Топ
Нова мигрантска драма во кумановското село Ваксинце – Пакистанци во залошништво држеле мигранти

Нова мигрантска драма деновиве се случувала во кумановското село Ваксинце, каде што две лица од Пакистан во засложништво држеле 19 мигранти.
Полицијата случајот го расветлила денеска, а двајцата сторители се приведени.
Од МВР велат дека се работи на целосно расчистување на случајот по што ќе биде поднесена соодветна пријава.
Пред еден месец во куќа во истото село беа пронајдени 51 мигрант, меѓу кои и 6 малолетни лица.
Вистински хорор во истото село се случуваше и минатата година кога беа затечени државјанин на Македонија и тројца Пакистанци, кои мачеа мигранти во куќа постапувајќи сурово со нив. Според обвинението, тие им давале еден оброк во денот. Мигрантите тогаш беа физички малтретирани, а поради пластичните црни кеси залепени на прозорците, го изгубиле чувството за време и не знаеле дали е ден или ноќ. Жртвите лани во Ваксинце беа тепани со црево од страна на обвинетите, кои со нож им се заканувале дека ќе ги убијат ако не платат или нема да им дозволат да продолжат по мигрантската рута.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Пешаците и возачите на велосипеди и тротинети од денес под нови правила: нема слушалки и телефони

Од денес стапуваат во сила измените и дополнувањата на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата.
Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата потсети дека измените се насочени кон унапредување на безбедноста на најранливите категории учесници и намалување на бројот на сообраќајни незгоди предизвикани од невнимание.
Со новите правила, пешаците ќе мора да преминуваат коловоз и велосипедска патека без користење на слушалки во двете уши, мобилни телефони, таблети, смарт часовници и други уреди кои им го одвлекуваат вниманието.
Исто ограничување важи и за возачите на велосипеди, мопеди, мотоцикли, трицикли и четирицикли, освен ако користат специјализирани комуникациски уреди вградени во заштитни шлемови. Новите одредби ги опфаќаат и возачите на електрични тротинети, на кои им е забрането користење електронски уреди за време на управување.
Советот истакнува дека ваквите измени поставуваат нови стандарди за одговорно однесување во сообраќајот, со цел да се намали ризикот и да се заштитат човечките животи.
„Безбедноста на патиштата е заедничка одговорност на сите нас“, порачуваат.
Според законот, пешаците и возачите на велосипеди, мопеди и електрични тротинети кои користат слушалки на двете уши, телефони и слично при преминување на улица или велосипедска патека ќе бидат казнети со 40, односно 50 евра.
Свет
Трамп: Нема да дозволам Израел да го анектира Западниот Брег

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека нема да дозволи Израел да го анектира Западен Брег, одбивајќи ги барањата на дел од крајно десните израелски политичари за проширување на израелскиот суверенитет врз оваа територија.
„Не, нема да дозволам. Тоа нема да се случи. Доста е, време е ова да запре“, рече Трамп во Белата куќа, објаснувајќи дека темата ја покренал по телефонскиот разговор со премиерот Бенјамин Нетанјаху за состојбата во Појасот Газа.
Притисокот за анексија доаѓа од дел од десното крило на коалицијата на Нетанјаху, кое бара формално воведување на израелскиот суверенитет врз Западен Брег. Овие барања предизвикуваат силна загриженост кај арапските лидери, од кои дел се сретнаа со Трамп на маргините на Генералното собрание на Обединетите нации во Њујорк.
Западен Брег е освоен од Израел во војната во 1967 година. Палестинците со децении го бараат како дел од својата идна држава, заедно со Источен Ерусалим и Појасот Газа. На оваа територија денес живеат околу 2,7 милиони Палестинци и околу 700.000 израелски доселеници. Повеќето земји во светот не ги признаваат израелските населби таму и ги сметаат за нелегални според меѓународното право.
Изјавата на Трамп доаѓа во чувствителен момент на засилени судири во Газа и зголемен дипломатски притисок за изнаоѓање долгорочно решение за израелско-палестинскиот конфликт.
Македонија
До понеделник посвежо време со повремени врнежи, локлно поројни со грмежи и ветер

Времето денес ќе биде променливо облачно и посвежо со повремени врнежи од дожд. Ќе дува умерен до засилен ветер од југоисточен правец. Локално врнежите ќе бидат поројни и пообилни (над 20 l/m²), проследени со појава на грмежи и засилен ветер. Минималната температура ќе биде во интервал од 9 до 18, а максималната ќе достигне од 17 до 24 степени.
Во Скопје, променливо облачно време со повремени врнежи од дожд. Во делови од котлината ќе биде нестабилно со пороен дожд и услови за појава на грмежи. Ќе дува умерен до засилен југоисточен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 17, а максималната ќе достигне до 24 степени.
Под влијание на циклонска активност до понеделник времето ќе биде променливо облачно и посвежо со повремени врнежи од дожд. Локално врнежите ќе бидат поројни и пообилни (над 20 l/m²), проследени со грмежи и засилен ветер. Дневната температура ќе опадне за 8 до 10 степени во однос на денешната.