Топ
Кривична пријава за инспекторот што испука куршум додека си го чистел пиштолот
Одделот за внатрешна контрола поднесе кривична пријава против инспекторот во СВР Тетово, кој испука куршум во канцеларијата додека си го чистел пиштолот, соопшти МВР.
Против Ш. С. е поднесена пријава поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело предизвикување општа опасност.
Пријавениот, на 2 јуни, во просториите на СВР Тетово, поради невнимателно ракување со службениот пиштол, испукал еден куршум во својата канцеларија, при што никој не бил повреден.
Од страна на Одделот за внатрешна контрола поднесена е и иницијатива за поведување постапка за утврдување дисциплинска одговорност на полицаецот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Засега нема услови за евакуација на македонските државјани од ОАЕ и Катар, се разгледуваат алтернативи за државјаните во Израел
Повеќе од 400 македонски државјани се обратиле до дипломатско-конзуларните претставништва со барање за информации околу можноста за евакуација, додека околу 30 од нив изразиле подготвеност да заминат при првата можна прилика, соопшти Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, по ескалациите на Блискиот Исток.
Од Министерството информираат дека со сите пријавени лица се одржува редовна и континуирана комуникација, а во тек се подготвителни активности за евентуална асистенција и нивна безбедна евакуација, зависно од развојот на состојбата на терен.
Дипломатско-конзуларните претставништва, како што се наведува, ги преземаат сите неопходни мерки за подготовка и безбедна реализација на евакуацијата на граѓаните кои изразиле подготвеност за тоа. Министерството е во постојана комуникација со пријателски земји и меѓународни партнери со цел координирано спроведување на постапката.
Во однос на Обединетите Арапски Емирати и Државата Катар, во моментов не постојат безбедни услови за евакуација. За македонските државјани кои се наоѓаат во Израел, веќе активно се разгледуваат и координираат потенцијални алтернативи за нивно безбедно извлекување.
Министерството останува целосно на располагање на граѓаните преку дежурниот телефон и дипломатско-конзуларните претставништва, и ги повикува сите македонски државјани во регионот доследно да ги почитуваат упатствата на локалните безбедносни органи.
За дополнителни информации и помош, на располагање се:
СОС дежурен телефон (МНРНТ):
075/273-732
Амбасада на Република Северна Македонија во Доха
Тел: +974 50 173 111
Амбасада на Република Северна Македонија во Абу Даби
Тел: +971 56 441 7532
Амбасада на Република Северна Македонија во Тел Авив
Тел: +972 54 500 8566
Тел: +972 54 967 0546
Македонија
По речиси една година од пожарот во „Пулс“, семејствата ќе ги добијат личните предмети на настраданите – телефони, обувки, накит
Одделението за внатрешни работи Кочани информира дека, во врска со трагичниот настан – пожарот во клубот „Пулс“ на 16 март, од денеска, 2 март 2026 година, почнува постапката за враќање на личните предмети пронајдени на местото на настанот.
Се известуваат сите повредени лица, блиски членови на семејствата на починатите, како и други лица кои биле присутни за време на настанот, дека во периодот од 2 до 6 март 2026 година, во времето од 09:00 до 18:00 часот, можат да се обратат во просториите на Одделението за внатрешни работи Кочани, на ул. „Тодосија Паунов“ бр. 12.
Целта на посетата е идентификација и враќање на личните предмети кои биле пронајдени при увидот и им припаѓаат на повредените и на починатите лица. Меѓу предметите што ќе се враќаат се: мобилни телефони, паричници, накит, часовници, ташни, облека и обувки.
Враќањето ќе се врши по претходна идентификација од страна на сопствениците или од блиски членови на семејствата на починатите, нагласуваат од ОВР Кочани.
Фото: ЕПА
Македонија
Левица поднесе кривична пријава против поранешната антикорупционерка Цвета Ристовска
Левица поднесе кривична пријава против поранешната членка на Антикорупциска комисија Цвета Ристовка поради сторено кривично дело Противправно стекнување и прикривање на имот, соопштија од партијата.
„Имено, Цвета Ристовска, спротивно на обврските од Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси за пријавување на целосна и вистинита имотна состојба, која вклучува личен и имот на членовите на семејството – иако била должна, не пријавила две компании во сопственост на членови на нејзиното семејство. Јасно е дека се работи за свесно и намерно прикривање на имот, ако се има предвид фактот дека компаниите кои не ги пријавила Ристовска добиле 2 милиони денари од касата на ДПМНЕ, очигледно како награда за непостапувањето на Ристовска против нивните функционери“, велат од Левица.
Според партијата, оваа теза дополнително ја потврдува фактот што поранешната антикорупционерка го пријавила останатиот имот на своите деца во анкетниот лист, но, како што велат од Левица, свесно и намерно, ја изоставила фирмата која постои уште од 2020 година.
„Цвета Ристовска стана симбол на корупција во институцијата која треба да се бори против високата корупција. Таа беше директна инсталација на владејачката партија, која амнестираше два високи функционери од партијата на власт – Бојан Христовски и Ивица Томовски. Само оставка од позицијата антикорупционер не е доволна. За свесното прикривање имот одговорност за Цвета Ристовска мора да има. Ревизија на сите предмети кои ги работела компромитираната антикорупционерка мора да има за да се стави крај на штитењето на корупцијата на највисоките ешалони на власта“, велат од Левица.

