Црна хроника
Тројца ресенчани обвинети за измама на странски фирми признаа вина
По сеопфатна истражна постапка против четири лица од Ресен, осомничени дека како соизвршители сториле продолжено кривично дело измама, Основното јавно обвинителство Битола до судот достави предлог спогодби за тројца обвинети.
Осомничените на почетокот на оваа година со лажно прикажување факти дека преку правно лице од Ресен може да им продадат земјоделски производи, довеле во заблуда четири правни лица од Словенија, Унгарија, Босна и Херцеговина и од Русија.
„Оштетените правни лица вршеле уплата на договорен износ на сметка на правното лице од Ресен, а осомничените ги подигнувале уплатените парични средства и ги трошеле за сопствени потреби не испорачувајќи ги договорените земјоделски производи“, соопшти Обвинителството.
Во текот на истражната постапка осомничените доброволно им ја надоместиле севкупната штета на оштетените правни лица во вкупен износ од 49.170 американски долари и 17.466 евра.
Тројца од осомничените ја признале вината и побарале да се спогодат со Обвинителството, а еден од осомничените во текот на постапката починал и против него постапката е запрена.
Основниот суд Битола ги прифати предлог-спогодбите и со пресуди на двајца од обвинетите им изрече алтернативна мерка – условна осуда, со што им е утврдена казна затвор во траење од две години, која нема да се изврши доколку обвинетите во рок од пет години не сторат ново кривично дело, а еден од осомничените е осуден на казна затвор во траење од една година и осум месеци.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Црна хроника
Скопјанка со нож нападната од нејзиниот татко
На 02.03.2026 во 18:45 часот во СВР Скопје, 48-годишна жена од Скопје пријави дека околу 15:00 часот во семејниот дом на подрачјето на општина Аеродром била физички нападната од нејзиниот 79-годишен татко, кој со остар предмет и упатувал закани, при што сам се повредил од невнимателност.
Во 20:00 часот, според полицијата, 79-годишен маж од Скопје пријавил дека околу 15:00 часот во семејниот дом неговата ќерка насилно му го одзела мобилниот телефон, при што почнале меѓусебно да се туркаат, а неговиот зет физички го нападнал.
Се преземаат мерки за расчистување на случајот.
Црна хроника
Загина жена од Злетово: ја прегазил „мерцедес“
Вчера во 15:33 часот во ОВР Пробиштип е пријавено дека на ул.„Пониква“ во Злетово, на место викано „Клапчово маало”, Р.З.(50) од с.Неокази, пробиштипско, управувајќи патничко возило „мерцедес“ со пробиштипски регистарски ознаки, удрил во пешакот З.А.(59) од с.Злетово, пробиштипско.
Од здобиените повреди на местото на несреќата починала З.А., а лекар од Итната медицинска помош констатирал смрт.
По наредба на јавен обвинител, телото на почината е предадено на Судската медицина за обдукција.
Полицијата соопшти дека е извршен увид од увидна екипа на ОВР Пробиштип.
Црна хроника
Уапсен Турчин: во патничко возило превезувал пет лица мигранти
Вчера вечер во 23:00 часот на локалниот пат Гевгелија-Граничен премин Богородица, полициски службеници од Полициското одделение за безбедност на патниот сообраќај Гевгелија го лишија од слобода 46-годишниот Ф.С. од Република Турција.
При сообраќајна контрола, полициските службеници запреле патничко возило „дачија“ со албански национални ознаки, кое го управувал, при што во возилото биле затекнати пет лица мигранти, од кои четири лица од Авганистан и едно лице од Турција.
Лицето е приведено изадржано во Полициската станица Гевгелија, а по целосно расчистување и документирање на случајот против него ќе биде поднесена соодветна пријава.

