Топ
Жена од Охрид почина откако ја прегази малолетник со мотор
Мопед управуван од 17-годишник од Охрид синоќа удрил во 68-годишна жена од Охрид.
„Б.Ѓ. била пренесена во Општата болница Охрид, каде што им подлегнала на повредите“, информираат од МВР.
Возачот на мопедот се здобил со телесни повреди, констатирани во болницата „Св.Еразмо“.
Извршен бил увид на местото на незгодата од увидна екипа од СВР Охрид.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Ресторан на нива, одморалиште издавано без согласност, градинка без деца оти нема пат – ревизијата утврди серија нерегуларности во Свети Николе
Државниот завод за ревизија утврди серија нерегуларности во работењето на Општина Свети Николе за 2024 година поради што изрази неповолно мислење за реалноста и за објективноста на финансиските извештаи, како и за усогласеноста со законската регулатива и воспоставените политики.
Според ревизијата, Општината со несоодветно постапување овозможила бесправно изградени објекти на земјоделско земјиште да вршат дејност. Од вкупно 110 барања за утврдување правен статус на бесправно изградени објекти, 79 не биле доставени до надлежното министерство за добивање согласност, а за некои од нив не бил извршен ни увид на самото место.
Ревизорите утврдуваат дека за објект на земјоделско земјиште со катастарска култура „нива“, за кое барање било поднесено уште во 2017 година, не е спроведен увид, ниту е побарана согласност од надлежното министерство. Иако објектот извршувал угостителска дејност, контролата на МВР и ДЗС во април 2025 година резултирала со решение за забрана за користење.
Дополнително, во 2024 година одобренија за поставување урбана опрема биле издадени само за три објекти, а другите угостителски објекти користеле јавна површина без одобрение и без уплатена комунална такса. Општината нема донесено годишна програма за поставување привремени објекти, ниту издадени одобренија за нивно поставување.
Ревизијата нотира и дека Општината не остварува приходи по основ на комунални такси за користење музика во јавни локали, реклами и огласи, а нема ни програма за туристичка пропаганда. Нема воспоставен зелен катастар, нема стратегија и годишна програма за зеленило, ниту приходи по основ на надомест за одржување градско зеленило.
Во однос на работењето на објектот „Детско одморалиште во Стар Дојран“, ревизијата утврдува дека Општината извршувала услуги за сместување, без согласност од надлежните институции, дека сметките се издавале без спецификација од фискална каса, а сместувачките капацитети биле застарени и руинирани.
Изградената детска градинка „Рахилка Гонева“ во село Ерџелија, вредна 437.154 евра, не е пуштена во употреба бидејќи не се обезбедени средства за пристапен пат од 793.821 евро и не е инсталирана потребната опрема за третман на вода за пиење.
Општината исто така има ненаплатени побарувања од 1.070.520 евра, резултат на непреземени мерки за наплата и неутврдена старосна структура на побарувањата. Побарувањата за одржување јавна чистота меѓу општината и ЈКП „Комуналец“ не се усогласени за 8.650.000 денари, а комуналното претпријатие нема уплатено 27.419.000 денари во буџетот на Општината.
Ревизорите нотираат дека некои од даночните обврзници со нов или дополнителен имот не се задолжени со данок на имот, а последното ажурирање на регистарот е направено во 2021 година.
Дополнително, утврдени се слабости во евидентирањето на имотот, неевидентирано земјиште, несоодветно книжење на инвестициите по нивното завршување, непостоење материјална евиденција при прием и издавање материјали, како и слабости во спроведувањето на пописот на средствата и обврските.
Државниот завод за ревизија даде препораки за надминување на утврдените состојби и преземање мерки од страна на надлежните институции и одговорните лица.
Македонија
Јавните средства под јавен надзор, ниеден проект не е веќе некаде таму скриен – Мицкоски ја промовира новата платформа
Премиерот, Христијан Мицкоски, денес ја промовираше новата Платформа за следење на проектите финансирани од Владата, оценувајќи дека алатката претставува чекор напред во политичката култура, модерното управување и транспарентноста.
