Црна хроника
Нова измама со лажна сообраќајна несреќа: измамникот глумел лекар
Седумдесет и деветгодишна тетовчанка пријавила дека била измамена од едно лице за сума од 16.000 евра и 10.700 швајцарски франци.
Според пријавеното, лицето ја контактирало телефонски, се претставило како лекар и ѝ кажало дека нејзината ќерка предизвикала сообраќајна несреќа, при што се здобила со тешки телесни повреди и дека треба да плати за неопходната операција. Како што е пријавено, таа парите ги фрлила од балкон на едно лице, а подоцна дознала дека била измамена.
Се преземаат мерки за расчистување на случајот.
Ваков тип на измами честопати го полнат полицискиот билтен. Пред неколку дена, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски заедно со полициски службеници од Одделението за превенција при СВР Скопје реализираа превентивна акција „Внимавај телефонски измами“ насочена кон едукација на нашите повозрасни граѓани кои се најчеста жртва на таквите измами.
Како што соопшти МВР, преку непосреден разговор и делење на едукативен материјал граѓаните беа едуцирани дека најчест вид на измама е измамата со лажна сообраќајна незгода во која измамниците претставувајќи се на телефон како полициски службеник, адвокат, обвинител или доктор ги лажат жртвите дека нивното дете повредило некого во сообраќајна незгода и се обидуваат да извлечат пари од жртвата така што за одредена сума би му помогнале на детето кое е во неволја.
-Измамниците на тој начин се обидуваат да ги злоупотребат повозрасните лица. Денес во градскиот паркот во Скопје успеавме да разговараме со голем број повозрасни лица и да ги информираме за таквите измами и модус операнди или начинот на работа на измамниците. Апелираме доколку некој добие таков повик е потенцијална жртва на таква измама, никако да не дава пари, да го прекине разговорот веднаш да ја повика полицијата на 112 или 192 и да ги извести и своите најблиски – апелираше министерот Тошковски.
Во првата половина на оваа година досега се пријавени вакви 16 настани а за период од пет години досега се расветлени 40 настани, при што се поднесени кривични пријави против 16 лица, за сторени 40 кривични дела „измама“, додека за останатите настани се преземаат мерки за нивно расчистување и поднесување на соодветни кривични пријави.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Црна хроника
Седумдесет и петгодишен маж е најден починат во шахта
Седумдесет и петгодишен маж вчера е пронајден починат во шахта за водовод во гостиварското село Дебреше, информираат од Министерството за внатрешни работи (МВР).
„Вчера попладне С.Р., жител на Дебреше во полиција пријавил дека во шахта за водовод лоцирана во куќата на неговиот братучед го пронашол починат неговиот вујко А.Џ. (75)“, се вели во полициското соопштение.
На местото на настанот, увид извршиле јавен обвинител и екипа на криминалистичката полиција.
Телото на починатиот е предадено на обдукција, со цел да се утврдат точните причини за смртта.
Црна хроника
При контрола на СВР Тетово, одземени ножеви и боксирач од деца
Министерството за внатрешни работи информира дека се одземени ножеви и боксирач од малолетници при вчерашната акциска контрола на СВР Тетово спроведена во периодот од 14:00 до 16:00 часот во угостителски објекти на подрачјето на Тетово.
-При контрола во угостителски објект на улица „Љубо Божиновски Пиш“, кај 17-годишен малолетник биле пронајдени и одземени неколку ножеви и метален „боксирач“. Истовремено, при контрола во објект во склоп на Спортскиот центар, кај двајца малолетници биле пронајдени и одземени ножеви, се наведува во соопштението на МВР.
Од МВР посочуваат дека сите малолетници се приведени во полициска станица во присуство на родители, а по целосно документирање на случајот биле предадени на нивните родители.
Црна хроника
Возач на комбе не забележал човек зад возилото, го удрил и тешко го повредил
Од Министерство за внатрешни работи информираат дека на 30 јануари 2026 година, околу 16:00 часот, во СВР Скопје било пријавено дека во кругот на објект во изградба на подрачјето на Ѓорче Петров се случила несреќа со тешки последици.
Според пријавата, М.Д., управувајќи товарно возило – комбе, при движење наназад не го забележал Д.З. (51) од Скопје, кој се наоѓал покрај ограда зад возилото, при што го удрил. Повредениот се здобил со тешки телесни повреди, кои биле констатирани во Комплексот клиники „Мајка Тереза“.
Од полицијата соопштуваат дека се преземаат мерки за целосно расчистување и документирање на случајот.

