Топ
(Видео) Претреси на повеќе локации во Скопје, Велес и Прилеп, уапсени 10 лица, запленети 500.000 евра: МВР објави снимка
На 02.01.2025 реализирана е меѓународна истрага координирана од страна на ЕУРОПОЛ, македонската и српската полиција, а под раководство на надлежните јавни обвинителства, при што сузбиена е организирана криминална група инволвирана во извршување на кривично дело фалсификување пари, која делувала на териториите на повеќе држави.
Во периодот од крајот на 2023 година до февруари 2025 година на територијата на Република Северна Македонија и на Република Србија формирана е организирана криминална група, составена од македонски и српски државјани, која имала за цел изработка и пуштање во оптек на фалсификувани пари. Во стан на подрачје на Скопје, по претходно направени специјални машини со гравирани плочи кои имитирале сигурносни знаци на пари, биле изработувани лажни пари во различни апоени. Вака изработените лажни пари организираната криминална група ги пуштала во оптек во платниот промет на Република Северна Македонија и Република Србија, а голем дел од нив завршувале и во платниот промет на Австрија, Германија, Романија, Словенија, Хрватска и Косово.
Во рамки на акцијата на територија на Република Северна Македонија, врз основа на претходно обезбедени наредби од Основен кривичен суд, извршени се претреси на повеќе локации на подрачје на Скопје, Велес и Прилеп кај правни и физички лица, при што лишени од слобода се 10 лица (девет лица од Скопје и едно лице од Велес). При извршените претреси пронајдени и одземени се предмети и парични средства кои ќе бидат предмет на вештачење и тоа: околу 500.000 евра, 25.000 американски долари, 500 швајцарски франци, 1.800 израелски шекели, 500 хрватски куни, 10.000 албански леки, 1.000 шведски круни и 25.000 рубљи, CNC машина за изработка на калапи, калапи, жигови и валјаци со кои се изработувале фалсификуваните пари, копии од делови од банкноти, три пиштоли, една пушка, 100 парчиња куршуми калибар 9 мм, 40 патрони калибар 12 мм, кесе исполнето со бела прашкаста материја, кафеава прашкаста материја, повеќе телефонски апарати, СИМ картички, УСБ и лаптопи.
Во рамки на акцијата спроведена во Република Србија лишени од слобода се шест лица, членови на организираната криминална група, при што пронајдени и одземени се околу 153.700 евра.
Активностите ќе продолжат и понатаму во рамки на отворената меѓународна истрага и во текот на денешниот ден од страна на Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал ќе биде поднесена кривична пријава против шест македонски и двајца српски државјани.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Неправилности и проблеми со „Безбеден град“ ќе се пријавуваат преку специјален пункт или на интернет
Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, е задоволен од резултатите од тест-периодот на проектот „Безбеден град“.
Тошковски вели дека граѓаните значително ја намалиле брзината на возење, а бројот на сообраќајни незгоди е во опаѓање.
„Тест периодот покажува дека Македонија има сила да биде нормална земја. Горд сум што македонските граѓани покажаа дека и во тест период кога ќе се вметне едно решение, граѓаните сфатија и го забавија возењето во рамки на главниот град. Граѓаните покажаа дека можат поинаку и дека сега се вистински Европјани. Намалени се бројките на сообраќајки на територија на Град Скопје, а особено на тешки телесни повреди и смртни последици“, кажа министерот.

Граѓаните ќе можат да пријавуваат неправилности и проблеми со системот „Безбеден град“ преку специјален пункт во склоп на управните служби на МВР, интернет-страница и мобилна апликација, најави Тошковски.
Тој нагласи дека се работи на остранување на сите неправилности и од 1 февруари возачите свесно ќе придонесат за безбедноста во сообраќајот.
Економија
Мицкоски: Буџетот е ликвиден, трезорот нема да се затвори на 15 декември
Премиерот Мицкоски изјави дека Буџетот е ликвиден и сите обврски се извршуваат тековно. Како што појасни Мицкоски, 15 декември не е датум за затворање на трезорската сметка, туку рок до кој институциите е потребно да ги достават сите тековни расходи за навремена исплата.
Според премиерот, и по истекот на овој рок ќе има толеранција и институциите нема да бидат одбиени доколку поднесат налози подоцна. Целта на поставувањето на датумот, вели тој, е подобро планирање и навремено извршување на обврските.
„Јас не реков дека ќе се затвори трезорот, туку го поставивме 15 декември како датум кога сите иснтитуции е добро да ги достават сите оние тековни потреби, расходи и сите средства кои треба да се пренесат до доверителите. Се разбира на тоа додадов дека имаме толеранција. Се разбира дека нема ако некој дојде на 20 декември да речеме клучот е на врата и завршена е работата. Се разбира дека толеранција ќе има, но идејата е да работиме со план, да имаме свесност дека е потребно сето тоа да реализираме со време, да имаме некаква навика и да го почитуваме сето она што ќе го поставиме како план и задачи. Затоа јас ги молам сите институции да дојдат навреме. Не велам дека на 25-ти ако дојде некој со налог нема тоа да се прифати и ќе се одбие, но, навремено да ги испланираме активностите, за да не се случи во 5 до 12 сите да нагрнеме таму и некои од обврските да останат неплатени односно да ги книжиме во следната година. Само тоа е целта, чисто мораме да се навикнеме на некаков ред“, кажа Мицкоски.
Македонија
(Видео) ВМРО-ДПМНЕ предлага Резолуција за осуда на дезинформациите за мигранти
ВМРО-ДПМНЕ денеска претстави „Резолуција за осуда на манипулациите на опозицијата и за потврда на политиките против нелегалната миграција“.
„Во изминатите денови, јавноста беше сведок на организирана и координирана кампања од страна на опозицијата, којашто влеваше несигурност и паника помеѓу граѓаните. Овие лажни сценарија ги нема во владините политики, напротив, ВМРО-ДПМНЕ активно се борела против мигрантите и мигрантските кампови, кои претходната влада на СДС и Заев сакаше да ги направи. ВМРО-ДПМНЕ јавно ги осудува политиките и одлуките на поранешната влада на Зоран Заев, со којашто беа отворени можности за создавање на кампови за мигранти, спротивно на националните и државни интереси“, кажа на прес-конференција, Никола Мицевски, координатор на пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ.
Тој накусо ја презентираше Резолуцијата.
„Таа е составена од 9 точки, и во неа стои дека се осудуваат дезинформациите за наводно прифаќање мигранти и изградба на кампови, се потврдува дека такви политики не постојат ниту ќе постојат, се поништуваат сите претходни аранжмани на владата на Заев поврзани со мигрантски кампови и се повикува на одговорен јасен говор, заштита на безбедноста, стабилноста и меѓуетничките односи. Исто така, се констатира дека свесното ширење дезинформации ќе биде санкционирано согласно важечките закони. Резолуцијата воспоставува јасна државна политика против нелегалната миграција и стапува во сила веднаш по нејзиното изгласување. Во таа насока, оваа Резолуција на ВМРО-ДПМНЕ ќе ја предложиме во Собранието на Република Македонија и од таа причина ги покануваме сите парламентарни партии заедно да ја поддржат“, истакна Мицевски.

