Топ
Исчезнатиот Пино бил убиен и закопан во дупка во селото Љуботен
Исчезнатото момче Пинета Секондо било убиено и закопано во дупка во селото Љуботен. Неколку месеци откога мајка му алармира дека исчезнал син ѝ, полицијата информира дека е расветлен случајот. Според досегашните сознанија од истрагата, 26-годишното момче било застрелано со пушка во главата во атарот на Арачиново. Неговото тело потоа било однесено во селото Љуботен, каде што било закопано во дупка и покриено со ќебе. Скелетот го пронашол граѓанин, кој веднаш пријавил во полиција. Поднесени се две кривични пријави, а од Обвинителството информираат дека е поведена истрага против едно лице за убиството на младиот Секондо.
Како што информира МВР, Единицата за насилен криминал при СВР Скопје до надлежното Основно јавно обвинителство во Скопје поднесе кривична пријава против Ф. А. (27) и А. Ѓ. (22) од Скопје за убиство на Пинета Секондо, кој на 11.12.2018 година од страна на мајка му бил пријавен за исчезнат во полиција.
„На 29.4.2019 година, во Единицата за известување и команда при СВР Скопје, од страна на граѓанин пријавено е дека на местото наречено Башинец, во атарот на селото Љуботен, пронајден е човечки скелет покриен со камења. По преземени оперативно-тактички мерки, дојдено е до сознание дека извршители се горенаведените лица по што добиена е наредба за претрес во домот и други простории од Основно јавно обвинителство Скопје и извршен е претрес во домовите на пријавените, како и на уште две лица, роднини на првопријавениот. Во домот на првопријавениот пронајдени се СИМ-картички, лични документи, мобилен телефон, УСБ, мемориска картичка, една фантомка и возило ‘опел аскона’. По Ф. А. распишан е централен распис. На 30.5.2019 година второпријавената А. Ѓ. е лишена од слобода во просториите на СВР Скопје“, соопшти полицијата.

Од Обвинителството, пак, информираат дека надлежен обвинител донел наредба за спроведување истражна постапка против едно лице за убиство од член 123, став 1 од Кривичниот законик.
„Осомничениот, 27-годишен жител на Скопје, делото го сторил на 11 декември 2018 година, околу 2 часот, кога претходно се сретнал со сега починатиот. Тие заедно со патничко моторно возило ‘опел аскона’ пристигнале во атарот на селото Арачиново во Скопје. Осомничениот извадил огнено оружје – пушка и го застрелал оштетениот во пределот на главата. Од нанесените повреди веднаш починал оштетениот П. С., 26-годишен жител на Скопје, кој непосредно по кривичниот настан беше пријавен од семејството и се бараше како исчезнато лице. По стореното дело, во обид да се скријат трагите, телото на починатиот било пренесено во селото Љуботен, каде што е оставено во дупка и покриено со ќебе. Осомничениот се дал во бегство и во моментот е недостапен за органите на прогонот. Ценејќи дека се исполнети законските основи, надлежниот јавен обвинител до Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување на мерката притвор против осомничениот“, се вели во соопштението.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Тошковски: Обезбедена е видеоснимка на која се гледа како сопругот ја удира жртвата
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски соопшти дека во рамки на истрагата за трагедијата во Карпош е обезбеден видеозапис на кој, како што рече, јасно се гледа како сопругот ја удира жртвата.
Како што појасни министерот, жртвата претходно повикала полиција, а патролата пристигнала за помалку од десет минути. Во изјавата што ја дала, таа потоа навела дека нема што да пријави и дека немало физички напад. Дополнително ќе се утврдува дали оваа изјава била дадена под присила. Сторителот, според Тошковски, не бил присутен на местото на настанот во моментот кога полицијата ги прибирала изјавите.
Сепак, тој нагласи дека тоа не се единствените докази со кои располага МВР.
„До МВР е обезбеден видео запис каде јасно се гледа како сопругот ја удира жртвата. Не можам да кажам кога е точно, но сигурно е истиот ден“, рече министерот.
Според информациите што ги изнесе министерот Панче Тошковски, на 2 март околу 14 часот бил пријавен падот од зграда, а претходно полицијата разговарала со жртвата која рекла дека не бара интервенција. Потоа жената се упатила кон станот на улицата Теодосиј Гологанов во скопски Карпош кадешто се случила трагедијата. Со ќерката биле сами и заклучени одвнатре пред трагичниот настан.
Министерот соопшти дека сопругот е приведен. Осомничен е за Наведување на самоубиство, нанесување на тешки телесни повреди и за загрозување на сигурноста. Тошковски потсети и дека во изминатите години против истото лице биле поднесени 10 кривични пријави за насилен криминал, имотни деликти и трговија со дрога. Тошковски истакна и дека голем дел од предметите за семејно насилство се затвораат поради повлекување на жртвите, најавувајќи поинтензивен пристап на МВР во вакви случаи.
Македонија
Се разработуваат планови за враќање на македонските државјани од Израел преку Египет, се работи на безбедна евакуација од погодените подрачја, соопшти МНР
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информира дека интензивно работи на обезбедување услови за соодветна и безбедна евакуација на македонските државјани од погодените подрачја, вклучително и од Обединетите Арапски Емирати.
Во моментов се разработуваат планови за враќање на македонските државјани од Израел преку Египет, со користење комерцијални летови и, по потреба, владиниот авион. За Обединетите Арапски Емирати и Катар се разгледува можноста за ангажирање комерцијален или чартер-лет, во зависност од безбедносните и логистичките услови.
Во изминатиот период, преку дипломатско-конзуларните претставништва беше асистирано при безбедното извлекување на едно лице од Иран – фудбалер, кој преку Турција се врати во Република Северна Македонија. Дополнително, шест македонски државјани од Израел веќе имаат обезбедено авионски билети од Египет кон Скопје, при што Министерството активно асистираше во нивната координација и заминување.
Безбедноста на македонските државјани останува највисок приоритет. Министерството, во директна комуникација со пријателски земји и партнери, како и преку дипломатско-конзуларните претставништва, ги презема сите неопходни активности за нивно безбедно и навремено враќање во државата.
Македонија
По пад од балкон загина 10-годишно момче во Тетово: родителите дознале од соседите
Денеска (03.03.2026) во 09:25 часот во СВР Тетово било пријавено дека во Клиничка болница Тетово било донесено починато 10-годишно момче од Тетово, информираат за „Макфакс“ од МВР.
Според пријавеното, детето кое било со здравствени проблеми паднало од тераса од станот во кој живеело во Тетово, а родителите за настанот биле известени од сосед, по што го однеле во болница.
Лекар констатирал смрт, а по наредба на јавен обвинител, телото на починатиот било дадено на обдукција.

