Топ
Кај Дебар запленета дрога вредна 70.000 евра
Полициските сектори за недозволена трговија со дрога, оружје и опасни материи од Гостивар и Дебар во текот на вчерашниот ден спровеле координирана акција, при што приведени се четири лица и запленети се 20-ина килограми марихуана во вредност од речеси 70.000 евра, како и три возила.
Како што информираат од МВР, припадници на дебарската полиција, вчера, кај Бошков мост, се обиделе да сопрат автомобил „голф“ со скопска регистрација поради сомнение дека во возилото има дрога, но возачот не застанал и се дал во бегство, а по преземените мерки, во близина на Скудринскиот мост, пронајдено било возилото, при што приведен бил А. И. (32) од село Никуштак. Во возилото пронајдени биле две големи торби со 20 пакувања марихуана.

Во координација со јавен обвинител, на магистралниот пат Дебар – Гостивар сопрен бил автомобил „рено лагуна“ со германски регистерски ознаки, кој имал улога на чистач при транспортот, при што уапсени биле возачот Б .Џ. (45) од Арачиново и Б. А. (34) од Арачиново, кој се барал и со потерница за претходно сторено кривично дело.
Денеска, пак, во врска со овој случај во Дебар е лишен од слобода и У. Н. (28) од селото Бањишта.
Извршени биле и претреси и притоа се пронајдени поголема сума пари, мобилни телефони и СИМ-картички, а одземени се и три возила.

Надлежен обвинител наредил истрага против четворицата осомничени за сторено кривично дело неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги.
Ценејќи дека се исполнети условите за определување притвор, во текот на денот обвинителот до судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд во Скопје ќе поднесе предлог за притвор против сите лица.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Притвор од 48 часа за сопругот по смртта на неговите жена и ќерка во Карпош
Судот му определи 48 часовен притвор на сопругот од Карпош чија жена и ќерка починаа по пад од зграда.
„Основното јавно обвинителство Скопје до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје поднесе предлог за определување мерка краткотраен притвор од 48 часа против едно лице за кое постојат сомненија за сторени кривични дела – Телесна повреда од член 130 став 2 во врска со став 1, Загрозување на сигурноста од член 144 став 3 во врска со став 2 и став 1 и Наведување на самоубиство и помагање во самоубиство од член 128 став 4 од Кривичниот законик“, соопштија од Обвинителството.
Од таму појаснуваат дека притворската мерка е неопходна со цел преземање на сите истражни дејствија со цел обезбедување докази во однос на сомненијата и додаваат дека по предлог на јавниот обвинител, судот определи притвор.
Македонија
МНР ги повика македонските државјани заглавени во ОАЕ да се јават во амбасадата во Абу Даби
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информира дека, имајќи ја предвид актуелната безбедносна состојба, Амбасадата на Република Северна Македонија во Абу Даби, во координација со локалните власти во Обединетите Арапски Емирати, активно работи на финализирање на деталите околу организацијата на комерцијален лет за евакуација на македонските државјани.
Се повикуваат сите граѓани кои се заинтересирани за евакуација, а сè уште не се пријавиле, во најкраток рок да стапат во контакт со Амбасадата во Абу Даби преку следните контакти:
Телефон: +971 56 441 7532
Е-маил: [email protected]
„Безбедноста на македонските државјани останува највисок приоритет. Пријавените лица навремено ќе бидат информирани за понатамошните чекори и условите за безбедна реализација на евакуацијата“, велат од Министерството.
фото/Depositphotos
Македонија
(Видео) Тошковски: Обезбедена е видеоснимка на која се гледа како сопругот ја удира жртвата
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски соопшти дека во рамки на истрагата за трагедијата во Карпош е обезбеден видеозапис на кој, како што рече, јасно се гледа како сопругот ја удира жртвата.
Како што појасни министерот, жртвата претходно повикала полиција, а патролата пристигнала за помалку од десет минути. Во изјавата што ја дала, таа потоа навела дека нема што да пријави и дека немало физички напад. Дополнително ќе се утврдува дали оваа изјава била дадена под присила. Сторителот, според Тошковски, не бил присутен на местото на настанот во моментот кога полицијата ги прибирала изјавите.
Сепак, тој нагласи дека тоа не се единствените докази со кои располага МВР.
„До МВР е обезбеден видео запис каде јасно се гледа како сопругот ја удира жртвата. Не можам да кажам кога е точно, но сигурно е истиот ден“, рече министерот.
Според информациите што ги изнесе министерот Панче Тошковски, на 2 март околу 14 часот бил пријавен падот од зграда, а претходно полицијата разговарала со жртвата која рекла дека не бара интервенција. Потоа жената се упатила кон станот на улицата Теодосиј Гологанов во скопски Карпош кадешто се случила трагедијата. Со ќерката биле сами и заклучени одвнатре пред трагичниот настан.
Министерот соопшти дека сопругот е приведен. Осомничен е за Наведување на самоубиство, нанесување на тешки телесни повреди и за загрозување на сигурноста. Тошковски потсети и дека во изминатите години против истото лице биле поднесени 10 кривични пријави за насилен криминал, имотни деликти и трговија со дрога. Тошковски истакна и дека голем дел од предметите за семејно насилство се затвораат поради повлекување на жртвите, најавувајќи поинтензивен пристап на МВР во вакви случаи.

