Топ
Кривична против полициски службеник од СВР Тетово: Ја заменил урината за да спаси син на колега кој бил уапсен за дрога
Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при Министерството за внатрешни работи до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција – Специјализирано одделение за гонење на кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворската полиција поднесе кривична пријава против Ф.Н., полициски службеник во Одделението за криминалистичка полиција при СВР Тетово, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело ,,попречување на правдата“, предвидено и казниво по член 368-а став 8 од Кривичниот законик.
Пријавениот, како дежурен криминалистички техничар за криминалистичка регистрација на 04.10.2025, преземајќи службени дејствија во настан во кој две лица биле лишени од слобода поради постоење основи на сомневање за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори“ по член 215 од КЗ, му овозможил на полицискиот службеник О.С., кој на наведениот датум не бил работно ангажиран, а е родител на едно од лицата лишени од слобода И.С., да има целосен увид во службената документација, да располага со неа, да ја пренесува од една во друга просторија, да ги придружува лицата лишени од слобода во постапката за прибирање на биолошки траги и да земе примероци од урина од истите. По извршено вештачење на примероците од урината е потврдено дека примерокот од урина од И.С. всушност било урина дадена од неговиот татко, полицискиот службеник О.С..
Со наведените дејствија пријавениот Ф.Н. имал намера да ги уништи доказите и да го спречи и отежне докажувањето во постапката. Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди против Ф.Н. ќе поднесе предлог за поведување на постапка за утврдување на дисциплинска одговорност и ќе изрече задолжителна мерка отстранување од работното место – суспензија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Најмалку 25 лица загинаа во голем пожар во ноќен клуб во Гоа, Индија
Најмалку 25 лица загинаа, а повеќемина се повредени во тежок пожар што околу полноќ го зафати популарен ноќен клуб во Арпора, во индиската држава Гоа. Според првичните информации на локалната полиција, пожарот бил предизвикан од експлозија на плинска боца во кујната, по што огнот брзо се проширил низ објектот.
Поголемиот дел од загинатите биле вработени во клубот, но властите потврдија дека меѓу жртвите има и тројца до четворица туристи. Идентитетот и националностите сè уште се утврдуваат. Шестмина повредени се хоспитализирани и се во стабилна состојба.
Главниот министер на Гоа, Прамод Савант, изрази длабоко сочувство до семејствата на загинатите и најави официјална истрага. Таа ќе треба да утврди дали клубот ги почитувал противпожарните правила и дали поседувал валиден безбедносен сертификат.
Првичните извештаи укажуваат дека објектот немал задолжително одобрение дека објектот ги исполнува противпожарните стандарди.

Индискиот премиер, Нарендра Моди, на платформата X објави дека неговата канцеларија ќе понуди отштета до 200.000 рупии (1.889 евра) за секое семејство на жртвите и 50.000 рупии за повредените.
Гоа е позната туристичка дестинација на западниот брег на Индија и секоја година привлекува милиони посетители.
Свет
Експерти предупредуваат на радиоактивна прашина по оштетувањето на обвивката на Чернобил
Заштитната обвивка изградена за да спречи ширење на радијација од нуклеарната централа Чернобил мора итно да се поправи откако беше оштетена од руски напад со дрон, соопшти Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ).
МААЕ вели дека оштетувањето е сериозно и дека дел од конструкцијата ги изгубила своите главни безбедносни функции – особено способноста целосно да го задржи зрачењето.
Иако привремени поправки веќе се направени, директорот на МААЕ, Рафаел Гроси, предупредува дека е неопходна навремена и детална реставрација за да се обезбеди долгорочна нуклеарна безбедност на Украина.

Експертите објаснија дека падот на притисокот во заштитната купола не претставува веднаш директна опасност. Но има една многу поголема закана – радиоактивната прашина.
Стариот саркофаг, поставен веднаш по катастрофата во 1986 година, одамна е истрошен, а новата заштитна обвивка е изградена токму за да спречи негово рушење. Меѓутоа, сега, по оштетувањето, стариот саркофаг не може безбедно да се демонтира.
Дмитро Хумењук од Државниот научно-технички центар за нуклеарна и радијациона безбедност на Украина предупредува: „ако делови од старите конструкции се урнат под новата, но оштетена обвивка, ќе се подигне големо количество радиоактивна прашина“.
„Таа прашина може да се рашири во околината и да предизвика ослободување на нова радиоактивност – што би претставувало сериозен ризик и за Украина и за поширокиот регион“, вели тој.

Дополнителни работи на обвивката ќе започнат следната година со поддршка од Европската банка за обнова и развој. Планот е, по завршувањето на војната, да се пристапи кон целосна реставрација на заштитната конструкција.
Заштитниот штит беше поставен во 2019 година над уништениот четврти реактор, но украинските власти уште во април предупредија дека има знаци на губење на функционалноста и дека мора да се поправи за да се спречи можно истекување на радијација.

Чернобилската централа се наоѓа 130 километри северно од Киев и само 15 километри од границата со Белорусија. Во првите денови од руската инвазија, таа беше накратко окупирана, при што руските сили го држеа персоналот како заложник – дополнително влошувајќи ја нуклеарната безбедност.
Денес, руските трупи сè уште ја контролираат нуклеарната централа Запорожје, што предизвикува стравувања од нови инциденти со потенцијално катастрофални последици.
Македонија
Мицкоски: Европската интеграција не смее да се сведе на пасивно прифаќање, Македонија мора да знае да каже ДА кога тоа е во нејзина корист
Во 21 век, историското наследство не може да биде изговор за застој. Напротив, тоа е најсилен мотив државата да биде поефикасна, поорганизирана и повредносно кохерентна. Жртвите и идеалите на претходните генерации ја прават сегашната неефикасност, институционална слабост или корупција уште понедозволиви, рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на своето воведно обраќање на отворениот дел од XVIII конгрес во Кавадарци.
Мицкоски посочи дека македонската државност е создадена низ долг, тежок и историски процес, затоа треба секој ден да се брани преку силни институции и функционална држава.
„Македонската државност е создадена низ долг, тежок и историски скап процес. Затоа мора да се разбере како проект што се брани секој ден преку силни институции, функционална правна држава. Но, исто така, мораме да сфатиме дека ни е потребно стабилно општество и јасна, самоуверена надворешна политика. Македонија е држава изградена врз европските вредности, слобода, демократска традиција и владеење на правото и затоа нејзиното место природно е поврзано со евроатлантското семејство“, рече Мицкоски.
Понатаму, Мицкоски посочи дека европската интеграција на Македонија, не смеат да се сведат на пасивно прифаќање или безусловна зависност.
„Но европската и евроатлантската интеграција не смеат да се сведат на пасивно прифаќање или безусловна зависност. Малата држава може да биде силна држава ако има самодоверба, чувство за сопствена тежина и јасен став за своите интереси. Македонија мора да знае да каже „да“ кога тоа е во нејзина корист, но и да каже „не“ кога се нарушуваат нејзините принципи, достоинство или идентитет“, истакна Мицкоски додавајќи дека партнерството со НАТО и Европската Унија може да биде силно само ако е рамноправно.

