Топ
Кривична против градоначалникот на Крива Паланка и двајца вработени во Општината: ја злоупотребиле службената положба
СВР Куманово поднесе кривична пријава против К.П.(59), М.К.(41) и С.М.(38), сите од Крива Паланка, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“.
Првопријавениот К.П., вработен во општина Крива Паланка, спротивно на Законот за градење и спротивно на своите работни задачи и обврски, изготвил решение за промена на инвеститор, иако рокот на одобрението за градење, кое го поседувал инвеститорот, бил изминат.
Второпријавената М.К.-раководител на Одделение за урбанизам, сообраќај и заштита на животната средина при општина Крива Паланка, спротивно на своите работни задачи и обврски, не извршила должен надзор и контрола на решението за промена на инвеститор и со потпишување го одобрила како важечко, со што му овозможила на Г.С. од Крива Паланка да ја продолжи претходно започнатата градба на куќа со деловен простор без да поседува важечко одобрение за градење.
Третопријавениот, како градоначалник на општина Крива Паланка, не извршил должен надзор и контрола на издаденото решение за промена на инвеститор и со потпис или факсимил и печат на општината го одобрил како важечко.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Обвинителството побара притвор за директорот и за управителот на „Комунална хигиена“
Скопското обвинителство побара притвор за в.д. директорот на ЈП „Комунална хигиена“ – Скопје, Сабахудин Рустеми, и за еден управител за отпад во претпријатието во рамките на истрагата што се води против нив за кривично дело загрозување на животната средина и природата со отпад.
„Осомничените, од кои едниот в.д. директор, а другиот управител за отпад во ЈП ‘Комунална хигиена’ – Скопје, заедно постапиле спротивно на Законот за управување со отпадот и на својата основна дејност за редовно собирање и транспортирање безопасен отпад на подрачјето на град Скопје, како и на обврските предвидени во оперативната програма за собирање и транспортирање на комуналниот отпад и на оперативниот план за одржување на јавната чистота во градот. Со пропуштање на целосниот надзор над собирањето и транспортирањето комунален отпад, како и со непрописното управување со отпадот, тие овозможиле во текот на месецот да се создадат мали депонии на јавни и сообраќајни површини во близина на предвидените садови за собирање комунален отпад со што предизвикале значително оштетување на квалитетот на почвата, воздухот и водата и ги довеле во опасност животот и здравјето на луѓето од предизвикување заразни или други болести“, велат од Обвинителството.
Од таму додаваат дека ваквите сомненија се утврдени и констатирани со вонредните инспекциски надзори од овластените локални инспектори за животна средина кои излегоа на терен по насоки на јавното обвинителство, како и со експертско мислење за влијанието на отпадот врз јавното здравје и можноста за ширење заразни заболувања од ЈЗУ Институт за јавно здравје.
„Поради опасност од влијание врз сведоци и можност за повторување на делото, јавниот обвинител до Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор за двајцата осомничени“, соопшти Обвинителството.
Македонија
Голем е интересот за вакцинацијата против сезонскиот грип, од Здравство велат пријавени се повеќе од 70.000 граѓани
Министерството за здравство информира дека интересот за вакцинација против сезонскиот грип континуирано расте. Досега се пријавени над 70 илјади граѓани, а вакцинирани се повеќе од 22 илјади лица во државата.
Вакцинацијата се спроведува на 35 вакцинални пункта, од кои 5 се во Скопје. Сите заинтересирани граѓани може да се пријават преку апликацијата vakcinacija.mk или преку својот матичен лекар.
Со бесплатната вакцинација се опфатени ризичните категории население, меѓу кои: лица над 65 години, лица со хронични заболувања, здравствени работници, бремени жени, деца од 6 месеци до 5 години, лица сместени во установи за социјална заштита на стари лица и вработените во овие установи.
Во организација на Министерството превентивни тимови од здравствени установи во државата продолжуваат со теренска вакцинација и во домашни услови за повозрасни и неподвижни лица, како и за лица со попреченост.
Македонија
Мицкоски: Енергетиката е поставена високо на државната агенда – не како техничко прашање, туку како национален приоритет
Енергетиката е поставена високо на државната агенда, не како техничко прашање, туку како национален приоритети државна стратегија, рече премиерот, Христијан Мицкоски, на отворање на 14-ти Меѓународен форум за енергетика и одржлив развој што од денеска до 30 октомври се одржува во Скопје.
„Фактот што денес овде во Скопје се води оваа глобална дискусија, покажува дека регионалната енергетска иднина може – и треба – да се гради токму тука во нашата земја. Ова е нашата прилика да покажеме дека земја со мала површина може да има големо влијание – кога има јасна визија, решителност и лидерство. Сакам да ја истакнам улогата и визионерството на министерката за енергетика која е решена да ги придвижи работите за кратко време, да ги забрза процесите и да не дозволи Македонија да заостанува во трката со времето. Како човек кој самиот доаѓа од енергетскиот сектор, добро знам колку е важно тоа чувство на постојано движење, на промена и на одговорност. Затоа енергетиката е поставена високо на државната агенда – не како техничко прашање, туку како национален приоритет и државна стратегија“, рече Мицкоски.
Според Мицкоски, енергетската стабилност не е веќе само економско, туку и безбедносно прашање. Тој вели дека глобалните турбуленции нè потсетуваат дека енергетската независност е услов за економска слобода.
„А без слобода — нема развој, нема стабилност, нема ниту достоинство. Нашата Влада стои цврсто зад реформите што ги спроведува Министерството за енергетика, но уште поважно – ја гради врската меѓу политиката и визијата. Нашата визија е јасна: да ја подготвиме за иднината државата – за климатските предизвици, за технолошките промени и за глобалните ризици“, рече Мицкоски.
Премиерот рече дека од Скопје денес испраќаме порака дека одржливата енергија не е политички избор, туку морална обврска кон идните генерации.

