиока, тоа што ќутат и тоа молчат за плацовите, вилите, за бизнисите со државни тендери, за вакцините од Кина, не ги прави професионални, туку напротив, ги прави криминални“, вели Мицкоски.
Мицкоски додаде дека, сопственикот на омилената фирма на СДСМ и ДУИ, Марковски, на кој за сомнеж за криминал од сто милиони му е доделен куќен притвор, според него ова не е професионално туку криминално.
„И додека ова Филипче го говори, во истиот момент, во исто време судот на сопственикот на омилената фирма на СДСМ и ДУИ, Марковски, кој парче по парче направи во РЕК, за сомнеж за криминал од сто милиони, му доделија куќен притвор. Да го прашам Венко, професионално ли е што за сто милиони неговиот суд му дава само куќен притвор, а за некој што украл 10 ќебапи има притвор со месеци? Во ништо од ова нема професионално, туку само криминално“, посочи Мицкоски.
Мицкоски нагласи дека после локалните избори годинава, на државата и е потребен целосен ресет, и само на тој начин ќе обезбеди иднина.
„И од тоа бегате упорно затоа што знаете дека после овие избори, лично ќе се позанимавам со правдата која за сите оние што се огрешиле е недостижна. И тоа мора да се смени, затоа што на Македонија повеќе од сè досега ѝ треба ресет на системот и не само во судството и обвинителството, туку ресет и во секоја пора од општеството. Ресет на вредностите кои ги газат и на сфаќањата кои мораат да ги променат. И само така сите ние, заедно, ќе обезбедиме иднина каква заслужуваме, целосно свесни дека ова е најважната битка на нашата генерација, која мораме да ја победиме“, заклучи Мицкоски.
Македонија
Разрешен директорот на Клиниката за неврологија, проф. д-р Игор Кузмановски

Министерството за здравство информира дека министерот Азир Алиу денес донесе решение за разрешување на директорот на ЈЗУ Универзитетска клиника за неврологија, проф. д-р Игор Кузмановски.
„Во најкраток рок ќе биде именуван нов директор согласно законските процедури. Работата на Клиниката продолжува непречено“, известува Министерството за здравство.
Македонија
Застреланиот лекар Шаини ја брани сопругата: Ги отфрлам тврдењата дека зад ова стои госпоѓата Арјета Ајдини

Застреланиот лекар Зекирија Шаини ги отфрли како неосновани и невистинити тврдењата дека неговата сопруга Арјета Ајдини е вмешана во вооружениот напад врз него. Тој побара од истражните органи итно да ја расчистат ситуацијата и обвини дека целиот случај е обид за негова дискредитација.
„Целосно ги отфрлам како неосновани и невистинити тврдењата дека за ова стои госпоѓата Арјета Ајдини. Овој случај, за жал, се претставува со јасна намера за дискредитација на мене и моето семејство, како и за создавање збунетост и заблуда во јавноста,“ изјави Шаини, додавајќи дека нема никакви сознанија за мотивите на нападот и дека е подготвен за целосна соработка со институциите.
Тој апелираше случајот да не се третира како семеен спор. Кажа дека живее со сопругата и нивните две ќерки во село Слупчане и повика случајот да не се користи за политички поени во предизборниот период.
„Ќе продолжам со главата горе, од никого не се плашам, зашто лошо никому немам сторено,“ рече Шаини.
Иако поминаа само три дена откога беше застрелан на улица во Куманово, лекарот од Клиниката за пулмологија во Скопје Шаини, кој е носител на советничка листа на ДУИ за Липково, рече дека вечерва ќе излезе и на предизборен митинг.
Претходно беше објавено дека полицијата ја привела сопругата на Шаини и дека е била осомничена за вмешаност во обидот за негово убиство.