Топ
Од удар од гром загина 25-годишно момче
Дваесет и петгодишно момче од тетовското село Долно Палиште синоќа загина од удар од гром додека напасувало стадо овци.
„Вчера (18 јули), во 19.25 часот, во СВР Тетово било пријавено дека во месноста Карабунар, атар на тетовски Урвич, бил пронајден починат 25-годишниот Е. О. од тетовско Долно Палиште, кој бил усмртен од удар на гром“, информираа од полицијата.
Смрт констатирал лекар од судска медицина, увид извршиле екипа од СВР Тетово и јавен обвинител по чија наредба телото му е предадено на семејството.
Од удар на гром вчера беа повредени неколку лица на охридската плажа „Оревче“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Студентите што студираат во странство или се прогласени за најдобри, ќе имаат предност за вработување на државните универзитети
Со поддршка од над 60 професори, засегнати институции и установи, претставници на студентите, стручни лица и експерти, Министерството за образование и наука подготви нова законска регулатива за високо образование и наука, од која се очекува да обезбеди поквалитетна академска едукација и да ја поттикне научно – истражувачката дејност во државата.
Денес на прес конференција, министерката за образование и наука, Весна Јаневска, ги презентираше поважните аспекти на новите закони за високо образование, за квалитет во високото образование и науката и за научно – истражувачка дејност, од кои, првите два се веќе објавени на ЕНЕР системот и достапни за коментари и сугестии од јавноста.
„Споделувам убава вест за студентите кои со стипендија од државата студираат на најдобрите 100 светски универзитети или пак студираат во Македонија и се добитници на Инженерски прстен или се прогласени за најдобри студенти на универзитетот – тие ќе имаат предност при вработувањето на државните универзитети, како наставно – научен кадар. Ова е една од новините во Законот за високо образование“, рече Јаневска.
Нагласи дека утврден е нов начин на финансирање на високообразовните установи. Предвидена е развојна компонента и исклучителна компонента за успешност, односно повеќе пари за оние универзитети кои ќе се потрудат да исполнат одредени повисоки критериуми. Ова, како што рече министерката, ќе ја стимулира конкуренцијата, а конкуренцијата носи квалитет.
„Ги зајакнуваме критериумите за напредување во звања на факултетите. Секој кој ќе аплицира за избор во звање – доцент, вонреден или редовен професор, отсега зависно од звањето ќе има обврска до изборот да изработи и објави од 6 до 7 научни трудови, од кои 3 до 4 треба да бидат објавени во списание со импакт фактор од базите Web of science или Scopus. Ова е важно, затоа што светската статистика вели дека за еден универзитет да се најде меѓу најдобрите 1000 на Шангајската ранг листа, треба годишно да објавува најмалку 1200 трудови во списанија со импакт фактор. Нашите универзитети годишно објавуваат помеѓу 300 и 500 трудови и тоа мора да го промениме“, порача министерката.
Информираше дека за професорите кои се затекнати при избор во звања, ќе има олеснувања на постапката, како и дека новиот закон предвидува еден професор да може доживотно да остане во исто звање доколку ги исполнува условите за тоа звање при секој нареден избор.
Еднаш избрани редовни професори во иднина, по усвојување на законот, ќе имаат реизбор по 7 години. Оние кои се веќе се избрани во редовни професори, нема да бидат опфатени со овој закон, а академската заедница станува единствена на целата територија. Мандатот на ректорите ќе биде 4 години, наместо сегашните 3, а се менува и моделот за избор на ректор.
Законот предвидува да се воведат и стручни студии од прв, втор и трет циклус со проодност кон академски студии, како и кратки стручни програми за стекнување на специјалистички знаења. За поттикнување на транспарентноста на работата на државните универзитети, се активираат одборите за доверба со јавноста и советите на универзитетите, кои во минатото не функционираа. Националниот совет за високо образование и наука пак, добива повеќе обврски.
„Платите повеќе не се предмет на дискусија. Зголемени се за 14% минатата година, а зголемен е и буџетот за поддршка на научно – истражувачката дејност од 380 милиони денари во 2024 година, на 773 милиони денари оваа година. Повеќе од двојно“, рече Јаневска.
