Црна хроника
Обвинение за разбојник кој на драматичен начин ограбил мобиларница на Бит-пазар
Основното јавно обвинителство од Скопје поднесе обвинение против едно лице кое се товари дека сторило кривични дела разбојништво и тешка кражба.
Како што информираат од обвинителството, на 23 јануари годинава во придружба на уште едно лице, разбојникот влегол во продажен салон на оператор на мобилна телефонија во близина на Бит-пазар и со употреба на сила и сериозна закана по животот на еден од вработените, одзел 96.500 денари.
Обвинетиот претходно ја разгледал поставеноста на безбедносните камери и проверил колку вработени се присутни во продажниот салон, а потоа се обидел да украде изложен мобилен телефон, по што се вклучил безбедносниот звучен аларм.
Во тој момент разбојникот излегол од продавницата и го натерал другиот кој бил со него да ги заменат јакните.
Дополнително маскиран со качулка и марама, се вратил во салонот и извадил пиштол со кој му се заканил на вработениот, побарал од него да ја отвори касата и ги одзел парите.
По овој настан, на 25 јануари годинава во непосредна близина на казино во Бутел обвинетиот со употреба на сила и сериозна закана по животот на една жена ѝ одзел на истата паричник во кој имало лични документи и 200 денари. Притоа вербално ѝ се заканувал за да ја принуди да му ги даде парите и сторил кривично дело тешка кражба.
Ценејќи дека и натаму се исполнети законските основи, надлежен јавен обвинител предложил на обвинетиот да му биде продолжена претходно определената мерка притвор, а лицето кое било со него во првиот настан е ослободено бидејќи не биле пронајдени докази дека е соизвршител во разбојништвото.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Црна хроника
Двајца малолетници без возачка фатени зад волан во Охрид и Струга, одземени автомобилите
Два одвоени случаи на управување возило од страна на малолетници без положен возачки испит се регистрирани ноќеска во Охрид и Струга.
Во 23:40 часот, на пресекот на улиците „Сатеска“ и „Гоце Делчев“ во Охрид, полициски службеници од СВР Охрид при сообраќајна контрола исклучиле од сообраќај патничко возило „фолксваген голф“ со охридски регистарски ознаки. При контролата било утврдено дека возилото го управува малолетник кој нема положен возачки испит и нема стекнато право за управување моторно возило. Во присуство на родител, возилото било одземено, а по целосно документирање на случајот ќе биде поднесена соодветна пријава.
Неколку часа подоцна, на 2 март 2026 година во 01:15 часот, при сообраќајна контрола во струшката населба „Тефериќ“, полициски службеници од ОВР Струга исклучиле од сообраќај патничко возило „мерцедес“ со струшки регистарски ознаки, управувано од малолетник без положен возачки испит. По насоки од јавен обвинител, со малолетникот бил извршен службен разговор, возилото било одземено, а по документирање на настанот ќе биде поднесена соодветна пријава.
Црна хроника
Приведен 15-годишник во делчевско по пријава за обљуба врз малолетничка
На 28 февруари 2026 година во 14:30 часот во делчевско, полициски службеници од ОВР Делчево лишиле од слобода 15-годишник, постапувајќи по претходна пријава од 17-годишна малолетничка.
Според пријавата, откако претходно се договориле да се сретнат, тој извршил обљуба врз неа.
За настанот бил известен јавен обвинител, како и Центарот за социјална работа, а известен бил и родител на малолетникот. Надлежните институции преземаат мерки за целосно расчистување и документирање на случајот.
Црна хроника
Пронајдена граната од Првата светска војна во битолско село
На 28 февруари 2026 година во 09:40 часот во СВР Битола, П.С. од село Добромири, битолско, пријавил дека во дворното место пронашол стара граната.
По пријавата, на местото излегол пиротехничар од Дирекција за заштита и спасување, кој безбедно ја подигнал гранатата. При извршената проверка било утврдено дека станува збор за минофрлачка граната од 75 милиметри, која потекнува од Првата светска војна.
Надлежните апелираат до граѓаните доколку пронајдат сомнителни експлозивни направи веднаш да ги пријават во полиција и да не ги допираат.

