Црна хроника
Кривична пријава за шверцување пиротехника – запленети и цигари и фалсификувана стока
Кривична пријава е поднесена за македонски државјанин кој се обидел да криумчари пиротехнички средства за огномети – експлозивна материја чија употреба подлежи на дозволи и е строго регулирана.
Случајот е откриен на влез во државата на граничен премин Табановце при извршен претрес на возило со германски регистарски таблички коешто го управувало лицето. При преглед на стоката сместена во багажниот простор, во црна голема торба на дното, помеѓу алишта, е пронајдена непријавена кутија со пиротехнички материјал, во која се наоѓаат три системи со 195 патрони за огномет со вкупна маса од 450 грама експлозив.
Случајот е предаден на Одделението за истраги при Секторот за контрола и истраги, од каде што е поднесена кривична пријава до надлежното Основно јавно обвинителство против сторителот, за сторено кривично дело – неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи.
Царински службеници и инспектори од Службата за мобилни скенери, спречија низа обиди за шверц на граничниот премин Табановце. При акциите запленети се значителна количина облека, долна облека, патики, автоделови, материјал за текстилна индустрија, како и клима уреди.
Мобилни царински тимови спречија обиди за нелегален изнес на девизи и стока со ознаки на заштитени трговски марки.
Запленети се 10 илјади евра, како и 325 детски комплети, ѕидни часовници, 6 огледала и 16 маси:
– На граничен премин Табановце, при личен претрес на македонски државјанин кој патувал со автобус откриени се 12 илјади евра. Лицето се обидело нелегално да ги изнесе девизите, при што му се вратени две илјади евра, а преостанатите 10 илјади евра се привремено задржани, согласно законските прописи.
– 325 детски комплети со ознаки на заштитени трговски марки, се запленети поради сомневање за сторено дело повреда на права од интелектуална сопственост. Случајот е откриен при контрола на товарно возило натоварено со стока од Турција наменета за фирма од Косово, пријавено за излез од државата на граничниот премин Блаце.
– При контрола на камион со контејнер натоварен со стока од Кина, на влез во државата на граничниот премин Богородица, откриени се 25 ѕидни часовници, 6 огледала и 16 маси со ознаки на заштитени трговски марки. Производите се запленети поради сомневање дека повредуваат права од интелектуална сопственост.
Царински службеници на граничниот премин Богородица запленија 36 штеки цигари, откриени при контрола на автобус што сообраќал на релација Истанбул – Скопје. Стоката била скриена фабричка празнина под подот, пред задните седишта на автобус со турски регистарски ознаки, управуван од државјанин на Турција.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Црна хроника
60-годишна жена натепана на автобуска постојка
Вчера во 20:10 часот во СВР Скопје, З.А.(60) од Скопје пријави дека на 12.02.2026 во 06:50 часот на автобуска постојка на подрачјето на Центар во Скопје, едно женско лице физички ја нападнало.
Се преземаат мерки за расчистување на случајот.
Црна хроника
Со возило се обидел да удри работници
Во СВР Скопје на 14 февруари 2026 година во 20:00 часот било пријавено дека неколку часа претходно се случил сериозен инцидент на градилиште на подрачјето на Кисела Вода.
Според пријавата од Н.К. од Скопје, околу 14:15 часот, И.Д. од Скопје најпрво им се заканувал на двајца вработени кои работеле на објект во изградба. По вербалните закани, тој го стартувал патничкото возило „форд“ и се обидел да ги удри, но во тоа не успеал.
Потоа, со возилото удрил во автомобил „сеат леон“ со скопски регистарски ознаки, кој бил паркиран пред објектот. Од силината на ударот, „сеатот“ се придвижил и удрил во друго паркирано возило „фолксваген поло“.
Од Министерството за внатрешни работи информираат дека се преземаат мерки за целосно расчистување и документирање на случајот.
Црна хроника
Кривична пријава против сопственик и фирма од Делчево поради пожар со 30 гости во објектот
МВР поднесе кривична пријава против правно лице од Делчево и неговиот сопственик Н.Д. (35), поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „предизвикување општа опасност“, односно поради пожар, кој избувнал на 1 јануари 2026 година, во момент кога во неговиот објект биле сместени околу 30 гости и довел до сериозна опасност за нивниот живот и здравје, информира полицијата.
Според полицијата, неправилностите во изградбата и непочитувањето на безбедносните стандарди директно придонеле за ризикот од поголеми последици.
-Пријавените не ги почитувале законските одредби за изградба на објект, предвидени во член 68 и член 70 од Законот за заштита и спасување, односно не обезбедиле проект за објектот, одобрение за градење од надлежниот државен орган и согласност на елаборатот за заштита од пожари и експлозивни материи и извршувале дејност без соодветна документација и без да биде евидентиран објектот во Агенцијата за катастар на недвижности, се наведува во соопштението.