Паралелно со Законот за високо образование, кој како рече Јаневска, неопходно е да се донесе заради тоа што актуелниот од 2018 создаде повеќе проблеми отколку што реши, се носи и нов Закон за квалитет во високото образование и научно истражувачката дејност, со кој се предвидува реорганизација и заживување на улогата на Агенцијата за квалитет, која во изминатите 5 години постоење, вршеше само акредитација на студиски програми, но не и евалуација.
„Новина е наместо два одбори за акредитација и за евалуација, законот предвидува еден Совет кој ќе работи со стручни комисии. Дефинирање на постапките за евалуација, самоевалуација, акредитација, надзор над работата на високообразовните установи и научно – истражувачките субјекти и така натаму. Анализиравме структури на ваков тип институции во други земји и цениме дека новата организациска поставеност на АКВО ќе даде подобри резултати“, додаде министерката.
Третиот е Законот за научно – истражувачка дејност, кој предвидува типови на научни установи, доделување на средства за научно – истражувачки проекти, финансирање на научни институти и центри за извонредност, јасно дефинирање на постапки за избор во научни звања на истражувачите и слично.
„Законот е во тесна корелација со другите два и оттука, очекувам Собранието одеднаш да ги усвои сите, се разбира по претходно доставување на најдобрите текстови што ќе произлезат од јавната дебата што како Влада ја започнавме во понеделникот. Дебати ќе се одржат и на сите јавни високообразовни установи, а се надевам и на квалитетна дискусија во Собранието“, додаде министерката.
Економија
Угостителите во Македонија за една година ги поскапеа цените за 3,4 проценти
Цените на угостителските услуги во јануари 2026 година се зголемени за 0,2 проценти во однос на претходниот месец.
Во споредба со истиот месец од минатата година, цените се повисоки за 3,4 проценти, сопшти Државниот завод за статистика.
На годишно ниво, односно во 2025 година во однос на 2024 година, цените на угостителските услуги се зголемени за 4,8 проценти.
Во јануари 2026 година, во однос на декември 2025 година, цените по групи се зголемени за: 0,3 проценти кај храна, 0,2 проценти кај алкохолни пијалаци. Кај групите Безалкохолни пијалаци и ноќевања не се забележани промени на цените.
Македонија
СДСМ: Нема одговор како 5 тони дрога поминале преку граница
Нема одговор како 5 тони дрога поминала преку граница – има вистина дека ВМРО го овозможи бизнисот со канабис, велат од СДСМ.
„Помина една недела од објавата на големиот картелски скандал со 5 тони дрога, запленета во соседна Србија која дошла од Македонија. Сè уште нема одговор како 5 тони дрога поминале преку македонската граница? Кој ќе одговара за овој картелски скандал и кој од власта е вмешан? Бидејќи на сите им е јасно, без поддршка на структури во власта, МВР, Царина, невозможно е 5 тони дрога да се шверцуваат преку граница. СДСМ со денови алармира за поврзаноста на криминални структури во Македонија и во Србија. Власта молчи, исто како што молчи за сликите на Мицкоски со криминалецот Симе. Сега граѓаните гледаат медиумска кампања со заплени на канабис и обиди на власта да дефокусира од главното прашање: кој дозволи 5 тони дрогата да помине преку граница?“, велат од СДСМ.
Од таму велат дека законскиот основ за производство на медицински канабис во Македонија го направиле ВМРО и Никола Груевски со измени на Законот на 9 ти февруари 2016 година.
„Првата лиценца за одгледување медицински канабис во Македонија била издадена во февруари 2017 во време на ВМРО. Производството на канабис почнало во мај 2017. Доколку само поради нивната медиумска кампања и сензационализам, се запленуваат и легални количини државата може да се случи на кај државата да плаќа и отштета. Затоа ова бркање вештерки по компании е фарса а истото се случува и во Србија. Целата кампања повторно ја прават по рецептот на Вучиќ – сè е copy-paste“, велат од СДСМ.