Мицкоски истакна дека платформата овозможува секој граѓанин, општина, новинар и претставник на граѓанскиот сектор во реално време да го следи текот на проектите што ги финансира Владата. Според него, со ова се воспоставува нова рамка на доверба во која јавноста има директен увид во потрошувачката на јавните средства.
Тој нагласи дека транспарентноста е суштинско демократско правило и одговор на дезинформациите, оценувајќи дека платформата е политичка порака дека Владата работи чесно и во интерес на граѓаните. Мицкоски посочи дека медиумите добиваат моќен алат за следење на секоја фаза од реализацијата на проектите.
„Ниту еден проект веќе не е некаде таму, скриен во институционални лавиринти. Сега е јавен, видлив и проверлив“, рече премиерот
Премиерот ги презентираше и резултатите од јавните повици за финансирање. Преку првиот повик се опфатени 288 проекти во вредност од речиси 4,6 милијарди денари. Според Мицкоски, сите проекти се започнати, за сите се склучени договори, 193 се завршени, 26 се во целосно завршна фаза, 89 активно се реализираат, а за уште шест проекти тендерската постапка е завршена.
Тој истакна дека проектите опфаќаат инфраструктура, животна средина, спорт, култура и образование, нагласувајќи дека тоа значи подобри услуги и подобар квалитет на живот.
Премиерот се осврна и на вториот јавен повик финансиран преку унгарскиот кредит, во кој се опфатени 828 проекти со вредност од 13,8 милијарди денари. Според него, над 50 од нив се завршени или во завршна фаза, а за повеќе од 500 се потпишани договори.
Мицкоски рече дека Владата работи транспарентно и современо, дека јавните средства се под јавен надзор и дека платформата воспоставува нова култура на владеење во која секоја информација е достапна и секое ветување е проверливо. Тој порача дека ова е следната фаза на институционална зрелост, каде резултатите се одговор на јавните очекувања.
Македонија
(Видео) Мајка на загинато дете од „Пулс“: 63 сенки ќе ги следат обвинетите засекогаш, контрадикторно е што никој не се изјасни за виновен
Пред судот денес зборуваше Јулија Златкова, мајка на загинатиот Томас Златков, која реагира на однесувањето на обвинетите на минатото рочиште.
„Шеесет и три убиени деца. 63 уништени иднини на децата и нивните семејства. Контрадикторно беше што на минатото рочиште никој од обвинетите не се изјасни за виновен. Зарем треба ние родителите да ги потсетиме зошто се наоѓаат во судницата“, изјави Златкова.
Таа додаде дека ниеден од обвинетите не покажал каење: „Никој од нив немаше ни грам совест и човечност да ја признае својата вина. Ниту монструмот ниту син му не покажа човечност“.
Златкова порача дека родителите очекуваат правда за сите загинати деца: „63 не е бројка, ниту статистика. Тоа се млади убиени деца и 63 сенки ќе ги следат засекогаш“, рече.
Изрази надеж дека семејствата ќе ја добијат правдата оти, како што рече, овие деца заслужуваат правда.
Судењето за пожарот во дискотеката „Пулс“ продолжи денес со воведните зборови на одбраната.
Адвокатката на првообвинетиот Дејан Јованов двапати повтори дека тој не е монструм, туку човек, рече дека вината за пожарот е кај групата ДНК, кои без да пријават донеле и употребиле пиротехника и најави дека ќе докаже дека Јованов нема вина за непреземени безбеднсни мерки во дискотеката, не бил свесен за нив оти ниедна од институциите не му забележала и не му предочила дека има непреземени мерки.
Адвокатката на Јованов посочи и дека единствено нешто за кое може тој да одговара е небрежност, но не и умисла.
Таа го застапува и син му Михаил за кога рече дека нема никаква вина.

