Црна хроника
Глоби за двајца гостиварци кои не ги почитувале решенијата за изолација
Основното јавно обвинителство Гостивар поведе постапка против двaјца гостиварци поради непочитување на здравствените прописи за време на епидемија. ОЈО Гостивар поднесе предлог за издавање казнени налози, со кои му предложи на Основниот суд Гостивар да им изрече парични казни од 100 дневни глоби.
Двајцата имале решение за домашна изолација и лекување, но тие не биле дома кога полицијата извршила контрола. Едниот отишол да купи лекови до аптека, а другиот ја напуштил државата и со авионски лет отпатувал во Минхен, Германија.
„Првиот обвинет од село Голема Речица, кому му бил определен задолжителен здравствен надзор и домашна изолација, не постапил во согласност со решението на здравствените власти, па на 3.11.2020 година го напуштил домот. На наведената домашна адреса бил затекнат само неговиот син, кој рекол дека не знае каде е татко му. Следниот ден полициските службеници извршиле разговор со обвинетиот, кој потврдил дека го напуштил домот, пеш се движел покрај реката Вардар до селото Равен и назад, купил лекови од аптека и се вратил дома.
Вториот обвинет, пак, исто така имал решение за лекување и изолација издадено од Државниот санитарен и здравствен инспекторат и од 6.2.2021 година требало да остане во домашна изолација во село Равен. Но, на 12.2.2021 година, без дозвола, ја напуштил државата и со авионски лет од Меѓународниот аеродром „Скопје“ отпатувал во Минхен, Германија“, се вели во соопштението на Обвинителството.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Црна хроника
Поради СМС порака за лажна пратка од „Пошта“, гостиварец останал без 89.106 денари
Во полициската станица во Гостивар е пријавен случај на интернет измама, при што 34-годишен жител на овој град останал без над 89 илјади денари.
Како што информира полицијата, на 16 јануари С.А. (34) пријавил дека добил СМС порака со известување и линк за наводна достава на пакет од „Пошта на Северна Македонија“. Откако влегол на лажна веб-страница и ги внел податоците од својата дебитна картичка, од неговата сметка биле извршени повеќе неовластени трансакции.
Според пријавеното, од сметката на оштетениот биле повлечени вкупно 89.106 денари, кои завршиле кај примач во странство.
Од Министерството за внатрешни работи соопштуваат дека се преземаат мерки за расчистување на случајот и апелираат до граѓаните да бидат внимателни и да не внесуваат лични и банкарски податоци на сомнителни линкови.
Црна хроника
Скопјанец ги нападнал сопругата и ќерката, друг на жената и’ ги скршил телефонот и автомобилот – пријавени случаи на семејно насилство
Во полицијата во Скопје се пријавени два одделни случаи на семејно насилство, по кои МВР презема мерки за нивно целосно расчистување.
Првиот случај е пријавен од 29-годишна жена од скопско, која навела дека на 10 јануари 2026 година, во семејниот дом на подрачјето на општина Петровец, била физички нападната од нејзиниот сопруг К.Ј. (33). Според пријавата, тој употребил тврд предмет и ѝ упатувал закани со остар предмет. Претходно, како што е пријавено, К.Ј. физички ја нападнал и нивната малолетна ќерка. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.
Вториот случај е пријавен на 16 јануари 2026 година во 09:20 часот, кога 45-годишна жена од скопско пријавила дека во претходните денови повеќепати била физички нападната од нејзиниот сопруг А.Б. (48). При нападите, тој ѝ го оштетил и мобилниот телефон, како и нејзиното патничко возило. Полицијата презема мерки за расчистување на случајот, а по целосно документирање ќе биде поднесен соодветен поднесок.
Црна хроника
Возило „киа“ удрило во пешак во Скопје, жената со тешки повреди
Вчера во утринските часови на улицата Војвода Васил Чакаларов во Скопје се случила сообраќајна несреќа во која пешак се здоби со тешки повреди.
Патничко возило „Киа“, со скопски регистарски ознаки, управувано од 52-годишниот Д.П. од Скопје, удрило во 48-годишната Р.Д., исто така од Скопје.
Од силината на ударот, жената се здобила со тешки телесни повреди и била пренесена во Комплекс клиники „Мајка Тереза“.
На местото на настанот бил извршен увид.

