Топ
Обвинение за три лица што тргувале со малолетничка и сексуално ја искористувале

Основното јавно обвинителство денеска до надлежен суд поднесе обвинение против еднa жена за сторено кривично дело трговија со дете, а за истото кривично дело обвинети се и уште две лица што биле корисници на сексуални услуги во истиот случај.
Обвинителството утврдило дека во периодот од почетокот на декември минатата година до 6 февруари годинава во Кавадарци, Радовиш, Штип и село Мислешево, Струшко, обвинетата со употреба на сила, закани и измама ја искористила немоќта на детето кое немало наполнето 14 години.
Жената ја експлоатирала малолетничката за сексуални активности и за паричен или друг надоместок ја превезувала, ја продавала, ја нудела на продавање, ја засолнувала и организирала присилен брак на детето.
Другите двајца обвинети, иако знаеле дека детето е жртва на трговија со луѓе, ја искористувале и му овозможувале на друг повеќекратно искористување за секс, со што го сториле кривичното дело за кое се товарат.
Како резултат за злоупотребата, девојчето останало бремено и било принудено да ја прекине бременоста. Поради постапките на обвинетите, детето во одреден временски период имало нарушена здравствена состојба, душевно трпело и чувствувало физичка болка од нанесени телесни повреди.
Заедно со обвинението, надлежниот јавен обвинител, ценејќи дека се исполнети законските основи, до судот доставил и предлог за продолжување на мерката притвор за тројцата обвинети.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Ахмети го посети семејството на Хашим Тачи: „Ќе го пречекаме како победник на правдата кога ќе се врати“

Лидерот на ДУИ, Али Ахмети на социјалните мрежи објави дека го посетил семејството на поранешниот косовски претседател Хашим Тачи, за, како што вели, да им даде срце и сила на неговите родители и роднини во битката за правдата.
„Нивниот син со пријателите го брани достоинството на ОВК. Правдата одложува, но не заборава. Гордо ќе го пречекаме Тачи со пријателите кога ќе се врати како победник на правдата“, напиша Ахмети на социјалните мрежи.
Хашим Тачи се изјасни за невин на судењето за воени злосторства на Косово, заедно со тројцата други членови на Главниот штаб на ОВК, Кадри Весели, Јакуп Красниќи и Реџеп Селими, на судскиот процес што пред неколку месеци почна во Хаг по речиси тригодишна истрага и повеќе од 20 години од војната.
Тачи се соочува со 10 обвиненија за апсење, убивање и мачење на оние кои се сметале за непријатели, вклучително и Албанци, Срби и Роми, додека се обидувале да ја преземат власта за време на ослободителната војна во 1998-99 година.
Топ
МВР со детали за сообраќајката кај Штип: загинало и малолетно девојче

Меѓу загинатите во сообраќајната несреќа на автопатот Штип-Миладиновци што се случи денес, е и едно малолетно девојче.
Како што објави МВР, покрај девојчето на лице место загинал 62-годишник од Кочани со иницијали В.З., а 37-годишна жена со иницијали С.М. починала во болница.
„Денеска (02.06.2023) околу 12.30 часот на автопатот Штип-Миладиновци, недалеку од место викано „Криви Дол“, се случила сообраќајна несреќа помеѓу патничко возило „тојота лендкрузер“ со кочански регистарски ознаки, управувано од Д.С.(29) од Кочани и „шевролет калос“ со скопски регистарски ознаки, управувано од Д.М.(44) од Скопје. На местото на несреќата починалe В.З.(62) од Кочани и малолетна сопатничка од возилото „шевролет“, а смрт констатирал лекар од Итна медицинска помош. Двајцата возачи, Д.Х.(34), сопатник во возилото „тојота“, С.М.(37) и уште еден малолетен сопатник од возилото „шевролет“ биле пренесени за укажување на лекарска помош во Клиничка болница Штип, каде што и С.М. им подлегнала на повредите“, обајви МВР.
Извршен бил увид.
Македонија
Ковачевски се сретна со американската амбасадорка: Важно е сите политички партии да го поддржат европскиот пат

Претседателот на Владата, Димитар Ковачевски, денеска имаше средба амбасадорката на САД во земјава, Анџела Прајс Агелер.
Kaко што соопштија од Владата, на состанокот станало збор за суштинските прашања во врска со напредокот на Северна Македонија во евроинтеграциите.
Реафирмирана е јасната порака на Соединетите Американски Држави, дека земјава по членството во НАТО, треба да стане членка и на ЕУ, за што, нашата држава има силна и конкретна поддршка од САД.
Нагласено е дека Северна Македонија е фактор на стабилноста и безбедноста во регионот и е посочено на важноста – сите политички партии во државата да го поддржат европскиот пат на државата.
Притоа, изразено е очекувањето дека сите политички лидери ќе го имаат предвид актуелниот контекст на случувања и дека во таа насока и ќе се носат и претстојните политички одлуки во Собранието.
На средбата со американската амбасадорка Агелер, како и при средбата на премиерот Ковачевски со сенаторот Крис Марфи во Скопје и на средбите со високите американски претставници Блинкен и Ескобар во САД, е потврдено искреното долгогодишно пријателство и успешното стратешко партнерство помеѓу Северна Македонија и САД, кое што се развива на принципите на доверба и разбирање.
„Како Влада, ја почитуваме добронамерноста на нашиот голем и стратешки партнер САД, како и на другите пријателски држави, членки на НАТО и ЕУ коишто нè поддржуваат во следниот исчекор во евроинтеграциите, којшто има одредувачка насока кон полноправното членство на нашата држава во ЕУ. Реално е очекувањето тоа да се случи до 2030 година и подготвени сме со уште посилен интензитет да работиме на потребните реформски процеси. Граѓаните заслужуваат да живеат во држава членка на Европа, со европски квалитет на живот и европска иднина за младите, во родната земја“, рече премиерот Ковачевски, на средбата со амбасадорката Агелер.