Црна хроника
Кривична пријава за три лица од Крива Паланка за несовесно работење во службата и узурпација на недвижности
Одделението за внатрешни работи Крива Паланка, до Основното јавно обвинителство Крива Паланка, поднесе кривична пријава против М.К.(41), Н.Ц.(54) и С.М.(38), тројцата од Крива Паланка, поради постоење основи на сомнение дека сториле кривично дело „несовесно работење во службата“ по член 353-в став 4 од Кривичниот законик.
Н.Ц. – вработен во општина Крива Паланка на работно место самостоен референт за документациони работи и урбана опрема во Одделение за урбанизам, сообраќај и заштита на животна средина, на 19.12.2024, постапувајќи по барање за одобрение за поставување на урбана опрема поднесено од правно лице – угостителски објект, без да утврди дека не се исполнети условите, изготвил одобрение за поставување на урбана опрема пред деловен простор на улица „Јане Сандански“ во Крива Паланка за периодот од 09.12.2024 до 09.12.2025. М.К. – вработена во општина Крива Паланка како раководител на Сектор за урбанизам, сообраќај, заштита на животната средина и комунална инфраструктура и С.М. – градоначалник на Општина Крива Паланка, го потпишале така изготвеното одобрение и на тој начин му овозможиле на барателот да постави урбана опрема и да се стекне со противправна имотна корист.
Одделението за внатрешни работи Крива Паланка поднесе кривична пријава и против правното лице – угостителски објект и М.М.(36), сопственик и управител на правното лице, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „узурпација на недвижности“ по член 225 од Кривичниот законик.
М.М., во текот на 2024 година, како и во претходните години, поставил урбана опрема, маси, столови и други украси пред деловен простор на улица „Јане Сандански“ во Крива Паланка, со што заземал вкупно 108.70м² земјиште во државна сопственост, кој пак е прогласен за имот во општа употреба. М.М., исто така, беа одобрение на узурпираниот дел поставил и настрешница со површина од 82.00 м².
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Црна хроника
Битолчанец се сомничи за напад врз неговата 79-годишна баба, со тешки повреди пренесена во болница
Полицијата вчера го приведе Т.Р. (28) од Битола, во казино лоцирано на улицата „Партизанска“, поради сомнение дека физички ја нападнал својата 79-годишна баба во семејниот дом.
Според информациите од полицијата, при нападот на жената ѝ биле нанесени тешки телесни повреди. Таа со возило на Итната медицинска помош била пренесена во Клиничката болница во Битола, каде што ѝ била укажана лекарска помош.
Во координација со надлежен јавен обвинител, против Т.Р. ќе биде поднесена кривична пријава.
Црна хроника
Скопјанец со автомобилот удрил во млад човек пред локал, приведен е во Карпош
На 17 јануари 2026 година, околу 14:40 часот, полициски службеници од СВР Скопје го привеле Н.С. на подрачјето на општина Карпош, поради насилен инцидент што се случил ден претходно.
Според пријавата, на 16 јануари, пред угостителски објект, осомничениот со своето возило прво го оштетил автомобилот на 23-годишниот Г.Ѓ. од Скопје, а потоа со истото возило го удрил и него. По инцидентот, полицијата започнала постапка, а ден подоцна го лишила од слобода Н.С.
Од МВР информираат дека по целосно документирање на случајот ќе биде поднесен соодветен поднесок.
Црна хроника
Трактор со дрва паднал во река, загина 58-годишен струмичанец
Вчера околу 10:45 часот, во Полициската станица Струмица било пријавено дека трактор со приколка натоварена со дрва паднал во речното корито на реката Тркање, на местото викано „Белик“, во атарот на селото Градско Балдовци.
Тракторот го управувал 58-годишниот Д.Н. од Струмица, кој починал на самото место. Смртта ја констатирал лекар од Медицинскиот центар Струмица.
Увид на местото на несреќата извршиле јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Струмица и екипа од СВР Струмица.
Фото: depositphotos (илустрација)

