Црна хроника
Отворена истрага за шест лица од Скопје и од Куманово за трговија со дрога
По краткотрајниот притвор и прибирање на сите неопходни докази во оваа фаза, надлежниот јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје денеска и формално отвори истрага против шест лица за неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори.
„Во временскиот период од 01.05.2025 година до 03.07.2025 година, осомничените шест лица заедно, во повеќе наврати со умисла извршиле повеќе временски поврзани дејствија што претставуваат повеќекратно остварување на исто кривично дело – трговија со дрога, искористувајќи ист траен однос и исти или слични прилики. Тие неовластено продавале или заради продажба неовластено држеле наркотична дрога – амфетамин во вкупна нето маса од околу 6,5 килограми, наркотична дрога – марихуана во вкупна нето маса од 257 грама, како и – 98 таблети психотропна супстанца 3,4-метилен-диоксиметамфетамин (MDMA)“, соопшти Обвинителството.
Предистражната постапка против осомничените траела неколку месеци и притоа дел од доказите биле обезбедени со примена на посебни истражни мерки.
На 3 јули сите осомничени беа уапсени во координирана акција, при што по барање на јавниот обвинител, а врз основа на претходно обезбедени наредби од судија на претходна постапка, беа извршени претреси на повеќе локации во Скопје и во Куманово.
При претресите, освен претходно наведената дрога и психотропни супстанции, беа пронајдени и одземени дополнителни количини и пакувања со марихуана, хашиш, амфетамин, кокаин, различни таблети, повеќе дигитални ваги, други предмети и парични средства.
Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје денеска достави предлог за определување мерка ефективен притвор за сите шестмина осомничени.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Црна хроника
Возило „киа“ удрило во пешак во Скопје, жената со тешки повреди
Вчера во утринските часови на улицата Војвода Васил Чакаларов во Скопје се случила сообраќајна несреќа во која пешак се здоби со тешки повреди.
Патничко возило „Киа“, со скопски регистарски ознаки, управувано од 52-годишниот Д.П. од Скопје, удрило во 48-годишната Р.Д., исто така од Скопје.
Од силината на ударот, жената се здобила со тешки телесни повреди и била пренесена во Комплекс клиники „Мајка Тереза“.
На местото на настанот бил извршен увид.
Топ
Обвинение за помагачите во бегството на 18-годишникот што со автомобил усмрти жена на Народен фронт
Обвинителството поднесе обвинение против маж и жена кои како соизвршители се товарат за помагање, во случајот со 18-годишникот од Скопје кој смртно прегази 79-годишна жена на улицата на „Народен фронт“, па побегна од државата.
„Обвинетите, на 9 јануари, заедно со умисла му помогнале да побегне на лице осомничено за тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот и за неукажување помош на повредена во сообраќајна незгода. Со автомобил “Мерцедес” со скопски регистарски ознаки, мажот и жената дошле до домот на осомничениот веднаш по сообраќајната несреќа, го зеле заедно со неговиот татко и преку граничниот премин Табановце ги пренеле во Република Србија. Таму ги оставиле, по што помагачите се вратиле во земјава околу полноќ“, велат од Обвинителството.
Јавниот обвинител, со обвинението, поднесе и предлог за продолжување на претходно определените мерки од судот – притвор за обвинетиот и куќен притвор за обвинетата.
Осомничениот за сообраќајната несреќа со смртни последици се уште е недостапен на органите на прогонот и по него трагаат полициските органи врз основа на издадената наредба за меѓународна потерница од ОЈО Скопје.
Во исто време, обвинителството презема дејствија за испитување на евентуална одговорност и на други лица во овој настан.
Црна хроника
На „Богородица“ откриени службени пиштоли украдени од обезбедувањето на ЈП „Паркови и зеленило“
Девет службени пиштоли биле украдени на 5 јануари од просториите на ЈП „Паркови и зеленило“ во Скопје. Оружјето е пронајдено во автомобил „Шкода октавија“ сопственост на правно лице од Прилеп при царинска контрола на граничниот премин „Богородица“.
Основното јавно обвинителство Гевгелија донесе наредба за спроведување истражна постапка против жител на Прилеп кој на 14 јануари го изнајмил возилото од компанијата и со него се обидел преку граница да ги пренесе полуавтоматските пиштоли, скриени во фабричкиот простор помеѓу лимот и тапацирот на автомобилот.
По сериските броеви е утврдено дека станува збор за оружјето кое претходно било украдено од службените простории на ЈП „Паркови и зеленило“ – Скопје и регистрирано како службено оружје на обезбедувањето во скопското претпријатие.
Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка достави предлог за определување мерка притвор за осомничениот за кривично дело Неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или експлозивни материи од член 396 став 4 во врска со став 1 од Кривичниот законик

